Скопје од пред војната кога се развила кореспонденција помеѓу Томас Ман и професорката на Филозофскиот факултет А.С.Ребац

Приказната се одвива како на филмска лента. Аница Савиќ-Ребац, професорка по класични јазици на Филозофскиот факултет во Скопје, една од најголемите интелектуалки на своето време, ја објавила книгата „Предплатонска еротологија“ во 1932 година. Во тој период, Томас Ман ги вршел подготовките за посочениот роман, а еден негов дел бил објавен во германските списанија, со кои Аница Ребац дошла во контакт

Германскиот писател и нобеловец Томас Ман не само што имал жива кореспонденција со Скопје пред војната туку тој, што е навистина куриозитетно, во еден свој роман директно се инспирирал од книга печатена во Скопје 1932 г. Станува збор за еден од најголемите романи на светската книжевност, тетралогијата „Јосиф и неговите браќа“, работен според мотиви од Библијата. Инспирацијата и неговото одушевување од книгата печатена во Скопје оделе дотаму, што тој во клучните места на романот навел пасуси и идеи од скопското издание. Како се случило Томас Ман да развие жива кореспонденција со Скопје, и да се заинтересира за книгата од античката естетика и митологија?

Приказната се одвива како на филмска лента. Аница Савиќ-Ребац, професорка по класични јазици на Филозофскиот факултет во Скопје, една од најголемите интелектуалки на своето време, ја објавила книгата „Предплатонска еротологија“ во 1932 година. Во тој период, Томас Ман ги вршел подготовките за посочениот роман, а еден негов дел бил објавен во германските списанија, со кои Аница Ребац дошла во контакт. Таа и самата го преведувала Ман од германски, а под преводот секогаш стоело дека тој е објавен „со дозвола на авторот“. Тоа значи дека кореспонденцијата меѓу нив постоела многу одамна, но најинтензивна била во 1937 година. Во своето дело, развивајќи го мотивот за античкиот бог Ерос, Ребац ја развивала тезата дека божествената светлина се изедначува со убавината, таа е рамна на убавината. Богот Ерос минува низ најразлични модификации, како Пртотогонос, првородена светлина од пламенот, потоа Калисто како светлосно божество, и Фанес како посебен израз на божјата светлина. Но едно е сигурно и недвосмислено: убавината е посебно обележје на божествата на светлината, односно дека тие се најубавите суштества! Освен тоа, светлината поседува троединство: убавина, љубов и сознание!

Аница Ребац знаела дека во тој момент оваа проблематика го интересирала Томас Ман. Но заради надминување на јазичката бариера и можноста големиот писател да го прочита нејзиното дело, таа го превела првиот дел „Калисто“ од својата книга „Предплатонска еротологија“, и го објавила во германско списание. Потоа, направила посебен сепарат, и му го испратила на Томас Ман. Сепаратот што го примил тој од Аница, денес сѐ уште постои во Архивот на Томас Ман во Цирих. Писателот бил воодушевен од тезите на Ребац, и врз тој нејзин труд правел белешки со црвен и со син молив. Но уште повеќе од тоа, тој одлучил некои делови од „Предплатонска еротологија“ да ги вклучи, на еден поетски модифициран начин, во својот генијален роман „Јосиф и неговите браќа“.

Така, оваа „скопска врска“ профункционирала на најдобар можен начин. Делот од книгата на Ребац, Томас Ман го вметнал во оној дел од романот каде што младиот фараон Енхатон ѝ се обраќа на својата мајка за да го опише изгледот на Јосиф, кој штотуку се појавил пред нив, а фараонот бил изненаден од неговата убавина. Занесен и егзалтиран од Јосифовата убавина, фараонот вели: „Зар не е прекрасен и убав како бог на светлината, мамичке?… Убавите можат да се наречат миленици на светлината… А светлината е убавина, како што се убавина и вистината и знаењето, а средството со кое се остварува вистината, тоа е љубовта“. Истражувачите велат дека овие зборови се поетска инкарнација на учењето на Ребац за Еросот, и исклучителна, духовна средба меѓу двајца творци.

Настојував да дознаам во која печатница во Скопје е објавена оваа значајна книга. Во оригиналното скопско издание на „Предплатонска еротологија“ од 1932 г. стои дека таа е печатена во графичко-индустриско претпријатие „Крајничанец“. Која е печатницата „Крајничанец“ и каде таа се наоѓала? Ова е уште една можност да дознаеме нешто повеќе за печатарството во Скопје. „Крајничанец“ е познато графичко претпријатие меѓу двете војни, кое печатело книги и други материјали, а поседувало и книжарници. Претпријатието го основале велешките браќа Тодор и Коста Крајничанец, кои во Скопје се доселиле во 1921 год., а подоцна им се приклучил и Лазар Крајничанец. Во 1929 год., формирано е акционерско друштво со основен капитал од три милиони динари.

Томас Ман

Повеќето од старите скопјани ми потврдија дека објектот на печатницата се наоѓал во центарот на градот, во близината на киното „Култура“. Професорката Басотова, чиј татко е еден од основачите на печатницата „Немања“ (подоцна „Гоце Делчев“), ми раскажуваше дека биле семејни пријатели со Крајничанец, кои имале сопствена куќа на Илинденска. Но во кој дел од Скопје живеела славната Аница Ребац? Тој податок го открив според кореспонденцијата што таа ја водела со Томас Ман. На големиот писател Аница секогаш му се обраќала со „Високо почитуван маестро“. Во заглавието на писмото го ставала името на градот Скопје, а на крајот се потпишувала, и ја наведувала улицата на која живеела – Кралица Марија бр. 3, подоцна улица Илинденска.