Што се увезувало, а што се извезувало од Скопје во минатите векови

2533
Чаршијата отсекогаш била лулка на трговијата и на занаетите

Уште од античкиот период Скопје е крстосница на патишта, а таквата негова местоположба била особено погоднa за развитокот на трговијата. И во рановизантискиот период, хроничарот Прокопиј ќе забележи дека Јустинијана Прима, за која се претпоставува дека е поврзана со Скопје, изобилувала со богати пазаришта. Таквите пазаришта се должеле и на богатите трговски врски што постоеле во тоа време, бидејќи Скопје на најдобар можен начин ги поврзувало Западот и Истокот. Со освојувањето на градот од страна на османлиите во 14 век, тие врски се зацврстиле, а трговијата зела уште поголем замав во двата правца. За тоа зборуваат и педантно зачуваните турски архиви од тоа време. На пример, интересен е податокот дека дубровничките архиви сѐ уште не се доволно истражени, бидејќи тие имаат голем број податоци за дубровчаните што соработувале и морале да им плаќаат данок на османлиите, користејќи ги трговските патишта кон Исток. Во тие трговски релации посебна улога имал градот Скопје. Уште во првата половина на 15 век, дубровчаните имале своја колонија на градот на Вардар, со која раководел братот на Марин Држиќ, кој трајно се настанил во Скопје.

Хотелот „Париз“ го посетувале највидните трговци во Скопје

За време на турското владеење во Скопје се доселуваат голем број Евреи, чија трговска вештина била надалеку позната и кои втиснале голем белег во градот. Подоцна, мануфактурната стока во Скопје се носела од Австрија и Цариград, како и од Солун. Жито и брашно биле носени од Србија и Бугарија, крупната стока од Косово, а ситната од Овче Поле. Најмногу се тргувало со жито, опиум, вино, овоштие, зеленчук, катран, потоа со сурови и штавени кожи. Кириџиите, луѓето што ги воделе карваните, главно биле од Шар Планина, но имало и од други краишта. Еден карван се состоел главно од 50 до 100 коњи товар. За преносот на стоката се употребувале и камили. Во Босна, еден период живееле скопјаните Хаџи Коста, Хаџи Јован, Кара Јове, Кара Јане. Тоа е само мал дел од имињата на скопските трговци. Трговските врски на Скопје особено биле силни со Трст, Виена и со Јужна Русија. Со Одеса и Киев тргувале децата на познатиот скопски трговец Хаџи Трајко.

Семејството Поповиќ од Пајко Маало ги увезувало автомобилите „форд“

Неговите синови, Хаџи Никче (Никола) и Костадин таму живееле подолг период, пред да се вратат во Скопје. Еве што најмногу се извезувало од Скопје: свила, ориз, памук (непреден), сафтијан (кожа), опиум, тутун, оружје. Во еден запис од 1857 година, според истражувањата на постарите етнолози, трговецот Хаџи Коста со еден карван испратил – 6 товари свила, 23 товари ориз, 72 денга тутун. Свилата се произведувала во Скопје, а оризот во скопско Тафталиџе и во Кочани. Од Скопје многу производи се извезувале во дворот на султанот.
А што најмногу се увезувало во Скопје? Најмногу се увезувале железарија и производи од железо, плочи, потковици, клинци, саџаци, тави (тигани), котли, меденици. Освен железарија, се увезувале и ќебиња, фесови, ремени. Преку Скопје се одвивала и транзитната трговија, низ него минувала стоката од Бугарија, цела Румелија, Босна, а стоката се носела и кон Сер, на југ. Транзитната стока се држела во „Куршумли-ан“ сѐ додека не била транспортирана во другите краишта.

Скопје било особено познато по производство на кожа, најпознат бил жолтиот сафтијан, од кој се произведувале најквалитетни обувки. Скопскиот сафтијан бил баран насекаде во светот. Во чаршијата постоеле специјални простори за производство на свила, која исто така била барана и извезувана. Свилата се сметала за еден вид „божествен производ“, која ги одредувала имотниот и општествениот статус.
Најголем процут свиларството доживеало во првата половина на 19 век, а со производство на свила главно се занимавале жените. Во многу дуќани во чаршијата се обработувал памук, кој се извезувал во светот.
Оружјето што се произведувало во Скопје било најмногу барано, благодарение на развиеноста на туфекчискиот занает. Карваните натоварени со оружје стигнувале дури до Индија и Египет. И денес, кај „Куршумли-ан“, постои улица наречена Пушкарска.

Скопје било крстосница на трговијата меѓу Исток и Запад

Според истражувачите на оваа проблематика, сите скопски оружари биле организирани во еден еснаф, на кој му припаѓале пушкарите, ножарите, сабјарите, како и производителите на футроли, кании и украси за оружјето. Интересно е дека се зачувани неколку имиња од овој вид занаетчии: како најпознат сабјар во Скопје се споменува Искендер (1700 година), потоа оружарите од семејствата Синан, Мехмед Река и Килич. Салих Асим Рустем-бег, еден од најпознатите градоначалници од крајот на 19 век, не случајно ќе запише дека „Скопје имало извонредна трговија“. Во периодот меѓу двете војни се отвораат автомеханичарски работилници, а браќата Поповиќ од Пајко Маало увезуваат автомобили од марката „форд“, бензин, како и првите моторни масла.