Кога е основан Заводот за јавно здравје во Скопје?

307
Познатите шкотски медицински сестри кои извршиле голема улога во здравството во Првата и по Првата светска војна

Скопје во тој период е во многу тешка ситуација, како и многу градови во Европа и на Балканот. Владеат маларијата и тропските болести, а од нив било заболено речиси половина од населението во градот. Веќе во 1921 година се оформува првата бактериолошка станица. Во рамките на просторот на сегашниот Клинички центар се поставени четири декерови бараки, добиени од репарациите што Германија ги плаќала по Првата светска војна

Скопски легенди

Историјата на медицината, особено социјалната и превентивната медицина во Скопје и во Македонија е многу богата, но, за жал, недоволно позната и подзаборавена, особено денес, за време на пандемијата. Со неа е поврзана и историјата на градот по Првата светска војна во сите аспекти од животот, бидејќи токму здравството е во основата на нашиот однос кон социјалата и општеството. Toa го одразува степенот на нашата целокупна култура, што особено се покажува денес.
Скопје во тој период е во многу тешка ситуација, како и многу градови во Европа и на Балканот. Владеат маларијата и тропските болести, а од нив било заболено речиси половина од населението во градот.
Веќе во 1921 година се оформува првата бактериолошка станица. Во рамките на просторот на сегашниот Клинички центар се поставени четири декерови бараки, добиени од репарациите што Германија ги плаќала по Првата светска војна.
Малку е познато дека една од тие бараки е зачувана и денес, а другите се урнати поодамна, некои при градењето на средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“. Иако е од дрвена конструкција, сегашната барака изгледа монументално и е жив споменик за развојот на здравството во Скопје. Зачувани се дури и дел од старата масивна ограда од црвени тули и неколку стари ѕидани куќи од времето на 1920-тите години, кога се поставувани бараките.

 

Андрија Штампар, основачот на јавното здравство во Скопје и во предвоена Југославија

Негова заслуга е што во Скопје во 1921 година е отворена првата бактериолошка станица, во чии рамки работела и секцијата за маларични болести. Амбициозниот Штампар не запрел тука. Тој сакал да формира и завод за тропски болести во Скопје. Како? Тоа бил скап проект, за кој требало да се обезбедат финансиски средства.
Користејќи ги своите меѓународни врски, единствено решение било – Рокфелер. Рокфелеровата фондација во тоа време била особено активна, а и претставници на Лигата на народите често престојувале во Скопје по повод реализацијата на идејата на д-р Штампар. Тој успеал да обезбеди 20 милиони тогашни динари од фондацијата „Рокфелер“ и зградата на заводот започнала да се гради во 1923 година.

Едно од првите санитетски возила користено во Скопје меѓу двете војни

Таа била завршена во 1924-та, а свечено била дадена во употреба на 5 април 1925 година. Од фондацијата „Рокфелер“ на отворањето присуствувал специјалниот претставник, д-р Мичел. Така бил оформен скопскиот хигиенски завод. Тоа е онаа прекрасна зграда што постоеше до скопскиот земјотрес, кога е урната. На нејзиното место денес се наоѓа зградата на Министерството за здравство.
Наши лекари оделе на специјализација во странство, многу познати лекари престојувале во Скопје и во Македонија, но и групи медицински сестри, меѓу кои и оние познати под името шкотските жени. Постоело и специјално санитетско возило опремено за таквите потреби. Републичкиот завод за здравствена заштита (денес Завод за јавно здравје), како и повеќе други центри за јавно здравје), има објавено публикации по повод педесетгодишнината од заводот, а како посебни истражувачи на оваа проблематика се издвојуваат Елена Јосимовска и д-р Златанка Димитровска.