Никола Мартиновски „Шумадиска идила“, фреска од палатата Шкаперда

Тогаш моќната скопска буржоазија нарачувала мурали за своите палати, а тоа го правеле и припадниците на средната класа, лекари, инженери, професори. Два големи мурала постоеле и во Народната банка на плоштадот, која се урна во земјотресот. Малку е познато во пошироката јавност кои биле тие мурали и што е зачувано од нив до денес во Скопје?

Никола Мартиновски и Лазар Личеноски се неоспорни легенди на нашата ликовна уметност и култура. Затоа, секој потег од нивната четка или повлечена линија од нивниот молив треба грижливо да се чуваат. Вредни мурали се создавани во Скопје и тоа во познатите скопски палати, во куќите и јавните објекти. Да не заборавиме дека Скопје има голема традиција во тој домен од ликовната уметност, како дел од богатиот граѓански живот што се одвивал во градот пред војната. Муралите ги изработувале врвните уметници, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Живорад Настасиевиќ, а по војната Борко Лазески. Тогаш моќната скопска буржоазија нарачувала мурали за своите палати, а тоа го правеле и припадниците на средната класа, лекари, инженери, професори. Два големи мурала постоеле и во Народната банка на плоштадот, која се урна во земјотресот. Малку е познато во пошироката јавност кои биле тие мурали и што е зачувано од нив до денес во Скопје? Станува збор за исклучителни дела чија уметничка вредност е голема. Но да почнеме со ред. На ваквите вредни творби во своите истражувања посебно укажуваа и некои од историчарите на уметноста.

Господинот Михајло Шкаперда, кој ја изградил познатата палата убавица што и денес постои во Скопје, нарачал кај сликарот Никола Мартиновски да изработи два мурала. Хроничар од тоа време запишал дека една „убава куќа во Скопје, ѕидана во стар бојарски византиско-романски стил, ја имала таа среќа во нејзиниот хол да бидат сместени фреските на Мартиновски“. Во 1933 год. Мартиновски изработил два мурала, едниот со наслов „Македонска идила“, а другиот „Шумадиска идила“. Интересен е податокот дека негов ученик и помошник во работата бил сликарот, сценограф и карикатурист Василие Поповиќ-Цицо. Но по војната, поради смената на многуте институции во неа и преправките на ѕидовите, едната фреска е сосема уништена. Денес е зачуван само муралот „Шумадиска идила“, со извонредно впечатливиот и препознатлив ликовен ракопис на Мартиновски. Во Шкаперда сега е сместена италијанската амбасада.

Еден од најпрочуените скопски градоначалници, Јосиф Михајловиќ, по потекло од Западна Македонија, ја изградил пред војната една од најубавите скопски палати. Бидејќи бил архитект, самиот ја проектирал, на просторот под Калето, во духот на старата македонска градителска традиција. Долго време палатата во Скопје беше позната како „Македонска куќа“ и беше често посетувана како реномиран угостителски објект. Од тие посети, во длабоко сеќавање ни е останат муралот изработен од сликарот Лазар Личеноски. Фреската носи наслов „Ѓурчин Кокалески“ или „Сеир“, а реализирана е во 1938 година. Таа извонредно се вклопуваше во „модернизираниот стил на народна галичка куќа“, како што велат критичарите. За жал, од пред повеќе години, вредниот мурал исчезна! Замислете, бил изваден од лежиштето и пренесен на друго место. Каде и како? Има повеќе приказни и претпоставки за начинот и мотивот на неговото исчезнување. Денес, во палатата е сместена една од многубројните амбасади.

Интересно е дека Никола Мартиновски има реализирано повеќе мурали во приватни скопски куќи. Тие вредни дела уште помалку се познати. Кои се тие и дали може да се влезе во нивната трага? Фреската по име „Пасторала“ или „Селска идила“, е насликана во една куќа на булеварот Климент Охридски во 1936 година. Познато е дека ја нарачал познатиот д-р Паламаревиќ. Подоцна, станот во кој бил муралот бил препродаден, а потоа бил во сопственост на Габриел Кедиоски. Стотина метри подолу на булеварот, во една друга стара куќа, (во близината на книжарницата на „Матица македонска“), Мартиновски го реализирал муралот „Оро се вие“ во 1937 год. Оваа фреска била нарачана од инж. Протиќ, кој ја градел куќата. Куриозитетен е податокот дека во истиот стан со овој мурал, по војната, живеел и Коста Циривири, таткото на легендарната Вера Циривири-Трена. Овие податоци датираат од поранешните истражувања и во нив се вели дека двата мурала се оштетени и оти треба да се реставрираат.

Се обидов да им влезам во трагата на овие куќи и на уметничките дела во нив. За среќа, двете стари куќи на булеварот Климент Охридски денес сѐ уште постојат. Дополнителен хаос создаваат честите менувања на станарите, како и разните канцеларии што се сместени тука. Сепак, кога ќе влезете во овие објекти, ве заплиснуваат опојниот мирис, здивот и атмосферата на старо Скопје, како од пред педесетина или повеќе години. Тоа е ретко доживување. Во првиот објект, каде што била насликана „Селска идила“ на Мартиновски, постоеше само еден приватен стан. Отворен, руиниран, со празни ѕидови, како од некој филмски кадар. Велат, бил на продажба. Внимателно ги фотографирав ѕидовите, барајќи траги што допрва треба да се истражуваат. Слична е состојбата и во другиот објект оддалечен стотина метри во правецот на споменатата книжарница. Треба постојано да се разоткрива тајната на исчезнатите или руинирани ѕидни фрески, да се трага по можните причини за тоа. Не само за овие мурали, туку и за други примери. Тоа е неопходно. За богатството, тоа што е останато, да се зачува и да се пренесува понатаму. Зашто опасноста секогаш демне, како што беше случајот со немилиот настан од пред неколку години, кога беше уништена фреската на Борко Лазески во опожарената пошта.