Во оваа зграда на улицата Максим Горки се наоѓала редакцијата на „Нова Македонија“

Редакцијата на „Нова Македонија“ на улицата Гоце Делчев (број 20), подоцна Максим Горки, останала во таа зграда до 1952 година, а потоа се преселила на булеварот Климент Охридски, во близината на некогашната Мала станица. Весникот веќе не се печател во „Гоце Делчев“ туку во сопствена печатница, онаа што добро ја познаваат многу подоцнежни генерации

Некои податоци од историјата на медиумите во Скопје денес се подзаборавени. Првиот и најпознат печатен медиум, весникот „Нова Македонија“, на почетокот на 1950-тите години се наоѓал на денешната улица Максим Горки, во центарот на градот, односно на поранешната улица Гоце Делчев. За среќа, тој објект каде што се наоѓала редакцијата и денес е зачуван и е сведок, како на старата скопска архитектура така и на историјата на значајните институции.

Весникот се подготвувал и редакцијата работела на вториот кат од зградата, а се печател во печатницата „Гоце Делчев“, која се наоѓала во близината. Можеби таа зграда била одбрана токму заради близината на печатницата. Според сведоштвата на вработените и на новинарите од тоа време, просторот не бил многу голем, само неколку простории, но сосема доволен за да одговори на потребите на весникот. Сведоштвата велат дека на долниот кат, односно на приземјето, се наоѓале просториите на Главниот одбор на Народниот фронт на Македонија, во кои навраќал и Димитар Влахов. Според сеќавањата на новинарот и писател Душко Родев, кој тогаш почнувал во новинарството, во тој период во весникот работеле големи новинарски имиња и интелектуалци: Мито Хаџи Василев-Јасмин (главен уредник), Боро Миљовски (одговорен уредник), Илија Топаловски, Климе Мазев и др.

Денес исто така е подзаборавено дека во тој период излегувал уште еден весник чиј главен и одговорен уредник бил Димитар Митрев. Тоа е весникот „Единство“, гласило на Градскиот одбор на Народниот фронт. Првите шест броја ги уредил Митрев, а потоа за главен уредник дошол Бранко Заревски. Кога тој заминал во „Нова Македонија“, таа функција ја извршувала Ружа Бак. Весникот „Единство“ свои простории на почетокот имал во Ристиќевата палата, а потоа во објект на местото каде што денес се наоѓа Еуростандард банка, во центарот на градот. Тоа бил реквириран стан со библиотека, работни маси, и со една голема црна фотелја.

– Да се биде новинар во тоа време беше голема чест. И јас како и другите имавме страхопочит кон професијата, тоа за нас беше нешто големо и недостижно. Да работам како млад новинар во „Единство“ ме упати Боро Миљовски од „Нова Македонија“. Времето беше кризно, се снабдувавме на купони, а тогаш се случи една анегдотска ситуација, која на специфичен начин ги отсликува времето и условите за работа во новинарството и во општеството воопшто. Бидејќи во редакцијата на „Единство“ имаше голема, црна кожена фотелја, некој се досети да ја извадиме кожата и од неа сите во редакцијата да си направиме чевли. Тоа и го сторивме. Секој доби парче кожа, и замина на мајстор да си направи чевли. Сите во редакцијата добивме чевли, но немавме многу среќа со нив. Кожата не беше за таа намена, чевлите наскоро се распаднаа и ни останаа само – ѓоновите! – се сеќава Душко Родев.

Душко Родев, новинар и писател

Редакцијата на „Нова Македонија“ на улицата Гоце Делчев (број 20), подоцна Максим Горки, останала во таа зграда до 1952 година, а потоа се преселила на булеварот Климент Охридски, во близината на некогашната Мала станица. Весникот веќе не се печател во „Гоце Делчев“ туку во сопствена печатница, онаа што добро ја познаваат многу подоцнежни генерации. Голем дел од кадарот на претходната печатница, преоѓа во новиот објект. Интересно е да се наведат уште некои помалку познати детали од тогашните состојби во македонското новинарство. Имено, кога директор на „Нова Македонија“ бил Лазар Мојсов, една група новинари, Бранко Заревски, Бане Ковач, Лазо Кавалот, почнуваат со издавање на весникот „Вечер“. Не станува збор за денешниот весник почнат по земјотресот, туку за сосема поинакво издание со ист наслов. Во тоа време излегува и „Репортер“, кој го водат или соработуваат во него, Ванчо Апостолски, Душко Малевски, Љупчо Стојменски. Двата весника биле неделници.
Во времето кога со градот Скопје раководи Љупчо Ставрев, се случува еден интересен настан поврзан со старата скопска зграда од меѓувоениот период, во која се наоѓала редакцијата на „Нова Македонија“. Тогаш се преименувала улицата Гоце Делчев во улица Максим Горки. Во зградата каде што некогаш се наоѓала редакцијата била прикачена табла со новото име на улицата.

– Ние не бевме задоволни со промената, не дека не го сакавме Максим Горки, туку затоа што немаше никаков повод да се менува името на улицата. Самото претходно име беше големо за нас. Јас, писателите Симон Дракул, Видое Подгорец и режисерот Мето Петровски ја извадивме таблата од зградата. Ја однесовме дома кај еден висок политичар и му објаснивме за што станува збор. Сепак, името на улицата Максим Горки си остана. Но, наскоро требаше да се пушти во употреба новиот мост кај Владата, со името „Мост на победата“. Дури беше поставена и табла со тоа име. Сепак, наскоро таа беше симната, а мостот го доби името „Гоце Делчев“. Си помисливме дека нашето симнување на таблата од улицата Максим Горки, сепак имало некаков ефект – низ насмевка го завршува своето раскажување Душко Родев.