Тропскиот институт во 1927 година

Постои една заслужна личност, која денес неправедно е заборавена. Тоа е д-р Андрија Штампар, министер за здравство во периодот помеѓу двете војни, човек со огромна почит и влијание во светот. Бил и потпретседател на една секција во Лигата на народите. Негова заслуга е што во Скопје во 1921 година е отворена првата бактериолошка станица, во чии рамки работела и секцијата за маларични болести. Но амбициозниот Штампар не запрел тука. Тој сакал да формира и хигиенски завод, подоцна и институт за тропски болести во Скопје. Како?

Целиот современ свет, од кој ние не можеме да бидеме исклучок, денес е подложен на голем број смртоносни вирусни заболувања, од птичји грип и САРС, па до последниов коронавирус. Затоа е добро да се потсетиме на епидемиите што го зафатиле Скопје, особено по Првата светска војна, кога биле градени првите институции за заштита од болести и епидемии, кои одзеле многу животи.

Што се случувало во тој период од животот на градот? Историјата на медицината, особено социјалната и превентивната медицина во Скопје и во Македонија, за жал, е недоволно позната и подзаборавена. Со неа е поврзана и историјата на Скопје по Првата светска војна, бидејќи токму здравството е во основата на нашиот однос кон социјалата и општеството. Toa го одразува степенот на целокупната здравствена и не само здравствена култура. Скопје во тој период е во многу тешка ситуација, како и многу други градови во Европа и во светот. Владееле маларијата и тропските болести, а од нив било заболено речиси половина од населението во градот. Претходно, шпанската треска однела многу повеќе животи од оние што починале во Првата светка војна. Веќе во 1921 година се оформува првиот бактериолошки институт, односно бактериолошка станица. Во рамките на дел од просторот на сегашниот Клинички центар, се поставени четири Декерови бараки, добиени од репарациите што Германија ги плаќала по Првата светска војна. Малку е познато дека една од бараките е зачувана и денес, а другите се урнати поодамна, некои при градењето на средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“. Иако е од дрвена конструкција, сегашнава барака изгледа монументално и е жив споменик за развојот на здравството во Скопје. Во нејзината непосредна околина се зачувани дури и дел од старата, масивна ограда од црвени тули и неколку стари, ѕидани куќи од времето на дваесеттите години кога се поставувани бараките како зачеток на превентивната медицина.

Но постои една заслужна личност, која денес неправедно е заборавена. Тоа е д-р Андрија Штампар, министер за здравство во периодот помеѓу двете војни, човек со огромна почит и влијание во светот. Бил и потпретседател на една секција во Лигата на народите. Негова заслуга е што во Скопје во 1921 година е отворена првата бактериолошка станица, во чии рамки работела и секцијата за маларични болести. Но амбициозниот Штампар не запрел тука. Тој сакал да формира и хигиенски завод, подоцна и институт за тропски болести во Скопје. Како? Тоа бил скап проект за кој требало да се обезбедат финансиски средства.

Користејќи ги своите меѓународни врски, единствено решение било – помош од Рокфелер. Рокфелеровата фондација во тоа време била особено активна во светот, а и претставници на Лигата на народите често престојувале во Скопје по повод реализацијата на идејата на д-р Штампар. Тој успеал да обезбеди 20 милиони тогашни динари од фондацијата „Рокфелер“, така што зградата на заводот започнала да се гради во 1923 година. Таа била завршена во 1924 г., а свечено била пуштена во употреба на 5 април 1925 година. Од фондацијата „Рокфелер“ на отворањето присуствувал специјалниот претставник, познатиот д-р Мичел. Така бил оформен скопскиот Хигиенски завод. Тоа е онаа прекрасна зграда, која постоеше до скопскиот земјотрес, кога е урната. На нејзиното место денес се наоѓа зградата на Министерството за здравство. Во 1927 година се спомнува и Тропскиот институт од кој донесуваме фотографија.

Декеровите бараки во 1921 година кога е оформен бактериолошкиот завод

Наши лекари оделе на специјализација во странство, а многу познати лекари престојувале во Скопје и во Македонија, но и групи медицински сестри меѓу кои и оние познати под името „шкотските жени“. Постоело и специјално санитетско возило опремено за таквите потреби. Да потсетиме уште еднаш дека Републичкиот завод за здравствена заштита (јавно здравје) има објавено публикации по повод педесет и осумдесетгодишнината од заводот, а како особено заслужни истражувачи на оваа проблематика се Елена Јосимовска и д-р Златанка Димитровска.

Помалку е познато дека во тие 1920-ти години во Скопје е дојден д-р Станко Караман, подоцна основач на Зоолошката градина. Меѓутоа, главниот повод за неговото првично доаѓање биле маларичните болести, кои одзеле многу животи. Д-р Караман бил специјалист паразитолог и редок познавач на подземната фауна, која ја истражувал во Македонија. При неговото второ доаѓање, тој речиси целиот свој живот со семејството го поминал во Скопје.

Постои и еден куриозитет – речиси сите негови наследници, членови на семејството, во Скопје имаат завршено биолошки науки, со академски звања и професорски титули. Неговото семејство живеело во самата зграда на Природно-научниот музеј, која во еден период се наоѓаше на плоштадот, на почетокот на улицата Орце Николов, објект што постоеше до скопскиот земјотрес.