Конзули и дипломати во Скопје,фотографија од 1906 година

На крајот на 19 и почетокот на 20 век се развил богат конзулски и дипломатски живот во Скопје. Особено на почетокот на 20 век, бидејќи тогаш се зголемил бројот на дипломатските претставништва. Секој посериозен проблем што ќе се појавел во градот, конзулите и дипломатите настојувале да го решат со заеднички настап и сугестија до тогашните турски власти. Доајен на дипломатскиот и конзуларниот кор во Скопје во тоа време бил искусниот Австроунгарец Бохумил Пара, чиј авторитет меѓу властите и меѓу дипломатите бил неприкосновен. Во Скопје престојувале многу познати дипломатски имиња, кои оставиле своевидна трага во тогашниот живот на Македонија. Нивното присуство му давало и посебна атмосфера на градот на Вардар.

Австроунгарецот Бохумил Пара заминал од Скопје во 1903 година, а на негово место дошол исто така искусниот конзул Алфред Рапопорт. Конзулската должност ја извршувал од 1904 до 1909 година. Дипломатското искуство го стекнал на Балканот, но и на Блискиот Исток (во Багдад). Престојот во Скопје и во Македонија подоцна го искористил да ја напише книгата „Во земјата на мачениците“, која е илустрирана со 54 фотографии. Тоа се книги што ние многу малку ги познаваме. Бил оженет со Терезија Јулија Анели со која имал две деца. Рапопорт во Скопје го посетувале и други познати личности со кои се фотографирал. На пример, едниот од нив е познатиот дипломат Владимир Виезл, кој подоцна одиграл посебна улога за време на Првата светска војна.

Од француските дипломати во тој период во Скопје треба да се спомене Крајевски, за кого истражувачите сметаат дека бил син на познатиот Марсел Крајевски, кој бил дипломатски претставник во Одрин и во Сараево. Меѓутоа, посебен впечаток како конзул оставил Французинот Макс Шублие, со кого е поврзан и еден интересен настан. Имено, токму кога Шублие пристигнал во Скопје во 1902 година за да ја преземе должноста, се случило убиството на Петре Михов, познат македонски револуционер и деец особено почитуван од народот. Михов бил учител во Велес, и при еден престој на Гоце Делчев во овој град, било договорено Михов да се ангажира околу снабдувањето со оружје. Во меѓувреме, Турците го откриле и го уапсиле Михов и го спровеле во затворот „Куршумли-ан“ во Скопје. Тој херојски се држел, никого не предал, за што народот испеал и песни за него. За жал, наскоро во затворот бил убиен на спиење, под изговор дека се самоубил.

Австроунгарскиот конзулат во 1912 година се наоѓал кај Старата железничка станица

Пријателите и школските другари на Михов му се обратиле на францускиот конзул Шублие, барајќи од него да реагира кај турските власти. „Токму овој конзул“ велат познавачите „енергично ќе протестира кај тогашните претставници на турската власт во градот поради убиството на професорот Петре Михов што се случило во скопскиот затвор. За овој гест школските другари на Михов, во своето писмо упатено до Шублие најискрено му се заблагодаруваат и во него гледаат вистински претставник на Франција, позната по својата традиционална човечност и великодушност“. Макс Шублие е и автор на делото „Прашањето на Ориентот“ во кое го разгледува повлекувањето на Турците од Црно Море и мирот склучен во Кучук Кајнерџи во 18 век. Неговиот конзулски престој во Скопје е забележан и во големата книга на значајните дипломатски документи поврзани со Македонија 1903 – 1905 година објавена во Париз 1935 година. Тоа е посебно интересен податок.

Српскиот генерален конзул Михајло Ристиќ бил на должност во Скопје во 1896 година. Но имал уште еден мандат на почетокот на 20 век, од 1904 до 1906 година. Бил добар познавач на балканските услови, неговите современици го опишуваат дека бил „познат по својот убав глас и пеел мошне добро српски народни песни“.

Него на местото генерален конзул го заменил Живоин Балугџиќ, кој бил на должност во Скопје од 1907 до 1909 година. Тој по потекло бил Ерменец, а правни науки дипломирал во Женева. Во Скопје пристигнал од Цариград, а службувал низ повеќе балкански градови. На почетокот на 20 век се споменуваат и имињата на бугарските дипломатски претставници во Скопје, Шопов и Недков. Бугарските претставници најпрвин биле познати како „трговски агенти“ на трговските претставништва, за подоцна да добијат дипломатски статус.

Од грчкиот конзулат во Скопје познато е името на конзулот Сахатурис, кој во градот престојувал во 1905 година. Во истата година се споменуваат и руските дипломати, Андреј Манделштам, Белјаев и Орлов, а во некои документи се наведуваат и имињата на конзулите Лисевич и Мешков, кои ја извршувале должноста кон крајот на 19 век. Дипломатските претставништва биле сконцентрирани околу Старата железничка станица и Зеленото пазарче, освен рускиот конзулат, кој се наоѓал на скопскиот кеј.

Во тој простор кај станицата треба да се наведат и италијанскиот, белгискиот, како и англискиот конзулат, кој бил отворен по Илинденското востание. Пишаните сведоштвата од тоа време вака ја опишуваат конзулско-дипломатската атмосфера во Скопје: „Кога одеа на некоја аудиенција, конзулите секогаш беа облечени во фракови, извезени со многу златни, срмени шари и срмени колани, а носеа и нешто како адмиралски капи, исто така извезени со срма. Беа со бели ракавици и високи лаковани чевли. Обично одеа со пајтони… Во свечена униформа се облекуваа на нивните државни празници, а на претставништвата, на високи копја се вееја нивните државни знамиња“.