Остатоци од Бурмали џамијата во Градскиот парк денес

Турбето на Хума шах султан е урнато во 1924-та, а „Бурмали-џамија“ во 1925 година, заради градењето на Офицерскиот дом, чија изградба започнала во тоа време. Кога џамијата била урната, дел од мермерните столбови, сталактитните капители и базисите биле пренесени во скопскиот парк, каде што постојат и денес

Во Градскиот парк во Скопје и денес постојат неколку мермерни столбови, капители со сталактитна декорација и базиси, кои му даваат посебна убавина на целиот тој простор. Шетачите и посетителите имаат впечаток како да се наоѓаат пред стари антички ископини, кои директно зборуваат за минатото и историјата на градот, иако нивното потекло е од сосема друго време. На нивното присуство во паркот толку многу сме навикнале, така што понекогаш овие вредни остатоци од минатото и не ги забележуваме. А тие раскажуваат една навистина куриозитетна приказна, како што може да раскаже само еден град со голема традиција.

Деновиве имав еден посебен повод да се навратам на оваа тема. Имено, мојот пријател и добар познавач на Скопје, Владимир Петков, ми укажа на еден интересен детаљ во врска со овие столбови и капители во паркот, за кој порано не сме знаеле или едноставно не сме го забележале. Ако овие денес зачувани столбови се споредат со оние од старите фотографии од верскиот објект од каде што тие потекнуваат, ќе се види голема разлика во нивниот изглед. За што всушност станува збор? Најпрво да ја раскажеме историјата на „Бурмали-џамија“, од каде што се преземени столбовите, капителите и базисите и пренесени во Градскиот парк.

Црните столбови од тремот во Бурмали џамијата од страната на плоштадот

„Бурмали-џамија“ се наоѓала на скопскиот плоштад, во близината на реката Вардар. Во тоа време градбите од десната страна на реката биле вистинска реткост. Според натписот на џамијата, кој е изделкан на камена плоча, која денес е зачувана, напишана во стихови на арапски јазик, се наведува дека џамијата ја изградил Мехмед-бег. Овој ктитор на џамијата се спомнува под различни имиња: како Карли-заде, Карли Огли Мехмед-бег, Карлили Мемед-паша. Се спомнува и легендата за друг градител, Карли-и-Карлили, кој бил дојденец од Мала Азија од областа со исто такво име. Сепак, преовладува мислењето дека нејзиниот градител е Карло-Заде или Мехмед-бег, бидејќи неговото име се наоѓа и во некои други автентични документи за Скопје од тоа време.

Подоцна џамијата го добила името „Бурмали“, „по спиралното (burmali) стебло на нејзиното минаре“ (Л.Б. Кумбараџи). Таа била покриена „со три коритести свода поставени еден покрај друг… ’Бурмали-џамијата’ била изградена од цврст материјал, делкан камен и тула на начин карактеристичен за исламските градби, кои поради различен колорит на употребениот материјал создавале многу убав впечаток. Во внатрешноста на џамијата сводовите биле носени од столбови. Тремот на џамијата бил пресводен со пет кубиња, покриени со олово, како и преостанатиот покрив на џамијата, а сводовите од тремот се потпирале на шест мермерни столба, со извонредни сталактитни капители. Минарето, пак, на ’Бурмали-џамија’ било вито, пропорционално и декоративно“. Во секој случај, во својата архитектура таа имала елементи од „големите класични џамии“. Она што помалку е познато се податоците дека во нејзина близина се наоѓала прочуена медреса, како и голем карван-сарај, иако нивната местоположба тешко може да се лоцира. На плоштадот, веднаш до џамијата, постоело турбето на Хума шах султана за која се претпоставува дека била во сродство со ктиторот на џамијата Мехмед-бег бидејќи имале заеднички имот во околината на Скопје.

Столбовите во џамијата од страната на Вардар

Фактите зборуваат дека турбето на Хума шах султан е урнато во 1924-та, а „Бурмали-џамија“ во 1925 година, заради градењето на Офицерскиот дом, чија изградба започнала во тоа време. Кога џамијата била урната, дел од мермерните столбови, сталактитните капители и базисите биле пренесени во скопскиот парк, каде што постојат и денес. Она што е куриозитетно и што го спомнавме на почетокот е податокот дека мермерните столбови и капители од паркот, според нагласената бела боја, не соодветствуваат со изгледот на столбовите од тремот на џамијата што можат да се видат на старите фотографии. Имено, во паркот тие имаат нагласено бела мермерна боја, додека оние од фотографиите се – црни! Тоа не е случајно, затоа што црната боја може да се види не на една, туку на повеќе фотографии.

Се поставува прашањето што се случувало со столбовите од тремот. Очигледно не станува збор само за оптичка игра на светлината, на менување на нијансите на светлото и темното. Ако тие во еден период се префарбани, зошто е тоа направено, со каква причина? Дали е сторено во еден период кога овој вреден архитектонски објект бил запуштен или зад сето тоа се кријат некои други поводи? Се разбира, тоа не задира во значењето и историската вредност на овој објект. Сепак, ја разгорува фантазијата на трагачите по историски и археолошки загатки и куриозитети, но и на квалификуваните истражувачи, кои можеби имаат свое толкување и одговор.