На просторот под скопската Саат-кула сè уште постојат остатоци од ѕид, чии археолошки анализи покажуваат дека најверојатно станува збор за делови од многу стара средновековна градба. Со својата патина, но и со низа други елементи, тој укажува на верски објект токму од византискиот период, кој претходно веројатно постоел на тоа место

Скопски легенди

Денес е прифатено мислењето дека познатиот манастир „Св. Ѓорѓи“ (Горга) се наоѓал токму на Виргинов Рид, кај денешната Саат-кула. Таквото тврдење се поткрепува со неколку споредбени анализи базирани врз старите документи. На просторот под скопската Саат-кула сè уште постојат остатоци од ѕид, чии археолошки анализи покажуваат дека најверојатно станува збор за делови од многу стара византиска градба. Со историјата на Скопје се поврзани толку многу куриозитети, така што некои податоци се чинат не само необични туку се граничат речиси со неверојатното. Многу тајни во себе крие и историјата на еден од најстарите скопски манастири. Тоа е манастирот „Св. Ѓорѓи Скоропомошник“ кај народот познат и како Горга (доаѓа од грчкиот збор брз, итар). Тој главно се лоцира на т.н. Виргинов Рид, кај денешната Саат-кула. За негов основач и прв ктитор се смета императорот Роман Трети Аргир (1028-1034), во 11 век. Тој манастир понатаму ќе има исклучителна улога, сè до доаѓањето на османлиите во Скопје, на крајот од 14 и почетокот на 15 век. Кога Петар Делјан со востаниците го освоил Скопје од Византијците во 1040 г., тој ги одобрил сите привилегии што манастирот претходно ги имал.

Иако тезата дека овој манастир се наоѓал кај денешната Саат-кула и џамијата Султан-Мурат главно е прифатена, историчарите оставаат можност за нејзина корекција и за спротивставени мислења бидејќи се потребни и нови истражувања како што сметаа некои наши еминентни професори и археолози. Некои од нив во меѓувреме починаа. Културолозите и археолозите што ги истражувале постанокот и значењето на овој духовен центар, укажуваат на два документа што се значајни и неодминливи. Тоа е Милутиновата повелба од 1300 г., како и познатата Виргинска грамота на Константин Асен од 1277 г. Овие документи јасно зборуваат дека му е посветувано големо внимание на манастирот. Нему му се дарувани многу поседи и тој располагал со голем имот. Манастирот особено заживеал во единаесеттиот, дванаесеттиот и тринаесеттиот век. Се претпоставува дека со него е поврзан постанокот на пазарот и на скопската чаршија, со оглед на тоа дека уште во единаесеттиот век, на ливадата под манастирот се одржувал познат панаѓур, кој го озаконил уште императорот Роман Трети Аргир. На таа ливада, од десната страна на реката Серава (се претпоставува дека од левата се наоѓал манастирот), постепено започнале да се создаваат импровизирани објекти за чување и продавање на стоката.

Тоа се, секако, подалечните корени на она што и денес го познаваме како простор за пазарење и тргување со најразновидни стоки.
Постои податок дека во манастирот, исто така, се произведувале најразновидни артикли, млеко, сирење, вино, а вишокот од нив бил продаван за време на манастирските панаѓури. Веќе кон дванаесеттиот век, во Скопје интензивно се развива просторот на Доленград, односно на подградието и чаршијата. Тогаш се дооформуваат и градските заштитни бедеми започнати уште од времето на Самуил, кои се граничеле со манастирската ливада и местото каде што се тргувало. Иако „Св. Ѓорѓи Скоропомошник“ долго време го држел приматот на значаен духовен центар, во тој период започнуваат да никнуваат и нови црковни објекти.
Интересни се постарите истражувања и податоците за местоположбата на овој манастир, кои предизвикувале повеќе спротивни мислења. Тие не ѝ се познати на пошироката јавност и затоа е интересно да ги наведеме пред читателите. Имено, според документите, односно нивните досегашни толкувања, манастирот се наоѓал на Виргинов Рид (над) Серава, но за многумина истражувачи таа определба била непрецизна и широка. Така, на пример, истражувачите помеѓу двете светски војни манастирот го сместувале на сосема спротивни краишта од градот, некои дури и надвор од Скопје. Интересно.

Денес има потреба од ново читање на грамотите од 13 и 14 век. Имено, дали делот за местоположбата на манастирот е добро прочитан? Дали во тој дел не се потребни извесни корекции? Дали тоа ново читање може да фрли нова светлина врз тајната каде точно се наоѓал овој манастир? Во тој дел од грамотата, според оригиналот преобјавен на старословенски во 1936 г., буквално се вели дека манастирот се наоѓал во правец „кон Скопје град на Серава, на ридот наречен Вергин“. Според запирките што се употребени во оригиналот, можно е поинакво читање од досегашното: имено, дека градот Скопје се наоѓа на Серава, а манастирот бил на Виргинов Рид, кој не мора да се поврзува со оваа река?! Според еден истражувач, манастирот се наоѓал во горниот тек на реката Серава, на еден рид во Топаанско Поле. Во близината течела и реката Сливштица. Тој рид и денес постои на улицата Џон Кенеди, во Чаир. Тоа е поранешната месност наречена Три Куќи. Според него, таму биле откриени и конкретни остатоци од градби што се спомнуваат во историските документи, а се спомнува и помало село во близината на ридот. Друг истражувач го сместува на Гази Баба, во близината на сегашното турбе, а смета дека неговата можна локација може да биде и Исабеговата џамија. Значи, долу, под ридот, на кој се наоѓа денешната Саат-кула. Но најзагадочна теза за местоположбата е онаа што вели дека, всушност, станува збор за манастирот и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Нагоричане, бидејќи бил откриен податок дека постои и друга река Серава, со исто име како и скопската, но која се влевала во Пчиња.

Еден научник го изнесува и мислењето поткрепено со тврдења од месното население дека манастирот се наоѓал во близината на селото Бутел, каде што постоеле остатоци за кои староседелците тврделе дека се од манастирот наречен „Св. Ѓорѓи“. Денес, главно е прифатено мислењето дека познатиот манастир се наоѓал токму на Виргинов Рид, кај денешната Саат-кула. Таквото тврдење се поткрепува со неколку споредбени анализи базирани врз старите документи. На просторот под скопската Саат-кула сè уште постојат остатоци од ѕид, чии археолошки анализи покажуваат дека најверојатно станува збор за делови од многу стара средновековна градба. Со својата патина, но и со низа други елементи, тој укажува на верски објект токму од византискиот период, кој претходно веројатно постоел на тоа место.

Какви тајни крие Виргинов рид би требало да покажат новите истражувања