Спомен плоча на Камениот мост во чест на востанието на Карпош / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Љубителите на уметничките приказни велат дека, ако Пиколомини му се одмаздил на Скопје поради Виена, и Скопје му се одмаздило на Пиколомини: генералот бил заразен од чума кога влегол во градот и по неколку дена, на 9 ноември 1689 година, починал во Призрен. Приближно во деновите кога легендарниот востаник Карпош бил погубен во Скопје

Досега главно преовладува мислењето дека во 1689 година австрискиот генерал Пиколомини го запалил Скопје поради чумата што владеела во градот. Тоа е можеби една од главните причини, но не и единствената. Историските и политичките околности во тоа време се толку сложени, така што сведувањето на ова опожарување единствено на мотивот на чумата не е доволно. Постојат уште неколку други мотиви за да се уништи еден толку убав град како Скопје, а тие мотиви би можеле да се подредат на следниот начин:

1. Стратегиско-военото значење што Скопје го имало по победата на австриската војска кај Ниш и нејзиниот поход на југ, кон Македонија, но и земјите кон запад, на Јадранскиот Брег. Евентуалната османлиска офанзива од југот би била неуспешна ако Скопје се уништи и не би можело да се користи како моќна стратегиска база на османлиско-татарските војски, кои би ги гонеле Австријците кон север. Тоа подоцна и се случило, иако Скопје било опожарено.

2. Мотивот за одмазда бил многу силен кај Австријците, бидејќи тие не можеле да заборават дека при опсадата на Виена во 1683 г., но и претходно, османлиите опожариле цели предградија од Виена, кои биле во пламен. Кога Пиколомини и Австријците ја виделе убавината на Скопје, тие го споредиле со Прага, а во него постоеле богатства и артефакти на кои би им позавидел и самиот Рим. И конечно, зошто Пиколомини, ако била во прашање само чумата, уживал садо-мазохистички гледајќи од Водно како исчезнува градот во пламен, уживајќи во музиката од воениот оркестар, кој свирел покрај него? Очигледно, скопската трагедија имала и друга заднина.

Сево ова, но и голем број други мотиви се опишани во мојот роман „Пиколомини пред портите на Скопје“, кој го издаде реномираната издавачка куќа „Три“. Засега, тоа е единствениот роман хроника, кој зборува за палењето на Скопје од страна на Пиколомини во 1689 година. Тешките моменти предизвикани од чумата што владеела во Скопје се опишани во посебно поглавје, „Чума“, од кое овде ќе пренесеме делови, кои зборуваат за големата трагедија што ја преживеал градот со чумата. Во тој дел се мешаат легендите и стварноста, стравот и суеверието, кои не биле присутни само во Скопје туку и во другите поголеми македонски градови, но и пошироко на балканските простори за време на тогашната пандемија. Во тој дел се синтетизирани повеќе легенди што биле запишувани, прераскажувани, но и автентично доживувани.

Чума

„Сега до мене допираа морничавите, продорни гласови на болните од чума во близината, особено од Подградието кое беше веднаш под црквата. Се слушаше избезуменото барање помош, плачот на најблиските по умрените. Чумата земаше сѐ повеќе замав како никогаш досега. Какви сѐ приказни раскажуваа луѓето дојдени во црквата или оние од улицата, и што ли сѐ можеше да се види и слушне за случувањата во градот. Еден длабок машки глас им раскажуваше за чумата на присобраните луѓе од тремот во црквата:
– Се збогати Темјан, мајстор од чаршијата. Мутавџија. Стана најбогат човек во Скопје. Печали од маката на луѓето. Сега има пари да го купи пола Солун и пола Стамбол. – Зошто од маката на луѓето – праша друг глас. – Како зошто, каде живееш ти? Од маката, од чумата. Продава простирки од козјо влакно. Кој седи на козина, нема чума. Чумата бега од козина.

А тој, и од малите мутавџии ги откупува и ги продава козините. – Седиш на козина и гајле немаш – рече друг глас – боцка ако цел ден седиш на неа, ама… Ќе куртулиш… – Кога ноќе, во тишината, ќе се слушнеше лаеж од кучиња, ќе завладееше ужасен страв. Ако кучињата се соберат и завиваат пред нечија куќа, пред нечиј двор, тогаш тешко нему, на домаќинот и на неговите најблиски. Тоа значи дека лошиот ангел, злиот дух влегол во куќата, во семејството… Само кучињата можат да го видат злиот дух. Тој е невидлив за човечко око, и мачете се вие колку што сакате, не ќе го видите… Три бемки, три црни точки на коленото, и готов си – велеше едно момче кое според гласот имаше петнаесетина години – тие се предвесници на смртта. Кога ми ги видоа црните точки на коленото, ме ставија во карантин.

Требаше да седам таму четириесет дена. Ако за тоа време не умрам, можев да се вратам дома. Јас се вратив“.
Љубителите на уметничките приказни велат дека, ако Пиколомини му се одмаздил на Скопје поради Виена, и Скопје му се одмаздило на Пиколомини: генералот бил заразен од чума кога влегол во градот и по неколку дена, на 9 ноември 1689 година, починал во Призрен. Приближно во деновите кога легендарниот востаник Карпош бил погубен во Скопје. Австриската армија преку Косово и Качаничката Клисура, победувајќи го Махмуд-паша, стигнала пред портите на Скопје.

На враќање, преку Водно и Матка, повторно поминала преку Качаничката Клисура. Но сега настанал еден нов историски момент, според своето значење. Многу жители од селата од Скопското Црногорие, но и други места по патот, се придружувале кон војската. Тоа биле големите преселби што се случиле во 1690 г., и подоцна и во годините по 1700-та. Тоа се оние преселби што Милош Црњански ги има опишано во своите романи. Нашата современа македонска литература сѐ уште го чека својот Црњански.

Засега единствен роман-хроника посветен на палењето на Скопје во 17-ти век