Заборавени факти – породилен дом во Старата чаршија

951
Средно медицинско училиште за акушерки во Скопје, било прво во Југославија по војната

Особено интересен дел од оваа приказна е што објектот на породилниот дом во Старата чаршија – денес сѐ уште постои! На неговата местоположба ми укажа познатиот мајстор за музички инструменти Љубе Гиевски, кој уште активно работи во чаршијата. Куриозитет е што тој самиот е роден во тој дом. Според подоцнежното кажување на неговите родители, во домот се породувале жените од блиската околина, а неговото семејство живеело кај „Јелен Капан џамија“, односно Судската палата, која е изградена подоцна

Ако запрашате повеќемина скопјани каде се родени, ќе ви речат – во Старата чаршија! Иако на почетокот можеби нема да верувате, но тоа е сепак вистина. Со текот на времето, истражувајќи го овој податок, добив впечаток дека половина Скопје е родено во – чаршијата. Чаршијата има друга намена, ќе си помислите, а не од неа да се слуша првиот плач на новороденчињата. Но така било во далечниот период по војната, кога во чаршијата постоел породилен дом од каде што навистина се слушал плачот на новородените бебиња.

Постои мислење дека гинеколошко-акушерскиот дел од развојот на нашата медицина, воопшто во Македонија, но и во градот Скопје, е особено сложен и сѐ уште целосно неистражен. А станува збор за исклучително значајни настани од оваа област на медицината, како и за особено заслужни и врвни имиња на цели генерации лекари гинеколози и акушерки. Особено кога станува збор за почетоците, по војната, а за тоа е „многу тешко и одговорно да се пишува. Најголемата тежина во обработката на материјалот претставуваат скудните податоци или нивното отсуство за одделни периоди“. Ова го велат врвните лекари и познавачи на оваа проблематика што се во уредувачкиот одбор (редакција Златан Џиков) на еден труд што го обработува периодот по војната, сѐ до почетокот на деведесеттите години од минатиот век.

Всушност, сѐ започнува со Земската болница во Скопје по ослободувањето, кога на почетокот на 1946 година, во рамките на оваа болница, се формирало гинеколошко-акушерско одделение, под раководство на д-р Грозда Симитчиева. Значаен удел во неговата работа имале и д-р Андро Стојанов и д-р Христо Кулишев. Доктор Симитчиева имала исклучителни заслуги во тој период, а не знам дали до денес ѝ се оддадени соодветна почит и признание, кое таа го заслужува. Родена е во 1910 година, а на Медицинскиот факултет во Белград дипломирала во 1936 година. И другите двајца доктори имаат сличен животен и професионален пат. Веќе во 1947 година работите се менуваат. Во таа година се формира Медицинскиот факултет во Скопје, Земската болница престанува да постои, а нејзините одделенија што постоеле дотогаш, започнале да работат како посебни клиники. Така, во 1947 година е создадена Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје, чиј прв раководител била д-р Грозда Симитчиева. Меѓу првите директори на клиниката се споменуваат и д-р Миленко Бериќ, д-р Антон Чакмаков, д-р Љубомир Шукаров и др. Акушерки биле Васка Кантарџиева, Миља Петрова, Лепа Јовановиќ, Драга Коробар. Клиниката од 1947 до 1952 година се наоѓала во зградата на Ортопедија, од 1952 до 1961 била преселена во објектот на поранешниот Уред (подоцна зградата на Градска болница во центарот на Скопје), за потоа да се пресели во стариот објект на ушната, очната и кожната клиника. Таа често беше доградувана и проширувана со нови простории и операциони сали. За прв претседател на управниот одбор на клиниката бил избран инж. Тодор Ношпал.

Објектот на породилниот дом и денес постои во Чаршија на улица 113 бр. 6

Повоените години се особено важни за породилниот дом што постоел во Старата чаршија. Во тој период се настојувало да се зголемат лекарските и воопшто хигиенските стандарди при породувањето. Во некои делови од градот се отворале посебни породилни домови, наречени градски породилни домови или одделенија. Еден таков градски породилен дом бил и оној во Старата чаршија. Тие работеле во рамките на клиниката, но имале своја посебна лекарска и акушерска служба. За директорки обично биле поставувани постарите акушерки (бабиците), а целата нивна работа била под надзор на лекарите специјалисти, односно биле под стручно раководство на д-р Грозда Симитчиева. Во своите спомени и сеќавања за тој период, особено за стариот дел на Скопје, д-р Шукаров вели: „Укажаната потреба од стручна помош за породување во деловите на Скопје, каде што имаше поголем број жени од малцинствата, доведе до отворање, близу Бит-пазар, т.н. градски породилен дом, каде што стручен раководител беше д-р Симитчиева, а директорка искусната бабица Мила“. Пред овој породилен дом, како и пред клиниката, секогаш стоел пајтон, кој бил користен за превезување на итните случаи, а подоцна се користеле автомобили.
Особено интересен дел од оваа приказна е што објектот на породилниот дом во Старата чаршија – денес сѐ уште постои! На неговата местоположба ми укажа познатиот мајстор за музички инструменти Љубе Гиевски, кој уште активно работи во чаршијата.

Куриозитет е што тој самиот е роден во тој дом. Според подоцнежното кажување на неговите родители, во домот се породувале жените од блиската околина, а неговото семејство живеело кај „Јелен Капан џамија“, односно Судската палата, која е изградена подоцна. Деновиве до зградата на породилниот дом (која денес е празна и не е во никаква функција) прошетавме заедно со Ќемал Емин, стар скопјанец од турска националност, кој го познава домот, бидејќи во него работела акушерката Драга, блиска пријателка на неговото семејство. И уште неколку интересни податоци: по војната, во Скопје е отворено средното медицинско училиште за акушерки, прво од таков вид во поранешна Југославија. Предавачи биле докторите Белопета, Станковски, Лазаров и др. Гинеколошко-акушерско одделение во Скопје имало и пред војната, во 1921 година, а го раководел д-р Коста Чохаџиќ. Постоеле и два санаториума во Пајко Маало, на д-р Ставридис и на д-р Чохаџиќ, во кои се вршеле и породувања.