Најславниот светски археолог бил во Скопје и трагал по Јустинијана Прима

Скопски легенди

Деновиве е актуелна плочата испишана на латински јазик пронајдена во „Чифте-амамот“. Тоа повторно нѐ враќа во времето кога еден од најславните светски археолози бил во Скопје истражувајќи ги неговите стари споменици. Тоа е Англичанецот сер Артур Еванс, археолог, антрополог и лингвист, кој допатувал во текот на 1883 година. Тогаш со Скопје и со скопскиот округ управувал познатиот Фаик-паша. Тоа е оној истиот паша што во Маџир Маало во тие години ја изградил истоимената џамија, која постоеше до 1989 година. Престојот на Еванс и неговите истражувања претставуваат исклучителна чест за градот, бидејќи тој е човекот со светска слава, кој ја открил палатата на кралот Миној во Кносос, на островот Крит. Тоа негово откритие одекна сензационално во светот и оттогаш сер Артур Еванс се смета не само за еден од најпознатите и најславни археолози, туку и најзаслужните луѓе во светската култура воопшто, на преминот од 19 во 20 век. Но пред да го направи епохалното откритие, тој престојувал во градот на Вардар, детално интересирајќи се, пред сѐ, за римските и византиските градби во него.

Сметал дека можеби во темелите на тие градби се крие славниот град Јустинијана. Треба да се истакне дека слична таква теза поставил и рускиот научник Јастребов, кој престојувал во Скопје неколку месеци пред Еванс.
Еванс посебно ја истражувал Скопската чаршија бидејќи таму наишол на повеќе стари градби, кои го привлекувале неговото внимание. И не само тоа. Тој бил меѓу првите истражувачи што ја поставил тезата дека токму тука, во подградието или подоцна чаршијата, треба да се бара исчезнатиот град. Посебно се заинтересирал за градбата на Безистенот во чаршијата, бидејќи сметал дека тој потекнува од византискиот период. Тогаш Безистенот бил во урнатини останати уште од времето кога Пиколомини го запалил Скопје. Еванс бил одличен цртач и, за среќа, ги насликал урнатините од оваа скопска градба. Тие урнатини подоцна се отстранети, и врз старите темели изграден е нов, денешниот Безистен. Можеме да си ја претставиме таа исклучителна слика, кога славниот Еванс, седнат во еден агол од чаршијата, со блок в раце, ги слика остатоците од стариот Безистен. Него го изградил Исхак-бег, заповедникот на Скопје, во 15 век. Подоцна, по престојот на Еванс, тој е возобновен. Од старата градба зачуван е само дел од надворешен ѕид. А токму во таа 1900 година, кога се поставил натписот на новиот Безистен во Скопје, Еванс го направил своетo епохално откритие на Крит.

Какви тајни крие Чифте амамот

Посебен интерес во Скопје кај него предизвикале старите амами, и монументалното здание на „Куршумли-ан“. Најпрвин, тој сметал дека „Куршумли-ан“ потекнува од византиското време, за по деталните истражувања да заклучи дека е граден во турскиот период. Во своите подоцнежни записи Еванс вели: „Кога човек ќе прошета покрај обраснатите куполи на скопските амами или покрај старите зданија од тули и камен како што е ’Куршумли-ан’, може погрешно да поверува дека тоа се оние бањи и пазаришта со кои Јустинијан го украсил својот сакан град. Но повнимателното изучување на тие зданија со византиски стил, покажува дека се градени подоцна од турските завојувачи“. Но се поставувало прашањето што кријат тие зданија во своите темели. Речиси е неверојатно колку многу Еванс истражувал во Скопје и во неговата околина. Еве неколку примери: тој точно ја прецизирал местоположбата на Скупи на утоката на Лепенец во Вардар и кај селото Злокуќани.

Укажал на значењето на Скопје како град: „Ако ја разгледате местоположбата на Скопје“, пишува тој, „ќе видите дека овој град во старо време имал исклучителна позиција, како од стратегиски така и од трговски аспект“. Со особено внимание го истражувал акведуктот, а во лозјата на селото Кучевиште открил стара римска гробница, и сметал дека сиот тој крај бил всушност место за одмор и летен престој на видните граѓани од Скупи. Ги посочил и првите епископи на овој град.
Еванс ги истражувал римските остатоци на Зајчев Рид, локалитетите Давина и Кула кај селото Чучер, тврдините на Водно, во Говрлево открил римски камени фрагменти, ги истражувал црквите кај Матка и Шишево, пронашол мермерна плоча со натпис во слава на императорот Галиен, подигната од граѓаните на Скупи.

За да ја потврди тезата дека царот Јустинијан потекнува од овие краишта, Еванс отпатувал во селата Таор и Бадер, каде што открил траги од Четирикулието (Тетрапиргија), за која зборува хроничарот Прокопиј. Ако тие податоци се точни, тогаш, според неговите претпоставки, Скопје мора да ја крие тајната на Јустинијана Прима. Иако постојат и разни други хипотези за постоењето на овој град, истражувањата на Еванс биле особено значајни и поттикнувачки. Новооткриената плоча во „Чифте-амамот“ нѐ потсетува токму на богатата историја на Скопје, која перманентно нѐ изненадува со нови артефакти, инспиративни за понатамошни анализи.