Ротацијата во „Гоце Делчев“ со печатени броеви на „Нова Македонија“

Некои слики не мора да бидат од далечната историја за да ни бидат драги и привлечни. Но денес сме ги заборавиле и ретко ни се враќаат во сеќавањето, освен кога ќе ги видиме

Постојат многу скопски амбиенти и слики што денес се заборавени. Тие потсетуваат на едно време и на едно Скопје што ни е драго и во кое сме поминале дел од животот, од детството или младоста. Но постојат и многу други заборавени слики што не биле дел од нашето време, но се во истиот оној амбиент што ние го познаваме. Само други се зградите, ги нема дрворедите со липи или костени, улицата е иста, но модернизирана, исчезнала калдрмата, а на нејзиното место е поставен асфалт. Така започнува играта на сеќавањето, како во прозата на Данило Киш и Марсел Пруст. Ги слушаме дофрлувањата и вревата од детските гласови при играњето мал фудбал, тивкиот звук од ударите на стаклените џамлии, врелата калдрма што пече под босите нозе, сладоста на парчето леб премачкано со маст што се топи на сонцето и со вкус на црвен пипер, џебовите преполни со сливи, подоцна и кајсии од околните дворови. Сѐ уште го чувствуваме мирисот на камилицата што ја беревме на падините на Калето, ја сушевме на мушами, а потоа ја продававме во откупниот центар на „Билка“ во чаршија. Тоа беше џепарлак за во киното „Напредок“, и „Братство“, за во киното „Младина“ или „Куклениот театар“.

Но постојат и амбиенти и слики што ни се само делумно познати, бидејќи се фотографирани пред многу, многу години. Тие фотографии дејствуваат уште понеобично и поегзотично и ни го прикажуваат градот во една чудесна, бајковита атмосфера. Најчесто такви се фотографиите од Скопското кале. Денес ни изгледа сосема невообичаено времето кога тврдината била преполна со објекти. Воени касарни, болници, музеи. Интересно е, на пример, дека не може да се одгатне што точно претставувале тие објекти. Местоположбата на зградите, а и самата нивна форма, колку што е привлечна, толку е и загадочна. Една таква куриозитетна фотографија е од источната страна на Калето, онаа што гледа кон „Рубин-кармин“. На неа своевремено ми укажаа моите пријатели од Музеите на Македонија.
На таа фотографија се гледа некоја господа монденски облечена (како да се насликани со сликарските четки од 18 и 19 век), како се симнува низ удолницата, веројатно излегувајќи од Источната порта.

Над нив се издигаат повеќе објекти блескави, со впечатлива белина, и со мали архитектонски украси што го привлекуваат вниманието. Главно се простираат помеѓу четириаголната кула што постои и денес. Оваа егзотична фотографија е направена за време на балканските војни, објектите постоеле за време на Првата светска војна, а урнати се во годините по нејзиното завршување. Најверојатно станува збор за болнички сместувачки простори, бидејќи повеќе документи говорат токму за тоа, а служеле и за друга намена.
Некои слики не мора да бидат од далечната историја за да ни бидат драги и привлечни. Но денес сме ги заборавиле и ретко ни се враќаат во сеќавањето освен кога ќе ја видиме фотографијата. Постои една таква фотографија од старите печатарски ротациски машини на која се печателе весниците во 1950-тите години.

Стариот Луна парк се наоѓаше на просторот кај езерцето

Со такви и слични печатарски машини имавме можност да се запознаеме во годините по скопскиот земјотрес како млади новинари. Иако работевме во младинските весници, моравме повремено да дежураме во печатницата „Нова Македонија“, да внимаваме на целиот процес на печатење на весникот во кој работевме. А во тие млади луди години, колку што внимававме на печатењето, толку и седевме во славната боемска кафеана „Букет“. Тешко е да се споменат сите тие големи боемски и новинарски имиња. Сепак, бевме во друштво со Бранко Заревски, Атанас Бабата, Климе Мазов, Бранко Варошлија, бевме со Кавалот, со Радe Огњановски, Верољуб Андоновски, Бане Ковач, Душко Родев, Цветко Мартиновски, Младен Туниќ, Гаврош, Киро Чауле, а доаѓаа и уметници од сите фели, Глигор Чемерски, Жоро Божиков, Димитар Гешовски. Тогаш започнавме да ги објавуваме и првите песни во „Колибри“, кај Евгенија Шуплинова. Во вечерните часови веќе бевме долу, во ротација, која се наоѓаше на првиот кат, чиј раководител го знаевме само по прекарот Црвот. Малку е познато дека весникот „Нова Македонија“ во 50-тите години се печател во „Гоце Делчев“. На сето тоа нѐ потсети фотографијата од старата ротација од оваа печатница, со „свежи“ броеви од весникот.
Ќе потсетиме уште на две стари фотографии што ги возбудуваат нашите спомени: на улицата Никола Вапцаров се наоѓаше контролната станица на познатото рели „Монте Карло“, кое минуваше низ Скопје, а за што посебно се грижеше АМСМ. Другата фотографија е од лунапаркот кога тој се наоѓаше покрај езерцето во паркот и малата зграда до него, која денес, за жал, е во руини. Може да се види со каков ентузијазам момчињата од мојата генерација ги возат автомобилите. А на зградата пишува – „Млечен ресторан“.

На улицата „Никола Вапцаров“ беше контролната станица на познатото рели „Монте Карло“