Еден од големите слетови на просторот на Клиничкиот центар

Скопски легенди

Многу специфики и интересни детали од старо Скопје денес се заборавени. Она што некогаш било сензација, забава, традиција, популарно собиралиште, денес е останато во сеќавањата само на највозрасните генерации, и тоа од нивната најрана детска возраст. Од денешен аспект се чини неверојатно како некогаш изгледала топонимијата на градот. Просторот на Клиничкиот центар денес е речиси во центарот, а некогаш бил далечна периферија. Слично како и некои од пределите на паркот, Чаир или Кисела Вода. Походот на урбаното и модерното време си го чинел своето. На просторот на Клиничкиот центар некогаш се одело на излет, или на одбележување на некој верски, народен празник. Особено што на тој празен простор на падините на Водно се наоѓало Тасиното чешмиче, кое било особено популарно, а постои и денес.
Но најважниот белег на тој простор го давале спортските игри и традиционалните слетови што се одржувале тука. На некои од тие настани присуствувале и до 15.000 гледачи. Особено е занимлив податокот дека импровизираните седишта и главната трибина биле поставувани на ридот веднаш до чешмичето. Оттаму се отворал целосен поглед врз празниот простор кон градот, со малобројни објекти и ретка населеност. На некои од фотографиите, во далечината, се наѕира објектот на познатиот Млин Балкан. Слетовите и спортските игри, кои најчесто биле проследени и со народни песни и игри, биле во организација на Соколското друштво од Скопје. Што претставувале соколските друштва и на кој начин тие функционирале?

Соколите биле многу популарни, а ги имало насекаде на просторите на предвоена Југославија. Целта на тие друштва била „да развива телесно здрави и морално силни поединци, со паралелно воспитување на телото и душата“, а член можел да биде секој „дораснат и непорочен граѓанин“. Посебна улога играл соколскиот подмладок, како перманентна обнова на духот на соколството. Овие друштва биле помагани од државата, биле финансирани нивните активности, се граделе соколски домови и спортски сали. Некои од нив се зачувани до денес. И во Скопје постоеше соколски дом, познатата „Соколана“ во Пајко Маало, во близината на училиштето „Кирил и Методиј“ и остатоците од црквата „Св. Богородица“. Зградата функционираше до скопскиот земјотрес во 1963 година. Се разбира, тоа беше во времето кога соколските друштва одамна не постоеја и заминаа во историјата.
Соколските друштва постоеле и пред Првата светска војна, иако нивната работа се интензивирала по војната. Во Скопје во 1923 година се формирало ново друштво, кое го носело името „Крали Марко“. Такви друштва постоеле во самиот град, но и во околината: во Драчево, Горно Лисиче, Синѓелиќ, Кучково, Бразда, Чучер, Мирковци, Раштак. Новиот соколски дом во Пајко Маало бил свечено отворен на 20 декември 1931 година. По свеченото отворање се организирала игранка, а ученичките по домаќинство од Учителската школа во Идадија подготвиле „бифе“, со одбрани пијалаци и јадења. (Пред земјотресот, по часовите, одевме во дворот на „Соколана“ да го гледаме особено популарниот ракометар Кратовалиев како тренира со своите соиграчи.)

Голем број гледачи присуствувале на спортските игри

Претходно, во 1928 година, градот Скопје бил домаќин на шестиот покраински слет на Југословенскиот соколски сојуз. Тогаш просторот кај Клиничкиот центар бил преполн со учесници на слетот, спортисти, игроорци, луѓе од јавниот и културниот живот. Импровизираните седишта и трибините кај Тасиното чешмиче биле преполни со љубопитници. Постои и податок дека во рамките на оваа манифестација бил одржан и кошаркарски натпревар помеѓу екипите на Загреб и Белград.
Просторот кај Клиничкиот центар има многу интересна урбана историја. Во времето кога се одржуваат спомнатите слетови и игри, на таа површина имало само неколку објекти. Еден од првите е Тропскиот институт, бидејќи по војната владеат маларични болести, се отвораат институции и се бараат стручни лица за сузбивање на болестите.

Во еден од тие проекти е вклучена и Рокфелеровата фондација, а членови на таа фондација, меѓу кои е и еден од Рокфелерите, го посетуваат Скопје. По Првата светска војна, користејќи ги германските репарации, на тој простор се градат Декеровите бараки, кои исто така биле еден вид помош за справување со болестите. Малку е познато дека тие Декерови бараки што се импозантни по својата градба, постојат и денес во рамките на Клиничкиот центар, во близината на училиштето „Панче Караѓозов“.
Исто така, две други личности се посебно значајни за овој период. Хрватот Златар, кој бил потпретседател на тогашната влада, ги помагал сите овие проекти од медицината и често престојувал во Скопје. Другата значајна личност е доктор Станко Караман, биолог, кој во Скопје најпрвин дошол во 1923 година во врска со маларичните болести. Подоцна, во 1926 година, тој ги формирал скопската Зоолошка градина и Природонаучниот музеј.