Бит-пазар крие многу стари тајни

Еден запис вели дека на просторот на „Идадија“ пред повеќе години е најден дел на мермерен олтар од средновековна црква. Зар е можно тоа? Како се нашол тој на десната страна на Вардар, фрлен како најобичен отпад? Постојат случаи кога вредни материјали се пронајдени во контејнер

Многу наши сограѓани скопјани често ме прашуваат дали некој необичен податок или приказна што ги слушнале се вистинити, бидејќи тие се толку необични што дејствуваат неверојатно. Со својата богата историја и култура, Скопје е град во кој денес на необичен начин се мешаат историјата и минатото, археологијата и современите градби. Врз некој дамнешен објект, стар неколку века, наеднаш ќе никне нова градба. Многу често сигурно минувате покрај артефакти за кои не знаете дека се вредни и му припаѓаат на далечното минато и се стари со векови. Постојат многу анегдотски и речиси неверојатни приказни и ситуации. Некој ќе помисли дека станува збор за мистика и тајни знаци, а некој за игра на случајноста. Сепак, станува збор за непобитни факти. Затоа, да се навратиме на некои од тие необични случки.

Еден запис вели дека на просторот на „Идадија“ пред повеќе години е најден дел на мермерен олтар од средновековна црква. Зар е можно тоа? Како се нашол тој на десната страна на Вардар, фрлен како најобичен отпад? Постојат случаи кога вредни материјали се пронајдени во контејнер, како на пример драгоцените премери и снимки од планот на Скопје од 1929 година. Или, ваков, уште поинтересен случај – многу стар натпис, мермерна плоча што постоела на Калето, е пронајден во дворот на една скопска куќа. Таа плоча служела како подлога за бришење чевли пред влезот. Неверојатно но вистинито. Поради избришаните букви, подоцна специјалистите едвај успеале да ја прочитаат. Станувало збор за многу стара плоча, уште од времето на Пиколомини. Датирана е од 1699 г., а зборува за реконструкција на Калето по заминувањето на австриските војски од Скопје, како сведоштво за „обновата на тврдината што се изградила цврсто“. Денес, во темелите на една стара куќа во чаршијата, видливо е вградена надгробна плоча со арапски натпис. Тука најверојатно било нечие вечно почивалиште. Или таа плоча тука само е донесена и вградена во темелите на куќата?

А кога сме кај необичните ситуации, да наведеме еден карактеристичен денешен пример. Сите добро ја знаеме пластичарската улица, но не знаеме што сѐ крие таа. Односно што јавно, како на изложба, покажува, а ние не го гледаме. Таму нема да купите само пластични производи и други потреби за домаќинството. На самата улица се изложени артефакти од 15 век! Луѓето ги изложиле за да го украсат просторот, веројатно и не знаејќи за што станува збор. А оние што би знаеле, сигурно би ги однеле со себе артефактите, за да си го украсат дворот или да уживаат во историските реткости. Имено, на самата улица е изложена мермерна курна, извонредно обликувана со резба во камен, која потекнува од амам од 15 век. На улицата сето тоа е измешано во вид на изложба од мермер и пластика или, што би рекле експертите, станува збор за мермерна пластика. Меѓу малите куќички и доградени дуќанчиња, сѐ уште ѕирка со своите ориентални облици стариот објект, како да доаѓа од „Илјада и една ноќ“. Тоа е објектот на амамот наречен „Кара капиџи“, кој се наоѓал наспроти денешната Алаџа-џамија на Бит-пазар. Од поодамна, кога е руиниран, тој амамски простор служел за станбен простор, а денес е адаптиран, замислете, во продавница! Старите скопски маала сѐ уште кријат тајни, сѐ додека наскоро низ нив не поминат булевари, а новите згради во нив веќе никнуваат. Но приказните остануваат. Иако велиме дека Старо Скопје не постои, сепак неговото срце сѐ уште е длабоко заклучено во тие маала, кои му пркосат на времето.

Изгледот на скопскиот плоштад во 20-тите години на минатиот век

Покрај Универзитетскиот комплекс секојдневно минуваат многу студенти. Но ретко кој знае дека старите урнатини на тој простор се од амамот „Стара Нова бања“, кој работеше до пред скопскиот земјотрес. Скопје бил град на карвансараи. Денес, ако минувате на улицата наспроти Исабеговата џамија (улицата Отокар Кершовани), ќе забележите една нова зграда. На тоа место до пред неколку години постоеја остатоци од простории и огромни стари ѕидови. Тие дебели ѕидови речиси два метра во широчина, беа остатоци од карвансарајот „Капиџи-Баша Синан“, кој датира дури од првата половина на 15 век. Во тие стари, карвансарајски простории пред земјотресот живееше мојот маалски другар Џенгис (Џенго). Во една од скриените прегради во просторијата каде што спиел, пронашол стар османлиски меч стар неколку века. Во Скопје и ден-денес се живее во такви стари вековни простории, кои се современо доградувани, но чија старост и патина не можат да се скријат. Тоа е една од необичните скопски карактеристики. Такви ретки простории, односно објекти, постојат и денес, особено околу Јајапашината џамија. Некои објекти и симболи во чаршијата и во градот полека исчезнуваат под налетот на новото време, но добро е тие да се зачуваат, за утре нивното постоење да не ни изгледа неверојатно!