Бегство од градот во околните планини

А во бегството од горештините, посебно место имаа прекрасните маалски дворови: со своите сенки, бунари (во кои се ладеа лубениците) или пумпи, алеи со цвеќиња, бавчи со зеленчук. И ладните подруми во куќите, како најбрз начин на светот да се побегне од горештините

Некогаш скопјани се справуваа со горештините на поинаков начин, бидејќи и времињата беа поинакви. Денес времињата се други, но нешто малку е останато од традицијата. Тие покажуваа голема вештина да избегаат од горештините – во самото Скопје. Да се избега надвор од градот е полесно, но како во тој летен пекол да се снајдете и да издржите во градот? Е, тука на скопјани им нема рамни. Некогаш и не можеше да се избега далеку, условите беа такви. Скромен живот, автомобилите беа реткост и претставуваа луксуз, а релациите на градските автобуси беа ограничени. Затоа, секој требаше да се снаоѓа како знае и умее. Скопските занаетчии најдобро знаеле да ги искористат ладовините и убавините на селата на Скопска Црна Гора. Во тој потфат биле ненадминливи. Има ли нешто поубаво од тие села, чии потенцијали и денес не се доволно искористени, а рајот на освежувањето е тука, на дофат. Колку може тој простор да биде пријатен, па дури и ексклузивен, покажуваат и истражувањата во Скопје на англискиот археолог Артур Еванс од 1885 година. Познат е податокот дека римските великодостојници имале свои летниковци на еден дел од Скопска Црна Гора, оној што гравитирал кон градот Скупи. Знаеле Римјаните што е убаво и каде да уживаат.
Занаетчиите во текот на летото оделе масовно во селата и во манастирите на Скопска Црна Гора со запрежни коли. Интересен е податокот дека се собирале повеќе семејства и таму останувале по неколку недели. Куриозитетен е и податокот што денес го раскажуваат синовите на мајсторите, дека често се случувало, заради некоја обврска во дуќаните, нивните татковци да слезат долу во градот, да ја завршат работата, и повторно да се вратат кај своите семејства во планината.

Ќе пренесеме едно оригинално сведоштво од тоа време пред војната, иако и по војната се одело по селата на летување. Него пред неколку години ми го раскажа еден од познатите скопјани, кој во тоа време бил на 10-годишна возраст. „Преку летото, одевме на летување во манастирот ’Св. Илија Долни‘ во Скопска Црна Гора. Патувавме со шпедитерски коли и останувавме две до три недели. Беше тоа во годините пред војната. Стануваше збор за женски манастир. Една од тетките на мајка ми беше замонашена, така што секогаш имавме обезбедено место. Имавме соба веднаш под оние на монахињите, а на големиот чардак спиеја и по десетина семејства. Сѐ се одвиваше на чардакот, беше весело и незаборавно. Постојано се пееше. Ако немаше друг инструмент, усната хармоника секогаш беше присутна. Доаѓаа многу чаирчани и топанчани на летување. А покрај касарните, се одеше и за Долно и Горно Оризари. Се случуваше да се даде некој динар ако некој имаше соба, но и тоа беше симболично. Сите најубави македонски народни песни таму сум ги научил“.
Пред, но и по војната, бегство од скопските горештини беше на скопските плажи. Градска, Руска, Офицерска, Маџирмаалска… Реката Вардар имаше свои убавини, но и свои опасности. Сите се плашевме од колците поставени во реката, а дури во подоцнежните години дознавме дека тие се поставени како дрвени конструкции, некаде и во коритото, како заштита од честите поплави. Особено беа популарни базените во Сарај и во Аеродром, а овој последниов, особено беше посетуван од мичуринци, новомаалци, маџирмаалци и од оние од населбата Острово. По земјотресот, плажите на Вардар замреа, но затоа се отворија нови на реката Треска. Од плажата каде што се влева Треска во Вардар кај Сарај, па до плажата кај кривината, и погоре кон Матка, вриеше од капачи. Иако со изградба беше започнат порано, кон крајот на 60-тите години беше отворен базенот на спортскиот центар „Кале“, каде што речиси целиот град бараше разладување. Подоцна, во седумдесеттите години, беше отворено и езерото Треска.

Скопјани и во ноќните часови бараа спас на отворени простори за забава, во рестораните „Кермес“ и „Опатија“, кои беа најпопуларни. Имаше свежина од паркот и од реката Вардар, романтична музика, мирис на скара. Популарен беше и ресторанот-тераса „Црвен брег“ кај старото сајмиште под Калето, потоа летните ресторани-бавчи во Старата чаршија, „Меркез“ (кај денешниот Дом на занаетчиите), како и бавчата на кафеаната „Шар“, со познатиот шадрван во средината. Од десната страна на Вардар, кон центарот, посебно се изделуваше ресторанот „Балкан-бавча“, речиси споен со киното „Балкан“. И уште еден податок за летно Скопје, кој речиси е заборавен. Во Скопје постоеја голем број летни кинотераси, што денес е незамисливо, бидејќи и класичните кина речиси исчезнаа. Летни кинотераси имаше на покривите од зградите на Домот на градежниците, Работничкиот универзитет (денешен КИЦ), на терасата од зградата на киното „Вардар 2“, потоа летното кино во паркот, летната кинобавча „Балкан“ во близината на Феудалната кула, како и киното на отворено кај Офицерскиот дом (кино без пари). Тоа беше вистински ноќен, летен рај. А во бегството од горештините, посебно место имаа прекрасните маалски дворови: со своите сенки, бунари (во кои се ладеа лубениците) или пумпи, алеи со цвеќиња, бавчи со зеленчук. И ладните подруми во куќите, како најбрз начин на светот да се побегне од горештините. Денес, колку и да бегаме од Скопје по грчките и другите плажи, пак мораме да му се вратиме на градот.

Но сега шансите за бегството од горештините во него се многу помали. Не помагаат ниту клима-уредите, седиме во жешките сенки (и покрај вентилаторите) во кафулињата на улиците Македонија и Ленинова, или во чаршијата, се препотуваме, откако ги уништивме старите благодати на градот: плажите и чистиот Вардар, езерото Треска, скопските оази од мали паркови и зеленило, ги запревме ветровите, летните тераси и бавчи веќе одамна не постојат. Моите пријатели од Маџир Маало, Крњево и Дебар Маало, ме канат деновиве во нивните куќи што ги зачуваа, во убавите ладни дворови и приземните одаи, преадаптирани во пријатни летни простори. Тоа е она малку што остана од традицијата, и добро е што досега се зачува, за да ни служи барем како опомена.