Фудбалот во Скопје започнал со партал-топка

774
Маџирмаалците талентирани фудбалери, фудбалскиот клуб „Металург“

Маџирмаалците Томе Христовски и Ерџан Билал, поранешен фудбалер на Слога, своевремено ми ги евоцираа своите спомени за годините од своето детство. „Најпрвин игравме со партал-топка“, велеше Ерџан, „направена од крпи обвиткани со сошиен чорап. А потоа игравме со гумени топки, но тие беа тешки, како олово. Сепак, радоста беше голема

Првата фудбалска топка е незаборавна како и првата љубов. Сите сме мечтаеле за првата љубов, како што сме мечтаеле и за тоа кога ќе дојде времето да ја купиме својата прва топка. А патот до првата вистинска или купечка топка навистина беше долг. Во тие сиромашни времиња на почетокот и на средината на 1950-тите години тешко беше да се дојде и до парталава топка. А сѐ започнуваше од неа – партал-топката, без која не можеше да се замисли маалскиот фудбал. Тоа беше всушност крпеница од некој стар отпаден шивачки материјал, обвиткан со поцврст чорап, за да може крпеницата да се тркала. За нас, вистинска фудбалска топка претставуваше првата купена гумена топка. Тоа беше првото големо доживување во нашите животи. А вистинскиот, кожен фудбал дојде многу подоцна. Со гумената топка и другарите одевме право во паркот, да играме на тревниците или во дворот на нашето основно училиште „Тефејуз“ („Никола Вапцаров“), кое се наоѓаше кај денешното паркче, зад МКЦ.

Не случајно, еден од нашите најдобри познавачи на историјата на фудбалот во Скопје, новинарот Ивко Панговски, приказната за фудбалот ја започнува токму со неа – со партал-топката. Тој вели: „Според едни, уште во 1903 година, за време на наставата по гимнастика во скопските училишта, учениците играле со топка, удирајќи ја кон импровизирани голови. Точно не е утврдено, иако многумина веруваат дека тоа била партал-топка. Нешто подоцна, според сеќавањата на скопјани што се пренесуваат од колено на колено, првата вистинска кожена фудбалска топка ја донеле, според едни, турски офицери што се школувале во западноевропските земји, а, според други, англиски војници“. Но присутни се и сведоштвата дека пролетта 1910 година, скопските Евреи, по потекло од Солун, браќата Салвадор и Пепи Мустафија, сопственици на киното „Вардар“, донеле фудбалска топка во Скопје. Таа била од кожа, доста тешка и се пумпала со пумпа од велосипед. А набргу богатите скопски трговци и службеници на своите деца им набавиле фудбалски топки дури од Виена.

И во годините по Втората светска војна, но и подоцна, партал-топките повторно се присутни. И маџирмаалците Томе Христовски и Ерџан Билал, поранешен фудбалер на Слога, своевремено ми ги евоцираа своите спомени за годините од своето детство. „Најпрвин игравме со партал-топка“, велеше Ерџан, „направена од крпи обвиткани со сошиен чорап. А потоа игравме со гумени топки, но тие беа тешки, како олово. Сепак, радоста беше голема. Игравме кај поранешното балетско училиште (се наоѓаше на местото на денешниот ГТЦ), потоа на просторот каде што денес се наоѓа новата железничка станица, на една плоча премачкана со катран. По играњето не можеше да нѐ испере ниту Вардар, толку бевме црни како да сме излегле од рудник“. Христовски раскажуваше дека маалски фудбал играле и во близината на песочната плажа во Маџир Маало, каде што и денес се наоѓаат игралиштата. „Најлошото беше “, се сеќава Христовски, „ако гумената топка ни паднеше во нечиј двор. Тогаш комшиите ни ја сечеа со ножици. Не можам да си спомнам каде тие топки ги купувавме, можеби во продавниците на,Борово`“. Но официјалниот фудбалски натпревар со сите спортски правила ќе се одигра неколку години подоцна, во „Идадија“ (1909), каде што денес постои спомен-обележје. Веќе кон 1911-та се формираат и првите скопски фудбалски клубови.

Особено интересна приказна за првите фудбалски топки е поврзана со некогашното Бимбо или Пошта Маало пред војната. Со неа е поврзана една интересна, речиси анегдотска ситуација, кога момчињата од Бимбо Маало се досетиле како да дојдат до фудбал. Еве во што се состоела нивната итрина. Неа ми ја раскажа Томе Николовски, кој и самиот бил дел од таа приказна. Имено, познатиот војвода Смиле Војданов, по Илинденското востание од 1903 година, заминал да живее во Америка. Во 1945 год. тој се вратил во Македонија, но бидејќи не се согласувал со тогашните власти, се вратил назад. Во Скопје останал да живее неговиот син Стив, кој успешно се занимавал со атлетика, фрлање копје и скокање со стап. Од преголемата желба за фудбал, маалските другари одлучиле Стив да му напише писмо на татко си во Америка за да им испрати вистински фудбал. Речено – сторено. Стив го напишал писмото и сите со нетрпение долго време го очекувале фудбалот.

„Чекавме повеќе од еден месец“, раскажуваше Томе, „и конечно добивме покана од Пошта 2 да го подигнеме пакетот со фудбалот испратен од Америка. Кога го отворивме, внатре што да видиме. Вистинско чудо. Нешто што личи на фудбал, ама не е фудбал. Топката беше искривена, издолжена како краставица. Сфативме дека по грешка ни е испратена топка – за рагби, а не за фудбал. Стив, кој не го владееше добро македонскиот јазик, не разбрал добро што бараме, па му порачал нешто сосема друго на татко си. Сепак, решивме да ја искористиме рагби-топката. Игравме со неа во водите на Вардар на Градска плажа. Тоа предизвикуваше смеа кај присутните, но беше забавно“. Томе Николовски со носталгија ги наведуваше имињата на тогашните другари од Бимбо Маало: Стојан Крстев, Благоја Митрушев, Предраг Кениг, Андреја Герасимов, Драган Гитла. Иако подоцна се јавуваа момчиња вистински мајстори на фудбалот што играа за најдобрите скопски клубови, Вардар, Работнички, Слога или Балкан, па дури и за странски клубови, остана големиот мерак и спомен за првата, незаборавна – партал-топка, од која започнало сѐ!

Настан за паметење, „Вардар“ го освои фудбалскиот куп во 1961 година