Чаршијата била составена од помали специјализирани чаршии

Колку занаетите во тоа време биле присутни откриваат и ваквите податоци во кои се споменуваат голем број занаети чии имиња денес звучат необично и егзотично. И не само тоа, некои занаети биле толку многу развиени што имале и свои посебни чаршии. Значи, тие биле групирани во одредени улици и делови од чаршијата во кои купувачот можел полесно да ја разгледа стоката и да направи избор на тоа што му било потребно

Во Архивот на Македонија постојат посебни регистри од скопската општина од втората половина на 19 век. Тоа се извонредно интересни документи што се чуваат во посебно нумерирани кутии, кои се преведени од арапско односно персиско писмо, кое тогаш се употребувало. Работата на некогашната скопска општина била поврзана со работата на занаетчиите во чаршијата. Оттаму, овие документи изобилуваат со многу податоци за занаетите и еснафите, за нивните проблеми и начинот на работа. Колку биле присутни занаетите во тоа време откриваат и ваквите податоци, во кои се споменуваат голем број занаети чии имиња денес звучат необично и егзотично. И не само тоа, некои занаети биле толку многу развиени што имале и свои посебни чаршии. Значи, тие биле групирани во одредени улици и делови од чаршијата во кои купувачот можел полесно да ја разгледа стоката и да направи избор на тоа што му било потребно.

Така, во овие документи се споменуваат и следните чаршии во кои биле групирани занаетите, и тоа – Абаџилер и Туфекџилер чаршија, Демирџилер и Мутафџилер чаршија, Ат-пазар чаршија, Капан и Сарачлар чаршија, Бојаџи и Лулеџилер чаршија, Касапска и Казанџиска чаршија. Љубопитниот читател денес ќе се запраша зарем некогаш имало толку развиена изработка на лулиња, чибуци и наргилиња, за да постоела цела чаршија наречена Лулеџиска? И многу други чаршии носеле такви егзотични имиња поради занаетите што тогаш биле познати, а денес не постојат.

Истражувачите од крајот на 19 век ги наведуваат и следните занаети, а може веднаш да се забележи колкаво е тоа богатство: гајдари или гајдаџии, брдари (изработка на делови за разбој), бичкиџии, дукмекџии (производи од месинг), екмекџии (покрај леб продавале и симити, ќаии, ѓевреци), колари (изработување и поправка на модерни коли и фијакери), пајтонџии, опинчари (чаракчии), сандукчии (колепкари, изработувале колепки за новороденчиња), серкмеџии (прибор за риболов), тенеќеџии, сарачи, ќостекџии (синџирчиња за часовници), ќерестеџии (изработување и продавање дрвена граѓа), ќумурџии, чумлекчии (земјени производи), алваџии и бозаџии, анџии, срмаџии, сапунџии (изработување сапуни и лојани свеќи). На набројувањето на занаетите му нема крај. Просторот кај улицата на ковачите се нарекувал – темна чаршија.

Скопјани и модата а ла турка на почетокот на 20-тиот век

Според еден архивски документ од 23 јули 1869 година, чаушот на меанџиите од скопската општина доставил известување во кое се наведува дека во градот во тоа време имало 44 меани.
Исто така, берберскиот еснаф доставил известување дека постојат 33 берберски дуќани. Ако се споредат берберските дуќани и меаните, бројот бил приближно ист. Денес бројот на меаните многу го надминува бројот на берберите, кои се речиси реткост. Може да се проследи и еден ваков интересен податок за проблемите на занаетчиите во чаршијата од тоа време.

Инспекторот од скопската општина по име Мехмед Емин на 31 октомври 1869 година побарал затворање на дуќанот на берберот Печо од Ипекчилер (свиларската) чаршија сѐ додека не направи оџак за својот дуќан. Кафеџијата Саид од Бојали-ан бил парично казнет, бидејќи дозволил во неговата кафеана да се игра табла. Постоеле околу 60 дуќани на кафтанџии, 40 дуќани на налбати, 20 работилници и продавници на сарачи, над 30 работилници од пушкарскиот (туфекчискиот) занает.

Во втората половина на 19 век постојат повеќе податоци за бројот на занаетите во Скопје. Некои истражувачи сметаат дека во чаршијата постоеле шеесетина занаети, но таа бројка, сепак, се смета за многу мала. Челебија вели дека имало 2.150 дуќани, што претставува импресивна бројка. Тој спомнува и еден многу карактеристичен податок: особено биле впечатливи чаршиите за продажба на памучни ткаенини, потоа оние што продавале свила и везови од свила, како и на оние што изработувале шатори или копчиња. „Нивните дуќани се мошне украсени и според особен план изградени“, вели Челебија.

Само моќните занаети биле организирани во еснафи, а тие еснафи имале свои чаршии. Секој еснаф имал свој совет наречен „лонџа“, еден вид „управен одбор“, кој раководел со сите работи и ги решавал проблемите, со свој постојано вработен писар „ќаја“. Ако некој од занаетчиите бил во материјална криза, еснафот го помагал финансиски додека не застане на нозе. Еден занает или еснаф не влегувал во атарот на друг. Подоцна, занаетите се мешаат со индустријата и индустриските производи, а сите тие заедно со трговијата. Најдолго во Скопје се задржале терзиските, кафтанџиските и папуџиските чаршии, заедно со дуќаните за преработка на кожа, бидејќи тие биле и најмоќните еснафи. Толкавиот голем број на занаети со текот на времето барал и соодветно стручно образование.

Така, во втората половина на 19 век во Скопје било отворено занаетчиско школо познато под името „Ислахане“, според кое името го добил и скопскиот парк. Училиштето се наоѓало приближно на локацијата каде што денес се бараките на општината Центар и објектите од Министерството за одбрана. Во него се изучувале најразлични занаети, а во еден период, во првата деценија на 20 век, било воена касарна. Според пишаните податоци, во него биле изучувани столарскиот, папуџискиот и печатарскиот занает. Важело и за училиште за „убавите уметности“, бидејќи се изучувала и музиката.