Писателот и хроничарот Данило Коцевски во амбиентот на Старата чаршија, фото Живко Јаневски

Не станува збор само за специјалитетите туку и за други феномени од урбаниот живот, изуми на прогресот и техниката, кои најпрвин биле лоцирани во чаршијата, особено во почетокот на дваесеттиот век. Многу дуќани, работилници и продавници се наоѓале околу „Даутпашиниот амам“, и тие биле единствени и најпознати во градот

Денес сѐ уште не ги познаваме доволно куриозитетите на Старата скопска чаршија. Многу нејзини специфики, кои некогаш биле познати и опишувани, сега се подзаборавени. Во ова наше време вообичаено е да купиме симит-погача, бурек, ѓеврек, баничка, леблебија, кикиритки, печени семки, лешници и бадеми, ф’стаци. Но дали знаете дека некогаш во чаршијата најпопуларен специјалитет било јадењето дурмек, кое го подготвувале Черкезите? Черкезите биле доселени во Скопје по Кримската војна во 1864 год.

Јадењето го приготвувале во своите домови, а потоа самите го продавале низ чаршијата. Како се приготвувал специјалитетот дурмек? Во голем котел се ставале кисело млеко, мед, пченица, сливи и јајца, и сето тоа се варело неколку часа. Велат, дурмекот бил толку вкусен специјалитет „прсти да излижеш“. Челебија ги спомнува како скопски специјалитети, исто така, и овчиот ќебап и рибјата капама. Посебно гурманско јадење претставувал и јагнешки бут печен во тепсија. Од пијалаците, со светски глас била медовината со мирудии, потоа хардалијата, (приготвена од синап или горчица), како и екстрактот од пелин (пелонија), малиновиот сок и слаткото вино (шира). Челебија од овошките посебно ги изделува јаболкото, дуњите (екмек-ајваси), сливите-бардаклии и шефтелиите.

Сепак, не станува збор само за специјалитетите туку и за други феномени од урбаниот живот, изуми на прогресот и техниката, кои најпрвин биле лоцирани во чаршијата, особено во почетокот на дваесеттиот век. Многу дуќани, работилници и продавници се наоѓале околу „Даутпашиниот амам“, и тие биле единствени и најпознати во градот. Овој амам бил еден вид центар околу кој биле распоредени објекти од кои подоцна произлегле цели производствени погони. Тука, наспроти амамот, некогаш се наоѓаше еден од главните влезови во чаршијата со стари дуќани, а на негово место подоцна е изградена стоковната куќа „Мост“. До 1961 год. пред влезот на „Даутпашиниот амам“, оној што е свртен кон Калето, беше лоцирана една низа од стари објекти, главно дуќани и продавници со најразлична намена. Во едниот од нив се наоѓаше и слаткарницата „Лила“. За „Лила“ денес со особено воодушевување раскажуваат скопјаните што се сеќаваат на тоа време. Во неа првпат се продавале пакувани локуми, но и таан-алва во метални кутии. Со таан-алвата и со слаткарницата „Лила“ е поврзана уште една интересна приказна.

Секој ден попладне, околу 16 часот, можела да се купи, штотуку подготвена топла таан-алва. Таа била посебен специјалитет и уживање за граѓаните. Попладнето, пред слаткарницата се создавала голема редица. Но уживањето било поврзано со посебен ритуал. Наспроти „Даутпашиниот амам“, во ниска куќарка што постои и денес, веднаш до црквата „Св. Димитрија“, се наоѓала позната фурна. Во фурната најпрвин се купувал топол леб, а потоа во него се ставала топлата таан-алва. Велат, цела чаршија доаѓала попладне пред слаткарницата „Лила“ поради алвата. Честопати вљубените чекале во долга редица, за да ѝ однесат топла таан-алва на саканата. Секое време си има свои специјалитети. Денес, во близината на „Даутпашиниот амам“, во слаткарницата „Ригара“ може да се купи необичен суџук-локум со цели јатки ореви. „Рецептот ми е останат од татко ми“ вели сопственикот „многумина странски гости и туристи го купуваат“.
Околу амамот постоеле продавници за текстил, за бои и лакови, дуќаните на браќата Ароести, познатиот кондураџија Беќир со пет-шест свои работници, аптеката на Шкодреану, продавница „Бата“, хотелот „Југославија“, а во близината постоел и ан, кој го носел истото име како и амамот. Анот се наоѓал на местото на денешниот паркинг наспроти црквата „Св. Димитрија“.

Се претпоставува дека една од првите ковачници за монети во Скопје се наоѓала кај „Даутпашиниот амам“, но нејзината местоположба не може точно да се утврди. Легендарните скопјани, браќата Поповиќ, во близината на амамот, ја држеле првата автомеханичарска работилница, со бензинска пумпа, а имале и своја шпедиција. Тука се наоѓала и работилницата за каросерии на познатиот Димитри Хаџи Томов, која подоцна прераснала во фабрика, а по војната била национализирана. Еден од најголемите скопски трговци и производители на вино и ракија, Петар Наумовски-Пецко, тука имал работилница со огромни казани и стаклени бочви за кои и денес се раскажува. Тој е основач и на фабриката за оксиген во Ѓорче Петров.

По војната, сѐ му е одземено, а некогашниот газда живуркал од ситната продажба на вино и ракија.
Навистина е штета што многу објекти околу амамот исчезнаа, со што исчезнаа и дел од душата и историјата на Скопје. Инаку, амамот е изграден во втората половина од 15 век од Даут-паша познат и како Коџа Даут-паша, кој бил анадолиски и румелиски беглербег. Починал во 1499 год., а погребан е во Истанбул, покрај џамијата што самиот ја изградил. Скопската легенда вели дека на местото на амамот се наоѓала црква што ја урнал пашата, за да го изгради овој објект. Со текот на времето, амамот не функционирал најдобро, а низ Скопје се ширеле гласови дека во него започнале да излегуваат змии. За да ја смири својата совест, пашата наредил наспроти амамот повторно да се изгради црква, која постои и денес.