Што се наоѓало некогаш на просторот пред „Холидеј ин“?

2318
Панорама на просторот пред хотелот Холидај Ин во 50-тите години пред тој да биде изграден

На нашата поширока јавност малку ѝ е познато дека на просторот пред „Холидеј ин“ некогаш постоел амам! Да, вистински амам. Амамот бил наречен „Вардар бања“. Тој не бил двоен, туку единечен амам. И не случајно се нарекувал токму така – „Вардар бања“, бидејќи со помош на дрвено тркало (чарк) водата од реката Вардар била спроведувана до бањата

Просторот пред хотелот „Холидеј ин“ (некогашен „Гранд хотел“) не се разликуваше од другите мирни делови на Скопје пред земјотресот, кое дишеше со мир и спокојство. Тој мир уште повеќе беше нагласен со околното зеленило, кое сиот тој крај го чинеше единствен. Во близината беше паркот, денес наречен „Жена-борец“. Појас од зеленило имаше и на местото пред да се изгради „Гранд хотел“, а да не зборуваме за дрворедите на кејот, кои исто така се вклопуваа во тој комплекс, почнувајќи од старата Народна банка на плоштадот, па до влезот во Маџир Маало. За питомоста на просторот придонесуваа и малите стилски изедначени и речиси унифицирани куќички од Ново Маало. Сето тоа може многу убаво да се види на панорамската фотографија што ја објавуваме, а која го покажува тој простор пред да биде изграден „Гранд хотел“ („Холидеј ин“), потоа зградата на синдикатите и објектот на Градскиот трговски центар.

На нашата поширока јавност малку ѝ е познато дека на просторот пред „Холидеј ин“ некогаш постоел амам! Да, вистински амам. Амамот бил наречен „Вардар бања“. Тој не бил двоен, туку единечен амам. И не случајно се нарекувал токму така – „Вардар бања“, бидејќи со помош на дрвено тркало (чарк) водата од реката Вардар била спроведувана до бањата. Постојат и фотографии што го прикажуваат сето тоа. На местото на денешниот „Нов мост“ кај „Холидеј ин“ некогаш имало дрвен мост, а веднаш до него се наоѓал чаркот што ја црпел водата од реката. Според нашите истражувачи на османлискиот период, бањата се нарекувала и „Амам на Хасан Риза ефенди“ (Л.Б. Кумбараџи), бидејќи амамот се спомнува во едно негово завештание. Се наведуваат два датума за изградба на бањата: едниот е 1886-та, а „како краен датум на настанувањето се спомнува 1891 година“. Амамот е означен и на планот на Скопје од крајот на 19 век. „Амамот функционирал“, се вели понатаму во истражувањата, „до ослободувањето на Скопје во 1944 година, потоа бил урнат. Локацијата на која се наоѓал сѐ уште е празна“. Очигледно, станува збор за локацијата пред „Холидеј ин“, која и денес е празна.

Зградата на Правниот факултет наспроти Гранд Хотел (Холидеј Ин) пред земјотресот

Но тука не завршува приказната за оваа локација. Навистина е неверојатно како скопјани (не сите, се разбира) многу брзо заборавија на еден значаен објект што се наоѓаше на тоа место, наспроти хотелот „Холидеј ин“. Тоа е зградата на Правниот факултет, а дел од тие простории користеа и Филозофскиот факултет и Ректоратот. Постоеја голем амфитеатар и придружни сали, кои беа користени за разни манифестации и културни средби, бидејќи зградата практично се наоѓаше во центарот на Скопје. Пред земјотресот, кога бевме на тинејџерска возраст, копнеевме да ги запознаеме поетите (тоа навистина беше славно време кога поетите беа популарни). На една таква вечер и средба присуствуваа и Радован Павловски и Петре М. Андреевски (и денес ја помниме песната што ја читаше Петре, со наслов „Чардак и на небо и на земја). Во амфитеатарот, во долните простории, често се држеа годишните средби на извидничкиот одред „Доктор Димитрие Папазоглу“, на кои присуствувавме како извидници.

Кога бил граден тој објект на факултетот, бил урнат дел од куќите на Ново Маало. Тие што денес сѐ уште постојат во тој круг беа зад факултетот, затоа се зачувани. Празен простор остана кога објектот беше урнат во земјотресот, а таква е состојбата и денес. Постарите скопјани раскажуваат дека за време на земјотресот од поткровјето на зградата исплашени излетале огромни јата гулаби, кои никогаш не се вратија на тоа место, ниту на скопскиот плоштад, каде што претходно ги имаше во голем број. Според архитект М. Токарев, интересни се податоците за градителите и времето на изградбата на овој познат објект наспроти хотелот „Холидеј ин“. Особено треба да се спомене „хрватскиот архитект Владо Антолиќ (роден во 1903 г.), кој има дипломирано во Виена, од 1945 до 1953 година работи во Македонија како советник за урбанизам, а од 1966 до 1976 година како консултант. Во областа на архитектурата, тој во соработка со Егон Штајман, го подига значајниот административен објект на Министерството за внатрешни работи (во 1952-та, урнат во 1963-та), кој набргу е отстапен за потребите на Ректоратот на факултетите на универзитетот. Неговиот обликовен израз произлегува од речиси симетрично распоредените волумени…“. Од сето ова може да се види дека зградата била наменета да биде министерство за внатрешни работи, но набргу потоа нејзината функција била пренаменета за користење од страна на универзитетот.

Дрвен мост помеѓу Ново Маало и Пајко Маало во чија близина се црпела вода за Вардар бања

За да биде покомплетна сликата за тој простор што се наоѓа пред и околу „Холидеј ин“, треба да се каже дека „Гранд хотел“ („Холидеј ин“) е дело на арх. Славко Леви, започнат со изградба во 1955-та, а завршен е по земјотресот, во 1964 година. Зградата на синдикатите, која е во близината, е дело на арх. Славко Брезовац, започната е со изградба во 1958-та, а завршена во 1962 година, пред скопскиот земјотрес. ГТЦ е пуштен во употреба на почетокот на 1970-тите години. Сиот простор што го опишавме претставува огромна традиција на Скопје, која оставила неизбришливи траги во неговиот урбанистичко-архитектонски, духовен и естетски лик.