Како изгледало скопското царство на рекламите?

838
Пред војната, на фасадите во центарот биле рекламирани производите

Денес сме преплавени со препораки за стоматолошки ординации и дентистички услуги. А, еве една таква дамнешна реклама од периодот помеѓу двете светски војни, која гласи: „Чувајте ги вашите заби. Само за 15 динари – добивате заб со гаранција од 10 години. Сите други работи се обавуваат најпрецизно и најевтино. Прегледот е бесплатен. Емил Рубен, најстар специјалист во Скопје“

Денес (2018) сме под исклучителна пресија на рекламите и рекламирањето на производите. Погледнете ги само автобусите, особено двокатните од градскиот сообраќај. Преку нив сме бомбардирани со реклами, при што се менува и црвената боја на овие возила, кои заради маркетинг-ефектот стануваат зелени, сини, шарени. Да не зборуваме за слични примери што исто така се присутни кај нас како и во другите градови во светот. Во Скопје како центар на трговијата, занаетчиството и индустријата, рекламата секогаш имала посебно значење за успешно пласирање на производите. Денес маркетингот е наука, но и во времињата кога не бил тоа, без него не се можело. Таа историја нa рекламирањето во Скопје е особено занимлива и постојат безброј интересни примери за инвентивност и креативност. Во времето пред војната, но и по неа. Популарни рекламни слогани имало и порано, тие не се наш изум, а изненадуваат со својата фантазија и духовитост.

Денес е актуeлно рекламирањето здрава и макробиотска храна, но и порано тоа не било поинаку. Скопје било преплавено со препораки за таквиот вид храна или специјални препарати, особено наменети за младите девојки. Еве како гласела една од тие реклами пред војната за девојките што сакале да имаат „силна и здрава крв, силни здрави нерви и одличен апетит“. Како да се постигне сето тоа? Се разбира, ако се пие „енергин“. Препаратот „енергин“ официјално се продавал во аптеките. Едно шише чинело 35 динари! Пред војната, и банките наоѓале начини да привлечат клиенти. Некои од познатите банки делеле специјални брошури со наслов „Секој може да стане богат“. Брошурите биле бесплатни, а внатре имало посебни упатства како да се стане богат. Во дослух со времето и со развојот на автомобилизмот, во Скопје започнале да се јавуваат реклами за најновите модели на автомобилите „форд“, увезувани главно од познатите браќа Поповиќ. Се нуделе „автомобили патнички и товарни за секаков вид употреба“. Потоа, автомобилски гуми, пневматични и полнети, од марката „континентал“. Се препорачувале и бензините на компанијата „Шел“.

Сакате добар и квалитетен радиоапарат? Тогаш не препуштајте го „телефункен“. Тој е гордост за секое семејство што ќе го поседува. А жените не можеле да одолеат на тогаш познатиот „сарај-крем“, крем за негување на лицето и на кожата. Тој „сарај-крем“ ги надминувал сите домашни и странски белила и, замислете, турските убавици од харемите за својата убавина требало да му се заблагодарат токму нему, на „сарај-кремот“. Ако не сте многу по харемите и по турските убавици, имало и друго решение. Можело да се користи и руски мевлем, иако тој бил и со друга намена, лекувал акутна невралгија, како што чоколадото „паксит“ ги отстранувало последиците од тешкото варење. Што се однесува до доброто варење по јадењето, се препорачувале прашоците „алфа“, со чија помош самите ќе си приготвите кисела вода. Сето ова го покажува богатството на производите, но и на рекламите со кои биле преполни весниците во периодот помеѓу двете војни.

Реклама на сплитска Југопластика во паркчето на плоштадот

Денес сме преплавени со препораки за стоматолошки ординации и дентистички услуги. А, еве една таква дамнешна реклама, од периодот помеѓу двете светски војни, која гласи: „Чувајте ги вашите заби. Само за 15 динари – добивате заб со гаранција од 10 години. Сите други работи се обавуваат најпрецизно и најевтино. Прегледот е бесплатен. Емил Рубен, најстар специјалист во Скопје“. Не знам дали денешните стоматолози даваат гаранција од 10 години при поправка на забите. Некогаш уживавме во рекламирањето на бонбоните „бронхи“ на телевизија. Но тоа не е куриозитет само на нашето време. Во Скопје меѓу двете светски војни исто така хит биле рекламите за бонбоните „бронхи“. Една од нив гласела вака: „Јадете бронхи-бонбони, па нема да кашлате. Помала или поголема кашлица, бронхи успешно ја спречува. Производ на Унион Загреб“. Особено била рекламирана кафеаната „Зрински“, бидејќи таа извршувала повеќе функции истовремено. Се наоѓала во Еврејско Маало, помеѓу Камени мост и Стариот театар. Се рекламирала првокласна кујна, но и најновите филмови што се прикажувале таму: „Филмовите што се даваат во киното ’Зрински’ се најубави и најинтересни, произведени од најпрочуените продуценти. Фина домашна и странска кујна и најразновидни пијалаци од најдобар квалитет. Бавчата ’Зрински’, веднаш покрај Вардар, им нуди на гостите пријатен одмор, свеж и чист воздух“. Ниту денес не може да се состави попривлечна и лирско-поетска реклама.

Пред, но и по скопскиот земјотрес, на главните објекти на плоштадот почнаа да никнуваат светлечки реклами. Сместени главно на доминантните делови од покривите на зградите, тие му даваа посебна убавина на ноќно Скопје. Тоа беа рекламите поставени на Стоковната куќа, Ристиќевата палата, хотелот „Македонија“ (денешен „Тренд“ и „Лондон“). Но не стануваше збор само за светлечки реклами. Особено успешни беа рекламите насликани на ѕидовите на одделни згради на плоштадот, а кои се однесуваа на продавницата „Југопластика“ од Сплит и на познатата „На-Ма“. За производите на фабриката за чоколади „Европа“ беше снимен краток филм. Познати беа и рекламите за пивото, потоа за чевлите „бата“ или „пеко“, како и за штофовите громби (пред војната и на костумите „тивар“), за женската модна галантерија, на која секогаш ѝ се посветувало внимание. Првиот рекламен столб за филмовите од киното „Култура“ е поставен на плоштадот пред војната, а подоцна, и тркалезните бетонски столбови за разни реклами, плакати и случувања на естрадата во градот. Тоа се всушност предците на денешните модерни билборди. Времињата се менуваат, но потребата од рекламите и можноста за подобра заработувачка – секогаш остануваат.