Прочка на Калето во 70-тите години

Прочка, или Велики поклади, спаѓа меѓу најголемите христијански празници. Во еден свој дел празнувањето е поврзано и со паганските прославувања. Покрај тоа што овој празник е вовед во најдолгиот, седумнеделен велигденски пост, тој изобилува со богати, разновидни обичаи, кои му даваат посебен белег. Една од неговите главни димензии е проштевањето, кога луѓето си бараат меѓусебна прошка. Обично помладите бараат прошка од постарите и од родителите, велејќи „Прости ми“, а им се одговара со зборовите „Нека ти е простено, од мене и од Бога“. Притоа, оној што барал прошка носел подарок, обично портокал, а во Скопје, велат етнолозите, се носел и специјално месен леб, наречен „чурек“. Преоблекувањето или маскирањето е карактеристичен белег при одбележувањето на празникот Прочка. При преоблекувањето, најмногу се користеле народните носии, потоа градските носии „а ла турка“ и „а ла франга“. Особено популарно било носењето ромска облека, која се шиела или се позајмувала за тој повод. Во Скопје се преоблекувале и мажите и жените и децата. Понекогаш се комбинирале повеќе видови носии, а за жените важело едно строго правило. При начинот на забрадувањето, се разликувале оние што се мажени од немажените. Децата најчесто се издвојувале од преостанатите и според маските-сурати што ги носеле на лицето, а кои биле изработени од картон. Се приредувале и маскенбали.

Популарно било фотографирањето во ателјеата кај познатите скопски фотографи. Тие фотографии подоцна им биле подарувани на роднините и на пријателите. По фотографирањето се одело право на Калето или на плоштад, каде што имало музика и други приредби. „Фотографирањето за Прочка во фотостудио беше традиција“, ми раскажува мојот пријател Кочо, сопственикот на „Фотостудио“, кој и денес работи во чаршијата. „Имавме и специјална декорација за тоа. Интересно е тоа што на фотографите од чаршијата им беше дозволено да работат и за Прочка, во недела, иако другите не работеа. Тие имаа предност бидејќи се наоѓаа во близината на Калето, на пример: фото ’Нико’, фото ’Мимоза’, фото ’Клисаров’, фото ’Техника’, фото ’Стево’ (Харалмпиев), фото ’Турист’. При костимирањето, особено внимание им се посветуваше на децата“, раскажува Кочо. Ах, Калето за време на Прочка! Се слушаше музика која далеку одекнуваше. Шаренило од народни носии и облеки. Привлекуваа панаѓурските тезги: црвени колачиња во вид на срциња со стакленца во средината, шарени бонбони, рипчиња од шеќер, зашеќерени јаболка со црвена глазура, лимонада точена од рака, тазе локуми со вода од стомна, разна бижутерија. Од разгорени скари се ширеше мирис на ќебапчиња. Со почнувањето на археолошките истражувања, а особено со познатите настани од Скопското кале, одбележувањето на Прочка на Калето полека замираше. Пред повеќе од десет години, Музејот на градот Скопје организира успешна изложба по повод овој празник, со фотографии и каталог подготвени од врвни познавачи на оваа проблематика.

Подготовка за маскенбал пред војната

Има еден многу интересен запис што зборува за тоа како се одбележувала Прочка во Скопје пред војната. Верувале или не, се спомнува бројка од неколку илјади луѓе присутни на прославата. Собирањата биле главно во центарот, на скопскиот кеј, но и во Офицерскиот дом. Во тој текст се вели: „Беше Прочка. Ден за простување, за лудување и за бакнежи. Благодарение на Прочка, проводот беше одличен, и за дамите и за господата. Беше весело, многу весело, и додека се простуваа старите гревови, направени се десет пати повеќе нови, за идната Прочка. Што да се прави? Ако не греши, човекот не би бил човек… Во животот секогаш сметаме на оној што ни простува, бесконечно ни простува, за да ни олесни во душата, ни простува многу повеќе отколку што ние тоа сме го заслужиле“. За празникот се подготвувала и богата семејна трпеза, како што е забележано, и тоа печена кокошка, сарма, баница, баклава и кадаиф. По ручекот, следуваше обичајот „амкање“, карактеристичен за Прочка, на што се сеќаваме уште од детството. Се амка варено јајце врзано со конец или канап, прицврстен за сукало, за светилка или за лустер од таванот. Јајцето се вртеше околу масата и секој се обидуваше да го дофати со устата. И за време на Прочка се палеле огнови што се прескокнувале, што симболично означувало прочистување од злите духови.

Неделата пред Прочка се нарекувала Бела недела и се јаделе само млечни производи. Денот по Прочка се нарекува Чист понеделник, кога почнува велигденскиот пост. Постојат повеќе приказни за денот Чист понеделник во Скопје. Меѓу другото, со шпедитерски коли и со пајтони се одело во месностите Барутана или Тасино Чешмиче, каде што се одржувале најразлични свечености.