Дел од Старата чаршија на почетокот на 20-тиот век

Од денешен аспект, навистина звучи неверојатно колку ригорозно казнувале инспекциите во некогашно Скопје. И тоа во едно подалечно минато, од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во османлискиот период владеел строг ред и се казнувало за секаков вид прекршоци и непочитување на пропишаните правила. Ние понекогаш имаме искривена слика за она „пусто турско“, како синоним за одбегнување на законот и владеење на безредието, бидејќи таквото одбегнување повеќе е присутно подоцна отколку во минатото. Еве некои од оригиналните архивски сведоштва што го потврдуваат тоа, а главно се однесуваат на секојдневниот живот, снабдувањето и потрошувачката, како и зачувувањето на здравата околина. Овие примери зборуваат за таа строга инспекциска контрола.

Според еден инспекциски извештај од 1869 година, заради неисправноста на теговите, неколку фурнаџии, пекари и симитчии во градот биле казнети со по 50 гроша. Кој денес знае какви се „теговите“ и колкава е грамажата на лебот? Фурнаџијата од Дуќанџик по име Никола вадел непечен леб и, згора на тоа, секоја ока имала 12 грама помалку. Затоа, фурнаџијата бил казнет со 75 гроша! Кога денес би казнувале поради грамажата, каде би ни бил крајот? Фурнаџијата Петре, во јули 1870 година, бил казнет затоа што продавал црн леб приготвен со ’рж. Денес е обратно, не можеме да дојдеме на ред и ги сметаме за посебни специјалитети црните и ’ржените лебови со помалку калории. Но касапот по име Фета поминал уште полошо. Тој бил казнет парично, но и со една недела казна затвор затоа што продавал говедско месо поскапо од определената цена. Дали месарите што денес продаваат поскапо би оделе една недела в затвор? На касапот Абдула му било забрането да продава месо, бидејќи не било прегледано од градскиот лекар.

Денес кафеанџиите и сопствениците на кафулињата реагираат на работното време до дваесет и три часот. Некогаш, се чини од истите причини, меанџијата Алексо бил казнет од страна на Општинскиот одбор со пет гроша во сребро, затоа што точел ракија во ситните ноќни саати. Денес постојано се жалиме на гласната музика од угостителските објекти. Некогаш жителите исто така реагирале на таквите гласни „ноќни свирки“, за што постои и една изречена казна од 1871 година. Мотив за казната било „бесрамното свирење на музичките групи“. Исто така, заради недоволното осветлување на градот, казните биле строги. На пример, аџијата Арсо бил казнет со пет гроша во сребро бидејќи не го палел фенерот пред својот ан. Не знам дали некој денес платил казна поради тоа што градот некаде ни е во мрак.

Скопските пазари биле под строга инспекциска контрола, амбиент од Зелен пазар

Постои еден исклучително поучен пример за заштита на зеленилото и зелените површини во градот. Тој пример потекнува од крајот на 19 и почетокот на 20 век, што значи пред повеќе од сто години. Мехмед-ага бил богат и моќен скопјанец, а свој имот имал и во Пајко Маало, каде што живеел, веднаш до реката Вардар. Во богатото зеленило што го поседувал имало засадено многу врби, кои му давале посебно убав изглед на целиот простор. Зеленилото можело да се види и од другата страна на Вардар, бидејќи се наоѓало во централното подрачје. Мехмед-ага еднаш решил да исече четири врби од убавата природа покрај Вардар. Тој веднаш бил казнет од општинската инспекција, и покрај противењето на агата, кој велел: „Тоа е мој имот и ќе правам со него што сакам!“. Казната, сепак, морал да ја плати. Општината била категорична во својата одлука – никој не смеел да сече дрвја што му даваат убав изглед на градот, без оглед дали се работи за приватен имот!

Скопските пазари биле особено подложени на инспекција. Контролирани се сите производи што се продавале таму. Некој бостанџија од селото Нерези бил казнет затоа што продавал расипани лубеници и дињи на пазарот. Бидејќи Скопје бил познат град по трговијата, а со тоа и на кафеаните и музиката, во него постојано престојувале музички групи од странство, кои доаѓале по богата заработувачка во градот на Вардар. Но издавањето дозволи за странските групи било многу строго, без оглед дали биле музичари или друг вид забавувачи. Еве еден таков пример: на некои циркусанти од градот Дупница, софиска околија, им било одобрено „да даваат претстави во Скопје четири-пет дена. Земена им е такса половина лира во злато. А услов е да има еден член од одборот што ќе води сметка колку дена ќе останат“. Имало и многу анегдотски ситуации, како што е оваа за погрешно паркирање: „Тасе Стојан и Наче Цветко ги врзале магарињата до дуќанот на терзијата Илијаз и му го урнале ѕидот од дуќанот“. Или следниов пример: „Во недела, ноќно време, полициската патрола нашла четири крави сами на улица без чувар, кравите се фатени и сместени во Дамчевиот ан“. Сето ова се случило во 1873 година.