СКОПСКИ ЛЕГЕНДИ – Куриозитетни разгледници испратени во Скопје по повод Велигден

1971
Мотивот со зајакот и фарбаните јајца е редок во велигденската иконографија

Тие пленуваат со својата бајковитост, разиграната фантазија, чистотата на верските и духовните пораки. Многу од старите разгледници се испраќани дури и за време на Првата светска војна, некои од нив и од поголемите градови, Солун и другите. Тоа било можност, во тие тешки времиња, да му се честита на семејството големиот празник

Денес, во ерата на електронските комуникации, заборавивме на старите добри обичаи, да си ги честитаме меѓусебно празниците и важните датуми во нашите животи, со помошта на поштенските картички и разгледници. Имаше некоја неповторлива топлина и убавина, особено во детските години, со тие разгледници да им се честита на најблиските Нова година или некој друг празник. Во долгите зими со големи снегови, во тесните улички од маалата, со нетрпение го очекувавме поштарот да ни ги донесе честитките, или ние да ги испратиме сопствените, вметнувајќи ги во металните поштенски сандачиња поставени на аголот од некоја прометна улица. Ги очекувавме разгледниците од братучедите и братучетките, од другите роднини и пријатели, од другарките и другарите од клас или од маалото. Во некои од нив, особено оние од помладите генерации, имаше и понекоја љубовна искра и симпатија. Сето тоа беше напишано со перодршка и мастило, со краснопис што го учевме на училиште, а секоја буква беше мало уметничко дело. Среќен е секој оној што таквите разгледници сѐ уште ги чува во своите ковчежиња.

Пред војната, верските празници Божиќ или Велигден исто така се честитаат со пригодни разгледници, но по војната таа традиција речиси згаснува. Религијата, се разбира, не е забранета со никаков декрет, иако таа е изделена од државата, а повоената идеологија внесува свои правила на игра, кои се одразуваат врз практикувањето на верските обичаи и празнувања. Велигден, како еден од најголемите духовни и верски празници во христијанството, се одбележува и во Скопје и скопските цркви, особено во црквата „Св. Димитрија“, која, како млади, редовно сме ја посетувале во велигденските празнувања.

 

Постојат прекрасни разгледници пред војната што се испраќани во Скопје по повод Велигден и кои и денес се чуваат во албумите. Тие пленат со својата бајковитост, разиграната фантазија, чистотата на верските и духовните пораки. Многу од старите разгледници се испраќани дури и за време на Првата светска војна, некои од нив и од поголемите градови, Солун и другите. Тоа било можност, во тие тешки времиња, да му се честита на семејството големиот празник. Вапсаното јајце, како симбол на новото раѓање и новиот живот, е најчестиот мотив на разгледниците, иако тој не е единствениот. Постои во Библијата (Евангелието според Матеја) едно впечатливо поетско место, сврзано со воскреснувањето Исусово. Се случува чудото на воскреснувањето, а претходно „Ангел Господов слезе од небото“ и, откако седнува на гробот, преку една нагласено експресивна слика, се опишува неговиот изглед, „лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег“.

Таа боја на молњата и огнот и, од друга страна, чистотата, белината, се впечатоци што трајно се носат во себе, како нешто возвишено и празнично. А први празнични возбудувања во детските години беа – велигденските јајца. Чудесни, привлечни, во многу бои, токму како оние што се прикажани на разгледниците. Главниот проблем беше набавувањето боја за вапсување. Во скудните времиња, да се дојде до варзило не беше едноставно, а се употребуваа најразлични „методи“. На пример: бојата за боење алишта или јајцата се вареа со лушпи од кромид, со што добиваа жолта боја. Нивните шари се обликуваа од формите на растителниот свет. Потоа, мораше добро да се врзат во крпа или во чорап. За да добие јајцето посебна цврстина и да биде „нескршливо“, постоеја многу тајни во кои беа упатени само вистинските мајстори. На пример, кога се откри и стана банална нескршливоста на дрвените јајца, се премина на друга, специјална техника. Таа се состоеше во следново: требаше многу прецизно и внимателно со игла да се дупне живото јајце, да се извади неговата содржина, а потоа, исто така прецизно и внимателно, да се наполни со течен гипс. За ваквите мајстории на маалските мангупи би можела да се напише цела книга.

Првите доживувања на велигденскиот празник се преку симболиката на јајцето

Се разбира, кршењето со јајцата е посебен ритуал, но тие маалски задорковци не почитуваа никаков ритуал, ако тој не е поврзан со некоја добивка, со некој ќар. Скршеното јајце е ќарено јајце и можеше да се случи, оној што губи, по неколкупати да оди до дома и да се враќа, додека плетената кошница со јајца на креденецот не останеше празна. Така, кога денес си ги замислувам тесните улици и сокачиња од предземјотресното Скопје, ми се присторува дека тие се преполни со лушпите од искршените јајца. Со нив всушност е поплочено нашето детство. За празникот сѐ требаше да биде ново, чисто, варосано, свечено. Децата, дотерани во нова облека, на самиот ден на празникот, рано наутро или попладне, одеа во посета кај роднините. Освен јајце, понекогаш добивавме и понекоја паричка. Но едвај чекавме да се вратиме во улицата, и повторно да започне кршењето со јајцата што сме ги добиле, според строгиот ритуал: врв со врв, газер со газер. А со јајцето што ќе останеше нескршено, повторно истото: врв со врв, газер со газер. Прекрасните мотиви со вапсаните јајца од старите разгледници нѐ потсетуваат токму на тоа време. На едно чисто, возвишено, мирно и продуховено Скопје, кое и по многу години не исчезнува од нашите спомени.