Лето во Скопје – некогашен рај на природата

1333
Низ паркoт до плажите на Вардар, артистот Драги Костовски, втор од лево и режисерот Бранко Гапо трет од лево

Цело Скопје дишеше во зеленило, мали паркчиња постоеја насекаде низ градот. Освен паркчето што денес го носи името „Жена-борец“, познато беше и паркчето веднаш до плоштадот, наспроти денешен „Тренд“, потоа она кај стоковната куќа „Илинден“ во Старата чаршија и пред „Даутпашиниот амам“, паркот во Чаир, а тука се вбројува и шеталиштето на кејот. Пред војната постоел парк кај „Млин-Балкан“, како и кај денешната нова железничка станица

Некогашните скопски лета, поради чистата природа и незагадените води, сѐ до пред земјотресот, беа вистински рај за жителите на овој град. Кога ќе си спомнеме на тоа време, имаме впечаток како сето тоа да се случуваше во некој прекрасен, волшебен филм, кој, за жал, мораше да заврши. Во градот имаше пеколни температури, а на плажите на Вардар и во паркот – температурите беа неколку степени пониски. Плажите на Вардар во тоа време беа поврзани со густата шума во паркот, особено оној „трет дел“, кој личеше на џунгла со високи стебла и многу зеленило. Зеленило имаше и околу плажите, особено Руската, Градската и Офицерската плажа. На плажа се одеше поединечно или во двојки, но и во поголеми групи од момчиња и девојки, а не беа исклучок и посетите на цели семејства.

Одењето на плажа беше посебен ритуал – се носеше јадење, цели тави беа претходно подготвени дома или во маалската фурна, а лубениците, се разбира, се ладеа во Вардар. Во густото зеленило и високите грмушки се играше и „комар“, децата продаваа оранжади разладувани со талпи мраз купени во скопската пиварница. Младите играа „олди“ во реката, се слушаа гласни извици и прскања со вода, која ги печеше очите вцрвени од долгото капење. Во бараката на Градската плажа можеа да се изнајмат кајаци и сандолини наменети за веслање на капачите, на брегот се слушаа пријатни звуци на гитари, оние на Симе или Лаки, а околу нив беа насобрани многубројни љубопитници. На плажите доаѓаа деца, тука се учеа да пливаат, особено на поплиткиот, десен брег, за разлика од левиот, кој беше длабок и побрз. Доаѓаа средношколци со девојките, нивните први љубови, а многубројни беа и студентките и студентите од скопските факултети. Денес, голем број професори, лекари, инженери, уметници, ми ги покажуваат своите фотографии од студентските денови, кога преку летото оделе на плажите, особено на Градската. Многу љубов, многу топлина, многу носталгија по изминатото време и летниот град се кријат во тие фотографии.

Рекреација на плажа, кајак на Вардар

На дебармаалците плажите им беа најблиску, другите посетители што доаѓаа од другите делови на градот одеа по славниот насип низ паркот, за да стигнат до рајот на тогашната чиста природа. Некои се качуваа на малото мовче, а потоа скокаа од вагонетките во тревата во паркот, за да се упатат во правецот кон реката Вардар. Кога го спомнавме насипот, да кажеме дека некои негови делови постојат и денес. Треба да спомнеме уште еден феномен сврзан со реката Вардар: капачите на разни места од реката се плашеа од „колци“, кои во некои делови беа чести во водата, дури штрчеа над неа. За овој феномен на насипот и на колците малку се знае, а тие се поврзани со првичните регулации на текот на реката Вардар. Имено, на одделни места колците се поставени во густа низа во водата, за да се забави и да се регулира текот на реката Вардар. Забавувањето на водотекот некаде довело и до создавање на мали полуострови, како кај оној кај „Ада кафе“, во близина на Еврејското Маало, на кој подоцна е подигнат и Турскиот театар во 1906 година. Насипот бил граден во периодот 1934-1935 година, за заштита од големите поплави што претходно се случувале. Една од тие големи поплави била токму во таа 1935 година. Опасноста од острите колци исчезна многу подоцна, со регулирањето на текот на реката Вардар.

Летниот рај на Скопје го претставуваа и некои други феномени, не само реката Вардар. Цело Скопје дишеше во зеленило, мали паркчиња постоеја насекаде низ градот. Освен паркчето што денес го носи името „Жена-борец“, познато беше и паркчето веднаш до плоштадот, наспроти денешен „Тренд“, потоа она кај стоковната куќа „Илинден“ во Старата чаршија и пред „Даутпашиниот амам“, паркот во Чаир, а тука се вбројува и шеталиштето на кејот. Пред војната постоел парк кај „Млин-Балкан“, како и кај денешната нова железничка станица (односно во Маџир Маало, кај железничката станица наречена „Вардар“, имало убав парк). По земјотресот рајските плажи се преселија на реката Треска, најпозната беше плажата кај Кривината, а подоцна беше изградено и езерото Треска. На скопскиот плоштад, замислете, постоеше кино на отворено наречено „Кино џабе“, но имаше уште нешто во врска со летните кина, што денес е заборавено. Тоа беа многубројните летни кинотераси, вистински освежувања во летните ноќи. Познати беа – летното кино „Балкан“, летната кинотераса на киното „Вардар“, летната кинотераса на Домот на градежниците, кинотерасата на Работничкиот универзитет (денешен КИЦ), летното кино „Парк“. Не треба да се заборават летната релаксација, шармот и убавината што ја нудеа базените, потоа летните бавчи и ресторани, „Кермес“, „Балкан бавча“, „Опатија“, „Офицерска бавча“, ресторанот-тераса „Златен брег“ под Калето, ресторанот на Скопското кале, летните бавчи „Меркез“ и „Шар“ во Старата чаршија. Тоа се само делови од незаборавните летни феномени и шеми на Скопје, кои мнозина жители, како драги спомени, сѐ уште ги носат во себе.