Плажата во Ханриево, денес Ѓорче Петров, во периодот меѓу двете војни

Претседателка на скопското друштво на нудистите била познатата дама, секогаш активна и инвентивна, госпоѓа Шана Виќентиевиќ. Дивите плажи на Вардар биле идеално место за нудистите, иако, се разбира, тие ги избирале најскришните и најосамените места, далеку од очите на јавноста. Тоа го правеле и на тајните места на реката Треска. А најчесто со пајтони се упатувале кон Катланово

Високите температури во ова лето 2019-та, повторно нѐ навраќаат кон скопските плажи. Куриозитетен е податокот дека градот Скопје многу рано, уште во периодот меѓу двете војни, го фаќал чекорот со Европа формирајќи први нудистички плажи, залагајќи се на тој начин многу смело за ослободување на телото од традиционалните стеги. Лулката на нудизмот е Германија, каде што првпат нудисти се капеле во 1893 година во Есен. Потоа нудизмот се проширил во Франција и во Англија. Но треба да се знае дека идејата за формирање такви асоцијации била особено поттикната од одржувањето на првите модерни Олимписки игри во Атина. Тогаш повторно заживеал грчкиот култ кон убавината на голото тело. Тој култ бил присутен и кај Римјаните, но и на Истокот, кај Индијците, кои ја имале познатата школа на гимнософи или голи филозофи. Тие ја поврзувале голотијата со една поширока и подлабока духовна практика. Италијанскиот писател Чезаре Павезе со право рекол: „Човекот е единственото суштество што работи за да се облече! Зошто се срамиме од својата голотија?“ Претседателка на скопското друштво на нудистите била познатата дама, секогаш активна и инвентивна, госпоѓа Шана Виќентиевиќ. Дивите плажи на Вардар биле идеално место за нудистите, иако, се разбира, тие ги избирале најскришните и најосамените места, далеку од очите на јавноста. Тоа го правеле и на тајните места на реката Треска. А најчесто со пајтони се упатувале кон Катланово. Таму, на реката Пчиња бил нивниот нудистички рај. По угледот на Шана, во тој клуб на нудистите учествувале личности од познати скопски семејства.

Но во триесеттите години во Скопје се случил еден скандал, кој индиректно бил поврзан со нудистите, а за кој зборувал целиот град. Поточно, скандалот се случил на плажата во Ханриево, денешното Ѓорче Петров. Плажата во Ѓорче Петров се наоѓала во близината на Арифбеговиот јаз, и оттаму, низводно, започнувале другите познати плажи. Местото било многу посетено од капачи, доаѓале млади дами и момчиња со своите друштва, но и цели семејства со децата. Што, всушност, се случило на плажата? Еден млад човек, пред очите на сите присутни, се соблекол гол, и во познатиот нудистички стил, се капел и се сончал како да е сосема сам! Присутните биле вџашени од глетката. Особено, што младиот човек не бил кој било, туку лекар по професија. Него го придружувал еден пријател, кој исто така учествувал во нудистичката сеанса. Двајцата, угол голи, се капеле во Вардар, а потоа се сончале на плажата, заедно со другите изненадени капачи!

Тајните места на Вардар ги користеле нудистите уште пред војната

Ете, како во Скопје многу одамна, дури и пред другите во Европа, започнале сексуалната револуција и борбата против патријархалниот морал и за слобода на голото тело. Младиот лекар-интелектуалец, веројатно сето тоа го смислил за да искаже некој свој интимен револт. Можеби се замислувал во улогата на „гол филозоф“, но таа негова филозофија не поминала толку лесно. Сето тоа се сметало за повреда на јавниот морал, започнале озборувањата, а ниту печатот не можел едноставно да помине преку тој скандал. Се појавиле написи во кои се велело дека капењето и сончањето во костимот на Адам, сепак е премногу: „Покрај сите непријатности, кои илјадници капачи на Вардар ги имаат секојдневно, се јави за нив уште една нова непријатност, една нова напаст во Ханриево, (Ѓорче Петров) каде што секојдневно се капат голем број дами. Напаста се јави во личноста на еден млад лекар и неговиот пријател. Тие, без оглед на присуството на дамите и на децата, се капат и се сончаат во костимот на Адам“. Значи, сосема голи. Критичарите на овој гест нашле допирни точки со нудизмот: „Ние знаеме дека во светот има поддржувачи на голотијата на т.н. нудисти, но, го знаеме и тоа дека сите тие имаат свои клубови со оградени терени каде што се капат и се сончаат, не вознемирувајќи ги противниците на оваа идеја“.

Загриженоста одела дотаму, што се поставувало прашањето, кој гарантира дека сето тоа нема да се повтори. Во написите понатаму се вели: „Знаеме дека треба да се чекори со времето, но во тоа не треба да се претерува. Што може да помине во Париз или во некоја друга европска метропола, не може во Скопје. А во ваква грда форма, не може да помине дури ни таму“.

Но, ете, во Скопје, сето тоа, сепак поминало. Колкава голема била димензијата на скандалот, може да се види ако се направи ваква споредба со денешните состојби. Ако денес, во 21 век, скандал предизвика голотијата претставена во камена пластика изложена јавно во паркот Жена-борец, што да се каже тогаш за „живата голотија“ видена во тоа далечно време? Монокини-костим за капење, со разголени женски гради, првпат се појавил во Мичиген, во шеесеттите години, и предизвикал скандал. Моделот бил приведен од полицијата. Затоа, случајот со голиот маж на плажа, можеби благодарејќи на смелоста на младиот лекар и неговиот другар, го вбројува Скопје во „предреволуционерните“ градови во однос на револуциите што подоцна се случија, а кои ги засегаа токму разголувањето и еротиката, сексот и моралот.