Летните скопски чуда

2457
На Градската плажа на Вардар

Ако сакаш да креваш чалами, треба да се пуштиш низ Вардар со внатрешна автомобилска гума, од Сарај до Камени мост. Но како ќе ја однесеш гумата до Сарај? Со тркалање. Ако сакаш да бидеш главен фраер, најубава беше црвената внатрешна гума. Црвена како жар. Како да се дојде до црвените гуми? Едноставно, нив ги имаше во камионите од марката „прага“

Нема крај на скопските чуда и чудесии, особено во летниот период. Летото беше рај според кој се препознаваше Скопје. Сите воздивнуваа, се потеа и препотуваа, но летото си е лето и без него не се може. Како и денес. Едноставно, го сакаме летото. Каков само беше ритуалот да се оди на плажа, во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век. Вистински летен настан што не се заборава. Многу анегдотски ситуации се прераскажуваат и денес.
На плажа се седеше долго, затоа мораше да се носи јадење. Можеше и тава со ориз, штотуку извадена од маалската фурна. Можеше со другарите да здиплите и некоја туѓа тава, додека фурнаџијата со лопатата ви е свртен со грб. Задолжителна е лубеницата, која предизвикувачки се мрешка и се лади во плитката вода крај брегот. Ако одите на плажа во Сарај, долг е патот. А по патот, многу бавчи. Скинатиот зеленчук може да заврши и во гаќичките за капење, за да не ве забележат чуварите. А за да се скројат гаќичките онака како што треба, може да се употреби некое старо платно или фрлено старо знаме. Гаќичките се врзуваа отстрана, за поедноставно да се облекуваат и соблекуваат.

Ако сакаш да креваш чалами, треба да се пуштиш низ Вардар со внатрешна автомобилска гума, од Сарај до Камени мост. Но како ќе ја однесеш гумата до Сарај? Со тркалање. Ако сакаш да бидеш главен фраер, најубава беше црвената внатрешна гума. Црвена како жар. Како да се дојде до црвените гуми? Едноставно, нив ги имаше во камионите од марката „прага“. На плажите се продаваше ладна оранжада. За да биде ладна, требаше во кофите да има мраз. Мразот се земаше од фабриката во четири часот наутро. Немаше фрижидери туку само сефови од лим што служеа за таа намена. Работилница за оранжади имаше во Пајко Маало. Ги произведуваа чичко Живко и тетка Стојка, а се продаваа на плажите и пред Северната трибина на Градскиот стадион. По продажбата, шишињата мораа да им бидат вратени на газдите.
Во ладните сенки од дрвјата во паркот, во близината на Градската плажа, седеа коцкарите. Наеднаш ќе свикаа: „Дете, дај оранжада“. Наградата за продажба на ладните пијалаци беше честење плескавици во кафеаната на Градска плажа што ја држеа Трајко Пилотот и неговата сопруга Драгица, Црногорка. Во ладните води на Вардар се слушаа викотници, се играше „Олди“, допри ме. Околу капачите се возеа кајаци. Еве и една анегдота. На прашањето кога последен пат си ги миел нозете, одговорот е: Летоска во Вардар!

Летното кино во паркот беше посебен предизвик. Најнов филм со Мерилин Монро. Големо предизвикувачко филмско платно, но како да се влезе внатре? А зошто би влегувале внатре? Можевте да имате бесплатна кинопретстава ако се искачите на едно од високите дрвја околу летното кино. За да биде возбудата комплетна, требаше да внимавате да не се струполите од дрвото, долу во тревата. Не се одеше само во летните кина и тераси туку и во оние затворените, како киното „Напредок“, особено ако се прикажуваше филмот „Тарзан и неговата другарка“ (Џејн). Некои од гледачите во салата врзуваа ортоми, па од балконот се спуштаа во партерот, испуштајќи го препознатливиот крик на човекот од џунглата. Некој беше Тарзан, а некој неговата другарка Џејн. Ги имитираа главните ликови од филмот. Ако ве ангажираше некој познат шиткач да му купите билети за препродавање, можеше да ве чести трошки од бурек завиткани во фишек во бурекчилницата кај киното „Младина“.

Иако фудбалското првенство беше завршено, Зекуле секогаш ве пречекуваше пред спортскиот клуб Слога во Старата чаршија, со своите спортски коментари. Зашеметуваше неговиот глас, неговото брзо, возбудливо зборување. „Значи“, вели страсниот навивач Зекуле, „ако Слога го тепа Балкан, а Балкан го тепа Вардар, Вардар го тепа Партизан, а Партизан го тепа Манчестер јунајтед, тогаш – Слога е светски првак!“

Во играта со џамлии можевте да добиете кибрити или копчиња. Тие беа вистинско богатство. На кибритите имаше слики со прекрасни народни носии или со животни, а нив ги произведуваше „Драва“. Во гумите за џвакање се криеше таинствениот свет на филмските актери: Гари Купер, Клерк Гебл, Ана Мањани, Грета Гарбо. Недостигаше само Ерол Флин, кој, ако го имавте во албумот, ја носеше главната награда. Имињата на фудбалерите од сликичките ги знаевме наизуст: Беара, Митиќ, Чајковски, Бобек, Милутиновиќ, Калоперовиќ, Зебец, Видиниќ.

Се разбира, тајно требаше да се запали и понекоја цигара. Популарна беше нишка „морава“ во зелено пакување. „Вардар“ имаше две пакувања, од по 20 и 10 цигари. Големото пакување се отвораше како табакера. Навечер Скопје стивнуваше, а во ноќните часови крстосуваа прскалките што ги чистеа улиците. Тогаш се ширеше опоен, незаборавен мирис на летната прав од скопската калдрма. Или мирисот на липите на почетокот на јуни. Се слушаа и последните акорди од музиката во „Кермес“, „Опатија“, од „Златен брег“ под Калето покрај Вардар, како и сѐ потивките гласови од скопското корзо на плоштадот.

Средношколки на плажа во 1950 година