Жичените инструменти, кои потекнуваат од оваа работилница, ги има насекаде низ светот - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во уличката (Евлија Челебија) сѐ уште лебди правта од калдрмата од пред некогашното кино „Напредок“, а дуќанот е преполн со стари инструменти. Но и со нови и современи. Тамбури, утови, мандолини, примови, виолини, електрични гитари. Вистинска егзотика од необични инструменти

Дуќанот за музички инструменти „Гиевски“ во Старата чаршија е живата легенда на Скопје, од педесеттите години на минатиот век до денешен ден. Неговиот основач и сопственик мајстор Ванчо Гиевски (роден во 1915 год.) почина во 1980-тите години, а сега занаетот го продолжуваат неговите синови Љубе и Диме Гиевски. Ова е уште еден повод да се навратиме кон чичко Ванчо, како што го нарекувавме во детството. За него можеме слободно да речеме дека беше вистински уметник во изработката на жичените инструменти. Кога денес ќе влезете во дуќанот, ве заплиснува опојниот мирис на традицијата, атмосферата на старо Скопје. Во уличката (Евлија Челебија) се уште лебди правта од калдрмата од пред некогашното кино „Напредок“, а дуќанот е преполн со стари инструменти. Но и со нови и современи. Тамбури, утови, мандолини, примови, виолини, електрични гитари. Вистинска егзотика од необични инструменти.

Мајстор Ванчо, во периодот помеѓу двете војни, како чирак работел во дуќанот на столарот Јордан Саздов (некогашната улица Принц Ѓорѓе, кај денешниот Дом на АРМ). Подоцна го купил првиот сопствен алат и почнал со изработка на музички инструменти. Пред да дојде во чаршијата и да го отвори дуќанот, работел во „Просветно дело“, во одделот за изработка за инструменти. По затворањето на одделот, почнува со самостојна работа во чаршијата.

Мајсторите Диме и Љубе Гиевски знаат и да засвират во својот дуќан

Жичените инструменти, изработени од оревово или црешово дрво, кои потекнуваат од оваа работилница, ги има насекаде низ светот. Тамбурата изработена во овој дуќан ја имала таа чест, во вештите раце на нашите музичари, во некои од светските центри да биде придружувана од филхармонија. А не било ништо необично да се појави на некој концерт на светски познати џез-музичари. Овој дуќан долг период е еден од ретките во цела Македонија. Еден од наследниците, мајстор Љубе, се сеќава дека муштерии од разни градови доаѓале тука, во Старата чаршија, да ги поправаат своите инструменти. Пред многу години, една група битолски музичари го донеле својот оштетен бас на поправка, за да не го откажат веќе закажаниот концерт. Такви намерници имало речиси од сите поголеми градови, не само од Скопје.

Во 1960-тите години, битлсманијата и опседнатоста со електрични гитари го зафаќаат и Скопје. Во тој дух, се формираат првите групи и бендови, кои имаат незаситен глад од електрични гитари. Како да се дојде до нив? Во тој период единствена надеж се мајстор Ванчо и неговиот дуќан за музички инструменти. Таа приказна е една од најинтересните за старо Скопје и неговата опседнатост со новата музика. На тој период се сеќаваат и денешните наследници на мајсторот, синовите Диме и Љубе Гиевски, кога и самите биле млади момчиња обземени со светските трендови во музиката. Еве како тече приказната за едни од првите електрични гитари во Скопје.
Во дуќанот на мајстор Ванчо први доаѓаат момчињата од легендарната група „Бисери“. Влегуваат речиси инкогнито. А има и причина за тоа. Под пазувите носат многу хартија, направени скици за изработка на електрична гитара. Скиците се, всушност, зголемени димензии на електрична гитара, прецртани од лонгплеј-плоча. Ги ставаат на маса пред мајсторот.

Дуќанот главно е специјализиран за жичани инструменти

Мајстор Ванчо, би сакале да ни направите гитари, еве ги димензиите.
Мајсторот ги разгледува скиците, се дума, и ги погледнува под око.
Ова не е гитара – вели тој – ова повеќе личи на пиралка.
Не е пиралка. Гитара е. Функционира на принцип на магнет и електрична енергија…
А, добро, ако велите така – се шегува понатаму мајсторот.
Имаме само една молба – велат момчињата. – Сето ова да го држите во тајност. Никој не смее да дознае. Сакаме да бидеме први во градот со електрични гитари.
Добро, ќе ја чувам тајната – вели мајсторот.

Утредента доаѓаат момчињата од групата „Безимени“. Под мишки носат многу хартија, направени скици за изработка на електрична гитара.
Имаме една молба, мајсторе – велат тие. – Сето ова да го држите во тајност. Сакаме да ги имаме првите електрични гитари во Скопје.

Добро – им вели мајсторот – нема никому да му изустам ниту збор.
И така, на општо задоволство, момчињата од двете групи ќе добијат гитари, пред да се обединат во „Бис-без“. Електриката на гитарите ја изведувал братот на легендарниот Чифчи, а гитарите во сина и црвена боја ги обоил никој друг туку Ацо Џамбаз, нашиот школски другар и главен фраер од основното училиште „Никола Вапцаров“, во кое учевме заедно. Подоцна тој стана автолакер.

Легендата за дуќанот за музички инструменти продолжува. Наминете во него понекогаш. Има уште многу тајни да се откријат, седејќи на кафе со мајсторите и другарите од нашето детство Љубе и Диме Гиевски.