Некогашниот изглед на кафеаната Идадија

И покрај урбанизацијата, духот на Дебар Маало и култната кафеана „Идадија“ не згаснуваат. А каде што има дух, има и духовитост, ведар муабет и шеги. Една група дебармаалци што постојано седат во кафеаната, од крајот на 1960-тите години востановуваат една нова традиција. Во своите тефтери прецизно бележат сѐ што се случува на нивните седенки…

Вечерва (сабота, 6 октомври 2018) ќе се одбележат 90 години од основањето на култната кафеана „Идадија“ (1928), со пригоден собир на дебармаалци и многубројните скопски почитувачи и нејзини посетители. Се разбира, како што прилега, со дружење и седенка пред самата „Идадија“, со обновување на спомените, со музика, изложба, со духовити досетки и муабети, со здравичарски пијалак и неизбежните ќебапчиња и скара. Ќе биде приготвена и специјална „торта од ќебапчиња“, во духот на самата кафеана.

„Идадија“ е отворена на 1 октомври 1928 година, така што свеченоста ќе се одржи токму во месецот кога таа започнала со угостителската дејност пред 90 години. Дебар Маало и кафеаната „Идадија“ спаѓаат во поширокиот простор на месноста, паркот и училиштето „Идадија“. Дебар Маало и кафеаната се помалите деца на „Идадија“, тие се во крвно сродство и неразделни. Како што нивни пород е фудбалскиот клуб Работнички, тоа незапирливо, палаво дете затрчано на зелениот терен меѓу двата гола. Знае маалото и за другите палавковци од зелениот терен, но ова му е најмилото. Дебар Маало е опеано, овековечено, филмувано, сонувано. Но и реално, со славна историја, која се случувала токму на тој простор, пред да се оформи маалото, а исто така и по неговото оформување. Султанот Мехмед Решад отседнал во „Идадија“ кога престојувал во Скопје. Знаел падишахот што е убаво. Тоа е првото навестување на раскошниот „царски имиџ“ на Дебар Маало.
А маалото ги сакало еднакво сите: и мајсторите и уметниците, и чорбаџиите, и револуционерите. Денес „Идадија“ е најстарата кафеана во градот, а во ова маало многу нешта биле први во Скопје: првиот натпревар во фудбал, кој се играл на полјанка што постои и денес, првата гимназија („Идадије“), првата плажа, првото занаетчиско училиште („Ислахане“), првиот стадион, првите настапи на градскиот оркестар, првите цветни насади и растенија увезени од Европа, првиот скопски циркус, првиот Природно-научен музеј и Зоолошка градина, првиот лунапарк, пионерското вовче, првата летна библиотека, првата модна ревија на плажа, првиот трамвај што поаѓал од „Идадија“, првите луксузни автомобили, првото и единствено одбележување на Нова година утрото на 1 јануари. Слушајќи ги многубројните легенди за кафеаната, наеднаш ќе ви се пристори дека тука повторно ќе ги сретнете: Ефто и Љубе, Корда и Бојаџијан, Ашер, Апостол и Добре, Буста и Миле.

Откако ја изградил кафеаната, семејството на Ефто Цветановски (имал двајца синови, Апостол и Добре, и ќерка Стефанија, која починала млада) сѐ повеќе се разгранувало, живеејќи на горните простории од „Идадија“. Денес најстара во фамилијата е Нада Цветановска-Талевска, ќерка на Апостол и Олга, родена во 1937 година. Таа, живее во Нов Зеланд, а деновиве, заедно со ќерка си Стефани, престојува во Скопје. Таа е жива легенда и сведок, како за историјата на семејството Цветановски, така и за некогашниот живот во Дебар Маало. Нејзини помлади браќа се Миле (Чатал) и Душан Цветановски. Кога раскажува и кога денес ја слушате, пред вас се отвора еден чудесен свет од личности и човечки судбини сврзани со „Идадија“, но и со општествените превирања во Скопје во еден долг временски период. Во таа приказна се открива дека со текот на времето, „Идадија“ прераснува во нешто многу повеќе од кафеана, станува еден вид општествен феномен, место за договор, каде што се склучуваат зделки, се дознаваат новости, присутни се граѓани од сите професии и националности. А се разбира, за сето тоа придонесувал основниот шмек што го негувала „Идадија“: љубовта кон дружењето, музиката, спортот, добрата кујна.

Според раскажувањата на Нада Цветановска-Талевска, кафеаната доживува криза и прекини во работата за време на војната. Во тој период семејството привремено се преселува во куќа на Водно. При крајот на војната се враќаат дома, а во 1945 година умира Ефто Цветановски, основачот на кафеаната. Следуваат нови турбуленции: конфискација, одземање на објектот и добрата што ги поседуваат. Потоа со „Идадија“ раководи угостителското претпријатие „Метропол“. Семејството долги години се залага за денационализација, и успева да го врати објектот во своја сопственост во 1989 година. По шестмесечна пауза во работењето, „Идадија“ во 1990 година повторно се отвора, но овој пат поделена на две одделни кафеански простории, со кои раководат наследниците на основачот Ефто Цветановски. Според кажувањата на Миле Чатал што сум ги запишал, дебармаалци постојано го надгледувале реновирањето на кафеаната, со нетрпение очекувајќи го нејзиното отворање.

И покрај урбанизацијата, духот на Дебар Маало и култната кафеана „Идадија“ не згаснуваат. А каде што има дух, има и духовитост, ведар муабет и шеги. Една група дебармаалци што постојано седат во кафеаната, од крајот на 1960-тите години востановуваат една нова традиција. Во своите тефтери прецизно бележат сѐ што се случува на нивните седенки во „Идадија“ или на фудбалските натпревари што ги организираат.
Тоа се познатите „лимпевци“, со својот ФК Лимпе. Во врска со натпреварите имаат составено и свој „Душ(м)анов законик“, со посебни одредби за правилата на играта, за наградите и казните.

И наградите и казните се реализираат во „Идадија“, со плаќање и честење ќебапчиња, вино или сода-вода. Во некои од одредбите стои: „Играч што нема да присуствува на повеќе од 50 отсто од вкупниот број работни состаноци во ’Идадија’, должен е да плати 1 литар вино + 4 соди“ или следната одредба – „За доцнење повеќе од 20 минути, играчот е должен да плати 50 ќебапчиња + литар вино + 4 соди“.
Ете, и тоа е дел од духот, духовитоста и традицијата на „Идадија“.