Скопјани како да се кодирани за излети и за седење во кафулиња

610
Еден излет на скопјаните во периодот пред Втората светска војна

Еден патописец, кој ги поминал сите краишта од овој дел на Балканот и Европа, запишал дека никаде не се оди и не се ужива толку многу во манастирите и убавата природа како што се прави тоа во Скопје

Во овие тешки денови на справување со коронавирусот, скопјани се придржуваат на строгите мерки, но забележувам дека некои рестрикции особено тешко им паѓаат: забраната за движење во пошумените места и планините, како и омилените седења по кафулињата. Тоа не е случајно. Ним им е во генот да одат на излети и планинарење, како и пиење кафе со пријателите во омилените кафулиња. Затоа, првата рестрикција беше укината, а за втората ќе мора (со право) да се почека. Еден мој пријател, божем на шега, ми вели: „Кога ќе поминам покрај моето омилено кафуле сѐ е празно и пусто, столовите се превртени и ставени на масите, ми доаѓа да наместам сѐ како што беше порано, да влезам внатре и да пијам кафе сам во некој агол“.

„Не се во прашање само кафулињата“, му велам, „треба да си го вратиме саканото Скопје во нормала, без морничавите слики на празниот град, на кои не сме навикнале, освен во катаклизмите и катастрофите. Градот си има своја интима, како да е живо човечко суштество, таа не треба да се загуби, но пред сѐ најмалку треба да се губат човечки животи“.
Кога велиме дека скопјани се кодирани и за излети, денес генерациите тешко можат да сфатат што за Скопје воопшто значеа излетите, особено второмајските излети. И пред војната, и по војната. Релаксирана атмосфера, непосреден допир со природата, пријателите, семејството, музиката и со неизбежната – скара. Тешко е од денешен аспект да се сфати што претставуваше излетничкото место Сарај, каква рајска убавина беше тоа, со голема посетеност. Но тука беа и Водно, Китка, Матка, Катланово, по земјотресот на реката Треска, кај кривината, местата во близина на манастирите или рестораните, кои денес е тешко и да се набројат. Денес се оди на излет за Први мај, и добро е што таа традиција во една форма е зачувана.

Ако денес речете „блазе си им на скопјани, знаат да уживаат“, на што прво помислувате? Како беше некогаш, а како е сега? Се разбира, помислуваме на младите скопјани, кои имаат свои ритуали и начин на живеење според кои се препознава духот на градот, но и на постарите, кои сѐ уште ја негуваат традицијата. Сите заедно го сочинуваат денешниот феномен наречен Скопје: долго да се седи на кејот за да се истера ќефот докрај, низ муабети, со неколку пијачки, додворувања, покажувања на новата облека, уживањето под сенките и близината на реката Вардар. Постарите ќе седнат срамежливо на клупите измешани со кафеанските маси, потсетувајќи се на своето најубаво корзо од гимназиските денови.

Во 1970-тите години за Втори мај се одеше и на познатата
кривина на реката Треска

На времето немаше толку кафеани, но имаше многу љубов и симпатии под костените и липите на кејот. Денес се ужива и во прошетките низ улицата Македонија, која веќе го заслужи епитетот ново „постмодерно корзо“. На неа се измешани сите современи феномени, од шетањето, кафе-сеансите, кибицирањето, до шопингот и симулирањето дека некоја итна потреба нѐ тера да поминеме токму оттука. Зар не живееме во време на симулакруми и симулации? Рајска градина стана и улицата Максим Горки, со неповторливите јапонски цреши и својата егзотика. Или примерот со уживањето на новите патеки покрај Вардар, одејќи пеш или со велосипеди, кои со својата брзина и перформансите личат на мали авиони на млазен погон. Некогаш со маалските другари едвај ќе позајмевме велосипеди за да појдеме до Сарај. Тоа беше уживање и долго патување до крајот на светот. Одевме покрај Тафталиџе, Долно Нерези, лозјата во Влае, па до Ѓорче и Сарај.

Некогаш, со пајтони, чези, арабаџиски и шпедитерски коли се одело на излети. Денес звучи чудно, но се одело во Тафталиџе, Капиштец, Тасино Чешмиче, Кисела Вода. И уште подалеку – Матка, Нерези, Љубанци, Побожје, Кучевиште, Бразда, Чучер, Булачани, Лисиче, Китка, Драчево, Катланово, преку некогашните села Долно и Горно Водно, сѐ до врвот. Раскошна природа, пријатни сенки и ладовини. Се носеле јадења, нешто се приготвувало и во природа. Преку летото се одело на одмор во блиската рајска околина на Скопје. Главно во познатите манастири и местата околу црквите. Марков манастир, манастирот „Св. Илија“ (долни) во Скопска Црна Гора, „Св. Богородица“ во Матка, „Св. Пантелејмон“ на Водно, „Св. Никита“. Се групирале по неколку семејства, се користеле главно шпедитерски коли. Летниот одмор можел да трае и по две недели.

Еве како, според еден запис, изгледала патеката до „Св. Пантелејмон“ на Водно. Некогаш се патувало и по три дена, но со запирања и преноќувања, за да може што повеќе да се ужива во природата. Првиот конак бил во Козле, вториот во месноста Тумба, за конечно да се пристигне во Нерези. Еден друг патописец, кој ги поминал сите краишта од овој дел на Балканот и Европа, запишал дека никаде не се оди и не се ужива толку многу во манастирите и убавата природа, како што се прави тоа во Скопје. Кон крајот на шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век вистински хит беа мотелите и рестораните „Чардак“, „Четири воденички“, кафеаната „Мечкина дупка“ (во Матка) или ексклузивниот амбиент во ресторанот кај познатиот угостител Сута во Кучевиште.