Мистерија – таинствен предмет соѕидан во Калето

1909
Западниот влез во тврдината каде што се наоѓала и Водената кула

За да се дојде до целта, треба просторот над бездната да се помине преку бетонски ѕид широк едвај половина метар. Внимателно, чекор по чекор. Притоа, ладнокрвно и педантно да се придржувате за старите тесни камени отвори од пушкарниците што се свртени кон улицата Самоилова. Се разбира, не гледајќи во бездната

Историјата на Скопје треба уште многу да се истражува, бидејќи таа е неисцрпно богатство. Понекогаш, сосема ненадејно, ќе откриете некој детаљ од минатото што ќе ве изненади и врати стотици години наназад. Било да станува збор за нови артефакти или за оние што се истражувани, а денес се сосема заборавени. Постои еден таков интересен и карактеристичен пример, кој веднаш предизвикува внимание. Но и други примери што не се помалку интересни и загадочни. Како да се извадени од рубриката „Верувале или не“. За да го откриеме таинствениот предмет или артефакт, требаше да ризикуваме како во сцена од акциските филмови, за да можеме да стигнеме до него и да го фотографираме. Тој артефакт е вграден во најмонументалниот, североисточен ѕид на Калето. Како се случило да се наоѓа токму на тоа место од тврдината?

Последниве години на Калето се изградени неколку музејски простори во близината на монументален северно-источен ѕид, а се вршеа градежни интервенции и на самиот тој бедем. Затоа, со мало невнимание при работата, тој артефакт можеше лесно да исчезне. А всушност станува збор за зачуван примерок на многу стара камена пластика, која, ни помалку ни повеќе, потекнува – од 12 век! За да се стигне до тој редок примерок треба да се помине простор од околу триесет метри, од квадратната до триаголната кула на Калето. Простор што е речиси незаштитен. Веќе со години. Секој неупатен добронамерник може фатално да заврши во бездна длабока дваесетина метри, бидејќи таа не може да се забележи од околните растенија, дрвја и грмушки.
Значи, за да се дојде до целта, треба просторот над бездната да се помине преку бетонски ѕид широк едвај половина метар. Внимателно, чекор по чекор.

Борбата помеѓу Самуил и унгарскиот крал, во кругот се кулите од Скопската тврдина

Притоа, ладнокрвно и педантно да се придржувате за старите тесни камени отвори од пушкарниците што се свртени кон улицата Самоилова. Се разбира, не гледајќи во бездната. Откако ќе ја завршите работата, треба да се вратите назад по истиот пат. Безбедниот пристап, оној откај главната северна порта, често е забранет.
Таинствениот артефакт е уникатен дел од камен олтар или друг средновековен објект што се наоѓал тука пред доаѓањето на Турците. А можеби е донесен и од блиската околина како градежен материјал. На него извонредно вешто се обликувани цветни елементи, какви што можат да се видат на олтарите од црквите од 11 и 12 век. Како се случило овој артефакт да се најде на тоа место и да опстојува толку векови, прашање е што ја разгорува фантазијата. Првпат за него дознав од научните истражувањата на професорот Константин Петров. Тој пишува дека сличен таков вреден предмет се наоѓал вграден и во Водената кула, долу под Калето, кај „Електродистрибуција“ (денес дел од таа кула е во дворот на новоизградениот објект на царинарницата).

Но проверката покажа дека тој е одамна исчезнат. А за овој, зачуваниот симбол на големиот ѕид на Калето, Петров вели: „Во поправката на триаголната кула е вѕидан мал фрагмент од бордура со срцелисни и петлисни палмети“. Се смета дека во тој најстар ѕид, кога дошле Турците, доѕидувале елементи од штотуку разурнатите објекти што им биле при рака, а кои биле стари и по неколку века. Се уште е мистерија на кој објект точно му припаѓал зачуваниот артефакт. Сепак, постои податок дека во периодот меѓу двете војни се откриени камени остатоци од олтари што датираат од 11 век.

Загадочна камена пластика вградена во Калето

Калето и неговата околина секогаш биле пребогати со историски артефакти, а само некои од нив се зачувани денес. Тука како да застанало времето, наеднаш ве заплиснува патината на историјата и сѐ уште го слушате говорот на вековите. Постои една мистериозна случка во Скопје што се спомнува во некои записи, која како да е преземена од некоја сказна. Имено, во 1930-тите години на минатиот век, кај училиштето „Идадија“ во Дебар Маало, пронајден е необичен предмет за кој сите се чуделе како воопшто можел да се најде тука. Тоа било убаво изработен камен, дел од олтар на скопска црква од 12 век! Навистина необична случка. Како тој дел од многу стара црква се нашол на десната страна на реката Вардар? Дали тука некогаш можеби се наоѓала стара црква? Тоа е малку веројатно. Делот од олтарот најверојатно бил зачуван од некој храм од левата страна на Вардар, можеби од катедралната црква „Св. Богородица Троерачица“? Или од некоја од многу старите цркви што се наоѓале на Водно? Тоа бил поголем фрагмент од декоративен релјеф што требало да биде пренесен во музејот. Но фрагментот никогаш не бил пренесен во музејот. Зошто? Тој повторно исчезнал и до ден-денес му се губи секаква трага.

Еден сличен интересен пример донесува и Лидија Кумбараџи-Богоевиќ во своите истражувања. Имено, по палењето на Скопје од страна на генерал Пиколомини, османлиите го реновирале Калето. За тоа поставиле плоча на тврдината на која пишувало: „Хронограм за обновата на тврдината (кал`а), која се согради цврсто во годината 1111“. (29.6.1699 – 17.6.1700). Верувале или не, плочата е пронајдена дури по Втората светска војна, пред влезот на една скопска куќа, каде што служела како – бришач за чевли. Ете, и тоа се дел од куриозитетите и тајните на Скопје.