Скопските излети што никогаш не се забораваат

2284
Излетите се претворале во повеќедневен одмор

За тие незаборавни престои во природа се групирале по неколку семејства, а се користеле главно шпедитерски коли. Летниот одмор можел да трае и по две недели, но и повеќе. Постојат сведоштва од мајсторите во чаршијата што ги носеле семејствата на одмор во манастирите, се враќале во градот на работа, за по една или две недели повторно да се вратат по своите најблиски

Скопјани имаат голема традиција на одење на излети. Познато е дека на излети се одело дури до доцна наесен. Од денешен аспект, изгледа многу необично, па дури и неверојатно кои сѐ места биле посетувани, со оглед на тоа што некои од местата сега се наоѓаат речиси во центарот на градот: Тафталиџе, Тасино Чешмиче, Капиштец, Кисела Вода, потоа во Козле, Сарај, Матка, селата во Скопска Црна Гора, Лисиче, Драчево, Катланово, Маркова Река, од селата Долно и Горно Водно, сѐ до врвот на планината. Во еден запис се вели дека се одело и во Старо Вардариште и по Бавчите, потоа на теферич на Китка, над Горно Количани, а во „Петровец водата е толку слатка за пиење, што постојано тера на јадење“.

Посебен шарм, традиција и убавина имаа и излетите за Втори мај, во рамките на големиот празник на работниците и Денот на трудот. Мојата генерација се сеќава на нашите први незаборавни излети во Сарај или Матка. Во основното училиште, во пролетните денови или на почетокот од есента, со малото пионерско вовче нѐ носеа до последната станица, пред селото Глумово, а потоа со шпедитерски коли до кањонот и езерото Матка. Подоцна, со маалските другари едвај ќе позајмевме велосипеди за да појдеме на излет до Сарај. Онака, во сопствена режија, за да избегаме од градот. Тоа беше уживање и долго патување до крајот на светот. На враќање, задолжителна беше посетата на изворот со кисела вода во Вучидол.

Младоста, музиката и природата секогаш одат заедно

Во летните горештини особено било интересно бегството на жителите во околната природа. Како изгледале тогашните излети? Околината на Скопје била вистинското место за тоа. Се одело со пајтони, чези, арабаџиски и шпедитерски коли. Раскошна природа, пријатни сенки и ладовини. Постојат интересни необјавени фотографии од излетите, како да се земени од некој неореалистички филм: елегантни дами, господа во бели кошули и вратоврски, играат оро во природа. Во средината, на тревата, вљубена двојка, маж и жена со шапки по најновата мода. Се носеле јадења, нешто се приготвувало и во природа. Се разбира, тие благодати од природата ги користеле различни слоеви од населението. Излетите понекогаш се претворале во цели летни одмори.

Во убавата природа на Кривината на Треска се одеше и на излет за втори мај

Денес тоа е невообичаено, но тие одмори биле во блиската, рајска околина на Скопје. Тој „летен туризам“ во секој случај функционирал многу подобро отколку денес. Главно во познатите манастири и местата околу црквите. „Марков манастир“, манастирот „Св. Илија“ во Скопска Црна Гора, „Св. Богородица“ во Матка, „Св. Пантелејмон“ на Водно, „Св. Никита“. За тие незаборавни престои во природа се групирале по неколку семејства, а се користеле главно шпедитерски коли. Летниот одмор можел да трае и по две недели, но и повеќе. Постојат сведоштва од мајсторите во чаршијата што ги носеле семејствата на одмор во манастирите, се враќале во градот на работа, за по една или две недели повторно да се вратат по своите најблиски. Еве како, според еден запис, изгледала патеката од градот до „Св. Пантелејмон“ на Водно. Некогаш се патувало и по три дена, но сепак со запирања и преноќувања, за што повеќе да се ужива во природата. Првиот конак бил во Козле, вториот во месноста Тумба, за конечно да се пристигне во Нерези. Еден друг патописец, кој ги поминал сите краишта од овој дел на Балканот и Европа, запишал дека никаде не се оди и не се ужива толку многу во манастирите како што се прави тоа во Скопје. Престојот во скопските манастири бил вистински рај.

Во автентичните сведоштва за овие излети и одмори што пред неколку години ми ги остави еден од постарите скопјани се вели: „Често одевме на излети, но и летувавме во манастирот ’Св. Илија Долни’ кај Чардак. Одевме со шпедитерски коли и останувавме две или три недели. Тоа беше женски манастир со многу калуѓерки, каде што беше замонашена и тетка на мајка ми. Под собите на калуѓерките имаше огромен чардак, на кој се сместувавме неколку семејства, главно чаирчани и топаанчани. Понекогаш користевме и две соби, за кои плаќавме симболично, за да го помогнеме манастирот. Беа тоа денови и ноќи на незаборавно дружење, постојано се пееше и се играше. Таму првпат ги научив најубавите македонски народни песни, во дебелите сенки околу манастирот“. Подоцна, кога главно превозно средство стана автомобилот, манастирите беа заменети со одењето во мотелите. Престижно беше да се појде до „Четири воденици“, до „Чардак“, до мотелите на Водно или во Катланово. И тоа повторно во името на уживањето во природа. Денес тоа уживање во скопската околина малку е користено, а да не зборуваме дека сѐ уште постојат идеални места за излети, но и за вистински повеќедневен одмор.