Секој скок бараше смелост и елеганција

Не знам дали некој досега се обидел да направи класификација на скопските фраери, но ако некој се обидел, сигурно многу се изнамачил. Постоеја, а некои од нив сѐ уште постојат, фраери-скокачи во водите на Вардар или во базените во летниот период, фраери рок-занесеници во душата и во облекувањето, фраери-шиткачи (препродавачи на билети), фраери-маалски швалери и корзо-кибицери, фраери-играчи што настапуваа за спортските клубови, а најинспиративен дел им беше женската публика, фраери-велосипедисти (со девојката качена на предниот дел од велосипедот), фраери-моторџии, кои во наше време едвај доаѓаа до „веспа“, а потоа, со новите модели отидоа многу далеку, фраери-снагатори со тарзан-фризура, која им ја потсекуваа на корзо или на училиште, фраери-битлсомани со тесни ќунци-панталони, кои понекогаш завршуваа под острите ножици, фраери фиќо-генерации што беа првите аматери возачи во педесеттите години, фраери-седачи во слаткарниците „Ванила“ или во стариот „Пелистер“. Дури потоа дојдоа нивните наследници, фраерите-окапувачи по шанковите и коњопоите во кафулињата… Ова е само мал дел од таа скопска фраерска митологија.

Овој пат ќе се задржиме на една летна тема, на фраерите-скокачи во базените и од мостовите на Вардар во летниот период. Главно скокаа од таму каде што е најопасно и највисоко – од Камени мост или од Железничкиот мост во Маџир Маало, но и од највисоките скокалници во базените. Беа тоа вистински, возбудливи претстави, на кои присутните се воодушевуваа и ракоплескаа, а особено се воодушевуваше женската публика. Во тие, понекогаш ризични скокања, скокачите се трудеа да изведат и понекое бравурозно салто, пред да ја допрат водата. Тоа го запираше здивот кај посматрачите, а воодушевувањето беше поголемо. Еден од најголемите скокачи, чиј прекар и денес не е заборавен, е познатиот Ачан, кој живееше во месноста Стара Кланица. На него многумина скопјани сѐ уште живо се сеќаваат. И другите скокачи, иако не сите, главно потекнуваа од маалата во близината на реката Вардар – Маџир Маало, Мичурин, Ќерамидница, Пајко Маало, Ново Маало, Еврејско Маало, Дебар Маало, Карадак Маало, Крњево, Пошта Маало.

Најмногу скокови се изведува од Железничкиот мост на Вардар

Деновиве, во променливото но сепак жешко лето (2018), се обидов да направам една мала енциклопедија на скокачите и скокањето, преку разговорите со моите маалски другари или другарите од основно училиште (училиштето „Тефејуз“, кое се наоѓаше во тревникот, зад денешниот МКЦ), како и со жители од другите маала. Ачан често доаѓаше во нашето училиште за да се види со Ацо Џамбаз, маџирмаалец, со кого учевме во истото одделение. Ацо не беше скокач, но беше еден од познатите скопски „снагатори“, како што беше Ачан или Иљо Тепачот од Карадаг Маало. Во подоцнежните години, кога Ачан имаше проблеми со нозете и со движењето, кога ќе се сретневме, Џамбаз ќе речеше дека Ачан, за жал, го плаќа данокот, бидејќи „стално рипаше у ладен Вардар“. Според раскажувањето на мичуринци, добри скокачи биле и Цидан (Мите Касап), потоа Парцо од Табак Сити (популарно маало од картонски куќи, кое се простирало кон пругата), Ацо и Хари, Дивец, познат по прекарот Васе, потоа Коле Старо и др.

Скокачите од Камени мост биле од различни маала во Скопје. Битпазарчаните се сеќаваат дека Алексо од Дуќанџик „бил ептен добар скокач“, а познат по своите скокови бил и пајкомалецот Сабит. На улицата „27 март“, во близината на дуќанот на берберот Цафуре, живееле браќата Ѓуро и Љубе. Двајцата го носеле прекарот Скопски. Биле познати тапкароши и одлично скокале од Камени мост во Вардар. Сите тие скокови од мостовите или од базените си имале свој посебен ритуал. На Камени мост често можеше да се види редица од скокачи, кои нестрпливо чекаа да ја изведат својата точка. Бидејќи стануваше збор за посебно фреквентен мост, присуствуваа многубројна публика и љубопитници што ги следеа скоковите.

Маџирмаалци на базенот во Авијатика пред земјотресот

Во тоа време, на Камени мост имаше железна ограда и канделабри. И канделабрите и оградата помагаа во ритуалот на скокањето. Како? Држејќи се за канделабрите, тие се искачуваа на оградата од која скокаа. Како чин на другарство и забава, најдобрите скокачи ги тераа другарите да собираат ситни пари, за потоа да одат во кино или во слаткарница. Не треба да се пропушти и специфичната скокачка иконографија, односно како тогаш изгледаа гаќичките за капење. Тие можеа да бидат направени од чаршаф или од платно, со две копчиња од едната страна. На средината имаа лента, која можеше да биде црвена или сина, според бојата на гаќичките. Во базените (во Сарај или во Авијатика), фраерите скокаа од највисоката скокалница, која можеше да има и трамполина (отскочна штица), заради поголема еластичност при скокањето. И на крајот, еден куриозитет: од Железничкиот мост скокаа и две млади девојки, Мита и Пацка (Пацуле), кои достоинствено им пркосеа на фраерите во нивната доминација.