Денешната улица Македонија во 30-тите години

Многу нови генерации минувале низ тие стари маала и куќи. А ако утре ништо од сето тоа не остане, тоа ќе биде крај на нашиот допир со материјалните артефакти. И не само со нив

Делови од старите маала во Скопје останаа по земјотресот. Тие маала не исчезнаа сосема. Некои од куќите, со искривените, дрвени прозорци и порти и денес се исти како некогаш. Бојата им е сронета, егзотичните, стари удиралки стојат на портите во вид на дланка или тупаница, небаре некој штотуку не тропнал за да влезе внатре. Во тие стари маала или нивните остатоци главно владее тишина. На некогаш раскошните балкони, кованото железо сѐ уште постои, потемнето, нагризено од патината на времето. Обликот и денес му е привлечен, и потсетува на некоја љубовна романса од минатото. Саканата стои на балконот или зад прозорецот, а тој е долу со музикантите и пријателите. За миг ќе ви се пристори дека ја слушате и песната од серенадата и звукот на пролетното ветре што шета по калдрмата. Истата онаа калдрма од можеби пред еден век. Некој денес ја асфалтирал до половина, па се премислил. За среќа. Наеднаш, некој ќе излезе од куќата и ќе ве исплаши, бидејќи мислите дека во неа никој не живее.

Не, старо Скопје не исчезна наполно, во рудиментарна форма маалскиот живот на некои места сѐ уште пулсира, иако не толку забрзано како порано. „Зошто сте го направиле тоа“ му велам на човекот што излезе од една стара порта „дојдов да ја фотографирам најубавата стара куќа, а вие сте ја бојадисале“. Не да ја бојадисал бела, туку ја направил како велигденско јајце пред фарбање. Ѕид ѕидосана, вар варосана. „Е, сега е убава“ ликува човекот „да ти е мерак да влезеш во неа“. Не се разочарав, тргнав по другите стари куќи што уште ги има. Така беше порано, но не и денес. Поводот за овој текст не е случаен. Според новите планови и урбанистички замисли, старите маала, поголемиот дел од нив или целосно, ќе исчезнат. Тоа е она старо Скопје, кое во делови постоеше повеќе од педесет години по скопскиот земјотрес. Ќе се измени конфигурацијата на тие простори и објекти, бидејќи е невозможно со години да се живее во супстандардни услови. Сепак, она што е највредното, најкарактеристичното треба да се зачува. Како? Може ли нашата љубов да го спаси Скопје, да остане дел од оној драг и незаборавен град? Нашата љубов кон градот може да зачува барем карактеристични делови од маалата. А љубовта кон градот значи: првите маалски љубови, првите игри, дворовите, правта од калдрмата, мирисот на едно далечно време, делови од старата маалска архитектура, која нема безмилосно да се уништи. Па макар таа да се видоизмени низ еден современ лик, кој ќе ги носи белезите на старата. А она што денес се гради низ маалата, не го ветува тоа.

Многу нови генерации минувале низ тие стари маала и куќи. А ако утре ништо од сето тоа не остане, тоа ќе биде крај на нашиот допир со материјалните артефакти. И не само со нив. Видете што се случи со Дебар Маало, видете што се случува со експанзијата на новите градби во Маџир Маало. Куќата како дом, како интимно прибежиште, најмногу нѐ одредувала и нѐ одредува нас самите како човечки суштества. Затоа треба внимателно да се однесуваме кон куќите. Така вели францускиот филозоф Гастон Башлар. Куќата е таа што ги формира нашите погледи, нашите чувства, нашите односи кон луѓето и кон светот. Затоа куќите во кои сме живееле, во кои сме израснале ни се толку драги, тоа не е случајно. Само нашата љубов може да го спаси Скопје, за да се зачува барем дел од старото, ако и тоа наполно не го урнеме. А нивното исчезнување, е еден вид исчезнување на човекот.

„Сликата на куќата станува топографија на нашето интимно битие“ вели филозофот „И нашата душа е еден дом. Сеќавајќи се на куќите и просториите во нив, ние се навикнуваме да живееме во себе… Какво се богатство на психологијата се крие зад нивните брави“. Нашата љубов треба да ја зачува токму таа психологија, која нѐ градела како личности. Старо Скопје и некои стари маала сѐ уште постојат, иако полека исчезнуваат. Тие во себе кријат многу тајни, приказни и љубови. Ние треба да направиме историја од нив, тема, препознатлива традиција, онака како што тие го заслужуваат тоа. Сите тие се разнебитени домови и интимни приказни, кои зборуваат за љубовта и величествената слика на саканиот дом. Приказна за еден живот и за една традиција. А што навистина се случува? Едната од поголемите градби, Арапската куќа, со години не е во функција и задушена е од околните згради. Другите две, палатата Шкаперда и Македонска куќа се одамна отуѓени живеалишта, кои ги користат амбасадите.

Млади маџирмаалки од периодот меѓу двете светски војни

Арапската куќа е сведок за љубовната приказна меѓу скопскиот трговец со текстил Дикиџијан и убавата Агавни. И палатата Шкаперда била градена како свадбен подарок за обожаваната Аглаица во 1932 година. Македонска куќа била топол дом и љубовно гнездо на еден од најпознатите градоначалници на Скопје во 1930-тите години Јосиф Михајловиќ, а потоа таа перманентно е разнебитувана и отуѓувана.
Старо Скопје, кое полека исчезнува, сѐ уште се препознава по домовите, меѓу кои постојат и оние што се стари речиси сто години.

Нивниот мирис, нивната боја и шарм сѐ уште можат да се почувствуваат во Ново Маало, Чаир, во делови од Крњево, Маџир Маало, Црниче, Пошта Маало, Буњаковец, Кисела Вода, Водно, Гази Баба, чаршијата… Делови од нив, како урбана историја, треба да се заштитат и да се негуваат како трајна вредност. А за сето тоа досега не покажавме многу смисла. Тоа го потврдуваат и новите градби што се подигаат во старите маала.