Скопскиот чинар – атракција што бара повеќе внимание

1424
Стариот чинар раскажува многу приказни за Скопје

Чинарот е засаден во дворот на познатата џамија „Иса-бег“, која е подигната во првата половина на 15 век, 1475/1476 година. Таа е оставина, изградена е посмртно по барање од самиот Иса-бег, како што стои во неговото сочувано вакафнаме, напишано неколку години порано (1469)

Скопје има чинар со кој може да се гордее и кој претставува атракција, иако за него треба многу повеќе да се знае. Тој бара внимание во смисла на негова поголема популаризација и ставање на мапата на незаобиколни споменици на природата. Но и на културата, истовремено. Поради околината и историјата што тој ги крие во себе. Историја што може секого да заинтересира, оживувајќи го на тој начин богатото минато на Скопје. Чинарот е посетен, иако таа посета е далеку од заслужената и онаква каква што е вообичаена за ваквите споменици. Не само во поширокиот простор, туку и во стариот дел на градот многумина од жителите не знаат за овој споменик. Кога е засаден чинарот, кој го засадил и во кое време, колку е стар и каква приказна раскажува тој за градот?

Чинарот е засаден во дворот на познатата џамија „Иса-бег“, која е подигната во првата половина на 15 век, 1475/1476 година. Таа е оставина, изградена е посмртно по барање од самиот Иса-бег, како што стои во неговото сочувано вакафнаме, напишано неколку години порано (1469). Иса-бег бил моќна фигура на своето време, бил трет краишки војвода (серхат мухафиз), заповедник на Скопје, протежиран од двајца султани, султанот Мурат Втори и неговиот син, султанот Мехмед Втори Фатих. Тој е внук на освојувачот на Скопје Игит-паша, а син на Исхак-бег. Ја контролирал трговијата со дубровчаните, главен предводник е во ширењето на Османлиското Царство кон север, ги основал градовите Сараево и Нови Пазар, учествувал во освојувањето на Цариград во рамките на румелиската војска, која ја предводел Караџа-паша. Бил голем донатор, изградил многу објекти во Скопје – џамии, амами, карван-сараи, библиотеки, медреси. Не се знае точно кога е роден, кога и каде починал и со сигурност не може да се утврди неговото почивалиште, освен преку некои преданија.

Сејдиа Абдураман-последниве седум години чинарот редовно се наводнува

Ако чинарот е засаден во времето на подигањето на џамијата, тој денес има околу 550 години, според официјалните наводи. Станува збор за Platanus Orientalis, односно платан, чинар или јавор, висок дваесет метри, кој е заштитен од 1993 година. Пред земјотресот, за време на нашето детство, кое се одвиваше околу чинарот, тој не само што не беше заштитен, туку и оставен на забот на времето. Тој ни беше тајно скривалиште и место за бегство од стварноста, како во некој чудесен свет на сказните меѓу густите лисја и неговите големи гранки како стебла. Огромно по својот обем, а со издлабена и испразнета внатрешност од времето, тој ни служеше како еден вид тобоган, по кој се спуштавме од неговиот среден дел до подножјето. Тогаш не постоеше ограда ниту околу џамијата ниту околу чинарот, а во близината имаше и простор за мал фудбал. За време на земјотресот сериозно беа оштетени тремот и предниот дел од џамијата, ѕидовите беа распукани, минарето оштетено, а сето тоа подоцна беше санирано.

Кога велиме дека чинарот е природен, но истовремено и културен споменик, ја имаме предвид богатата приказна што тој може да ја раскаже за објектите од неговата непосредна околина, еднакво интересна и за жителите на Скопје и за странските туристи. Во непосредната близина на чинарот постоела една од најголемите исламски библиотеки на Балканот што ја основал Иса-бег. Кога денес ќе се прочита што сѐ таа содржела во себе, навистина се добива импресивен впечаток: книги од филозофијата и логиката, медицината, реториката, разни научни дисциплини, богат избор од книги со верска содржина. Тука се наоѓала и позната медреса со надалеку прочуени професори. Првпат била воведена и службата библиотекар со постојана плата. Во близината на чинарот се наоѓал уште еден пазар наречен Туз-пазар. Од Туз-пазар „патот водел до мостот“. Се смета дека со оваа реченица, која стои во вакафнамето, првпат се спомнува Камени мост во историјата на Скопје. Во околината имало анови, амами и големи карван-сараи, кои денес не постојат.

Некогаш на овој простор имало библиотеки и медреси

Во своите истражувања, чинарот посебно го спомнува и Лидија Кумбараџи-Богоевиќ: „Во дворот на џамијата се наоѓа еден многу стар чинар со извонредна круна за кој се смета дека бил засаден уште во времето на изградбата на џамијата“. Денес, дворот и околината на џамијата и чинарот изгледаат прекрасно. Особено во овие пролетни мајски денови, кога се навраќаме на овој простор, но и на нашите детски и младешки години, во славното Саат-кула Маало. Засадени се разни видови рози, обновен е шадрванот, подигната е нова, современа ограда. А и чинарот заживува, како да добива нов полет.

– Сето тоа е резултат на редовното наводнување на чинарот, кое го правиме последните седум години. Стеблото е огромно, порано немаше толку многу вода за наводнување. Ископани се нови бунари, современо опремени, сега водата не е проблем, бидејќи дрвото има обем од речиси осум метри – вели Сејдиа Абдураман, градинар и чувар. И тоа е уште еден повод да се види чинарот, и да му се дадат повеќе внимание и публицитет.