Црквата на Пресвета Богородица од 1835 година

Пожарот во црквата „Нотр дам“ во Париз предизвика огромна штета не само за Франција туку и за целиот свет. Сето тоа ме потсети на една идеја што ја имав од пред неколку години, како хроничар на Скопје и писател, да напишам еден роман за нашата, скопска Богородична црква, „Рождество на пресвета Богородица“. Сета таа инспирација доаѓаше од романот „Богородичната црква во Париз“ од Виктор Иго, која требаше да биде еден вид урнек, исклучителен поттик за реализирањето на таа идеја. Се разбира, не може да се прави споредба меѓу двете цркви, ниту тоа ми беше главната цел, бидејќи е голема разликата меѓу нив, во староста, во архитектурата, во значењето, во религиозно-духовните специфики и традиции. Сепак, Богородичната црква во Скопје има огромна духовна вредност за нас. Пресвета Богородица била заштитничка на градот, а во најтешките моменти за народот, кога се вршени големи зулуми врз него, тој барал спас и закрила во нејзините пазуви. Разменувајќи ја оваа идеја за романот со повеќе скопјани, многумина од нив беа расположени да ја помогнат и поддржат.

Скопската Богородична црква била опожарена во 1944 година, на крајот од војната. Идејата за романот остана детално разработен концепт, кој се надевам ќе се реализира.
Градењето на црквата „Рождество на пресвета Богородица“ во Скопје во првата половина на 19 век било од исклучително значење. Пресвета Богородица е градена во еден многу чувствителен период на нашата просветителско-национална преродба, кога автентичните скопски трговци и чорбаџии застанaлe на чело на духовните промени. Приказната е уште поинтересна бидејќи се покажува дека корените на црквата можеби датирале уште од многу поодамна. Една личност што е веќе влезена во скопските легенди, а која малку e подзаборавeнa, е скопскиот првенец, трговецот аџи Трајко, кој е главниот ктитор за подигање на црквата. Тој бил толку харизматичен во градот, храбар и бескомпромисен, така што бил посебно почитуван од христијанското население. И не само од него. Целата приказна се одвива како на филм. Во 1831-та во Скопје дошол митрополитот Гаврил, и тој веднаш ја поддржал идејата за подигање на црквата. Турците решиле да го убијат митрополитот, но откако не успеале во тоа, со смрт му се заканиле на аџи Трајко.

Бестрашен, тој не само што не се исплашил туку храбро почнал секоја вечер да шета по чардаците на својата куќа, таму да вечера и да престојува, а никој не се осмелил да пука во него. Не постоел ниту еден позначаен проблем во градот, а скопјани да не му се обраќале нему. Овие две личности, митрополитот Гаврил и трговецот аџи Трајко заслужуваат да имаат и посебни обележја во рамките на возобновената црква „Рождество на пресвета Богородица“ во Скопје.

Возобновената Богородична црква во Скопје

Но харизмата на аџи Трајко започнала да се шири и меѓу Турците, особено кај заповедникот на Скопскиот пашалак, познатиот Авзи-паша. Скопскиот пашалак во тоа време бил во рамките на провинцијата Румелија. Авзи-паша му укажал доверба на аџи Трајко и го зел да му биде хазнадар, благајник, човекот што ќе се грижи за неговите финансии. Дотаму одела довербата на турскиот паша кон него. Аџи Трајко се зазел кај турскиот големец за градењето на Богородичната црква, меѓутоа имало еден главен услов: можело да се гради само ако местото било црквиште, претходно тука да имало христијански објект. Скопјани се организирале, собрале рани реликвии и една стара икона од црквата „Св. Спас“. Сите ги закопале во темелите на идната црква. Потоа, Турците го одобриле градењето, со кое раководел Андреј Дамјанов од семејството Рензовци, а по неговата смрт црквата ја довршиле неговите синови.

Така, таа била изградена во 1835 година. Практично, народот се самоорганизирал при градењето, и секоја тула и камен оделе од рака на рака, од човек на човек, за црквата да може што побрзо да се изгради. На тој начин, голема љубов на скопјани е вградена во Богородичната црква. Подоцна, црквата била богато внатрешно декорирана, од наши познати мајстори. Но легендите често кријат и дел од вистината. Подоцна се појавија истражувачи што сметаат дека на тоа место навистина постоела црква. Приказната за Богородичната црква добива нова димензија. Некои од нашите историчари на културата и уметноста сметаат дека на местото на денешната црква „Рождество на пресвета Богородица“ некогаш се наоѓал еден од најпрочуените и најубави христијански храмови во Скопје, катедралната црква „Св. Богородица Троерачица“.

Но интересна е и приказната што кријат темелите на црквата „Рождество на пресвета Богородица“. Темелите кријат неколку значајни гробови, кои можеа да се видат при раскопувањето на теренот, кога започна градењето на новата црква, благодарение на донацијата од бизнисменот Трифун Костовски. Со таа донација се возобнови црквата „Рождество на пресвета Богородица“ што датира од 1835 година. Тука најверојатно бил и гробот на легендарниот скопјанец аџи Трајко. Во времето на Танзиматот, 1845 година, кога било забрането наследното право во Османлиската Империја, Авзи-паша бил повикан кај султанот поради неговата расправија со браќата за наследството. И никогаш повеќе не се вратил. Него го придружувал аџи Трајко, кој повторно се вратил во Скопје дури по две години, каде што починал. Бил погребан непосредно до ѕидовите на самата црква, онака како што и заслужил. До црквата бил погребан и митрополитот Гаврил, двајцата најголеми заслужници за подигањето на познатиот скопски катедрален храм. Тоа е само дел од богатата историја на Богородичната црква во Скопје.