Богатите ги возеле првите „фордови“ кои на скопските улици биле настан

Моќните европски држави веќе сериозно настојувале да ги освојат пазарите на османлиска Турција, а Турција, од друга страна, барала финансиска поткрепа што ќе ѝ овозможи поголема економска стабилност. Со таков мешан капитал била отворена и познатата Отоманската банка, која требало да одговори на овие две тенденции

Индустриското производство и капацитетите во Скопје не заживуваат толку лесно, долг е патот од занаетчиските претпријатија и работилници до индустријата, која ќе биде способна да чекори со модерното време и светските трендови. Почетоците на тие трендови почнуваат некаде во 1880-тите години на 19 век, за полн замав да доживеат во периодот помеѓу двете светски војни, во кој, според истражувачите на оваа проблематика, доминантни се два периода: првиот од 1918 до 1929 година и вториот од 1930 до 1941 година. За тој првичен подем, од втората половина на 19 век, посебен придонес имало отворањето на пругата од Солун до Митровица, во 1873 година, која подоцна била поврзана и со Белград. Моќните европски држави веќе сериозно настојувале да ги освојат пазарите на османлиска Турција, а Турција, од друга страна, барала финансиска поткрепа што ќе ѝ овозможи поголема економска стабилност. Со таков мешан капитал била отворена и познатата Отоманската банка, која требало да одговори на овие две тенденции.

На почетокот на тој процес во Скопје, од покрупното занаетчиство до индустриските капацитети, стоела прехранбената индустрија (мелниците и производството на масло). Развојот се движел во следната насока – од погони на вода и гас-генераторски мотори до посложени технолошки процеси, кои подоцна добиле белези на производство со индустриски карактер: според технологијата и според обемот на производството. Мелници со поголем капацитет се јавиле во втората половина на 19 век. Првата автоматска мелница била на браќата Дапчеви од 1880 година. Познати се и мелниците на Јусуф Морина (1888 г.), во близината на езерцето во паркот. Една од најпознатите е мелницата на браќата Шабан-паша (1896, се наоѓала под Калето), која во 1936 година наполно се автоматизирала, потоа мелницата на Гали-бег од 1908 година (се наоѓала на плоштадот, кај објектот на денешна Комерцијална банка). Подоцна, најпознати се автоматските мелници во Скопје, „Млин Балкан“, автоматската мелница „Вардар“ (1934 г.) итн.

Еден од сопствениците на фабриката за сапун „Аеро“ подоцна „Цветан Димов“ со своето семејство

Во еден ран период, во 1882 година, се случува исклучителен настан. Се оформува фабриката за бонбони, локум и сируп „Европа“. Таа започнува како претпријатие, чии основачи се Теохар Икономов и Пане Димитров од Скопје. До 1930 година претпријатието се водело како фирма „Теохар и Пане“, а потоа го добило називот „Европа“. Пред Балканските војни и за време на Првата светска војна претпријатието доживеало криза поради недостиг од шеќер. Но пред Втората светска војна тоа доживеало вистински подем, прераснувајќи во индустриско претпријатие за шеќерни производи (чоколади, бонбони, бисквити), чие производство изнесувало 1.500 кг дневно. Биле набавени нови, модерни машини и 17 електромотори. Многу интересна историја за раѓањето на скопската буржоазија има пиварската индустрија. Првата скопска пиварница „Бирарија“ е основана во 1905 година, со основен капитал од 8.000 златни турски лири. Еден од основачите, покрај браќата Аџикостови, бил и некогашниот скопски градоначалник Сали-бег Рустембег, кој наскоро се разортачил. Во 1909 година пиварницата купила машини за производство на мраз, а во 1912 година – изгорела до темел. Од тој период, па до 1922-1924 година во Скопје не постоела ниту една пиварница. Тогаш се случил еден интересен феномен – се развила жестока борба која пиварница од поранешна Југославија ќе завладее со скопскиот пазар.

Во 1922 година двајца Чеси, од кои едниот, Карло Хусник, бил претставник на Прашката банка, ја основале Парна пиварница А.Д. Скопје, со основен капитал од 3.000.000 динари. Во 1924 година капиталот се удвоил, но сепак, поради инсолвентност, сопственоста на скопската пиварница преминала на Прашката банка во Белград. Машините биле купени од Германија, а дел од Чехословачка. Интересен е и податокот што го изнесуваат аналитичарите дека годишно пиварницата произведувала 32.000 хл пиво, а „имала и капацитет од 720 тони слад и 1.400 тони мраз“. Фабриката за алкалоиди во Скопје е исклучителен пример за успешно работење уште од основањето, а нејзините производи биле реткост во тоа време. Основачите Филип и Софроние Огњанови, со финансиска помош и на браќата Ледерер, успеале уште во тоа време да ја добијат неопходната концесија, наспроти гигантите како што биле „Каштел“, „Изис“ и „Југофармација“. Само Словенците во тој период имале посебно одделение за производство на алкалоиди.

Во тој подем на индустријата и на буржоазијата треба бездруго да се споменат текстилната индустрија „Тулбент“ на Дикиџијан, фабриката „Армаган“ на Богос Армаганијан, фабриката за сапун „Аеро“ на браќата Јован и Стеван Стефановиќ (подоцна „Цветан Димов“), а тоа се само дел од тогашните и подоцнежните скопски капацитети. Во тој период се изградени и најпознатите скопски градби и палати. На комплексните аспекти на оваа проблематика особено укажуваат инструктивните анализи на Б. Благоев, К. Сидовски, С. Куколеча, М. Савиќ, и др. Во весниците што пред војната излегувале во Скопје можат да се забележат обемни фељтони и анализи посветени на оваа проблематика.