Егзотиката на возниот парк на скопските пожарникари

466
Посебно осовременување на пожарникарската служба било извршено во 1921 година

Долго време од своето постоење, одржувачите на хигиената во градот и пожарникарите биле под ист покрив и заемно си помагале. Подоцна, кога се купени првите пожарникарски автоцистерни, користени се и за полевање на улиците. Во 1911 година „Чистачката колона“ се зголемила и била позната под името „Белегзија“

Противпожарната заштита е од исклучително значење, како за Скопје така и за Македонија, и за неа секогаш се водела посебна грижа. Противпожарните возила од пред еден век денес ни изгледаат егзотично, но за своето време тие биле најсовремено опремени и модерни. Не само заштитата од пожарите, туку и полевањето и чистењето на скопските улици почнало да се осовременува дури по Првата светска војна. Во 1918 година, многубројните направи за вода со кои се гаснеле пожарите сѐ уште биле влечени со помош на воловите. Имало само неколку рачни пумпи зачувани уште од времето на султанот Абдул Хамид. Сепак, по Првата светска војна ситуацијата значително се променила.

Авто-цистерните биле полнети од реката Вардар со помош на електромотори

Така, противпожарната служба и комуналната хигиена честопати дејствувале заедно бидејќи користеле исти возила. Според официјалните податоци, скопското комунално претпријатие било формирано уште во 1906 година. Постоела специјална „Чистачка колона“, која се грижела за одржување на чистотата и хигиената во градот, за метењето и за миењето на улиците. Задачата на таа колона била да учествува и во гаснењето на пожарите. Долго време од своето постоење, одржувачите на хигиената во градот и пожарникарите биле под ист покрив и заемно си помагале. Подоцна, кога се купени првите пожарникарски автоцистерни, користени се и за полевање на улиците. Во 1911 година „Чистачката колона“ се зголемила и била позната под името „Белегзија“.

Пожарникарските коли биле користени и за комунална хигиена

Во 2010 година беше одбележан јубилејот 100 години противпожарна заштита во Скопје. Од таа клучна 1910 година натаму, противпожарната служба сѐ повеќе се усовршува, воловската влеча и бурињата се заменуваат со автоцистерни. Посебен подем во таа смисла се забележува во 1921-1922 година. Тогаш е добиена една современа пожарникарска автоцистерна со волумен од 3.000 литри, која истовремено служела и за чистење на улиците. За Скопје од пред сто години, постојат и вакви интересни податоци сврзани со работата на комуналците и пожарникарите: голема кула била инсталирана (покрај реката Вардар) со резервоар за вода од 6.000 литри. Таа работела со електромоторна пумпа, а со нејзина помош една автоцистерната можела да се наполни само за 5 минути. Тоа бил голем напредок. Пумпата имала капацитет од 500 литри во минута. Постоеле и високи пожарникарски скали со светски стандарди. Од 1925 година, пожарникарскиот возен парк постојано се зголемувал, а градот напредувал во својата модернизација во тој домен.

На пример, на пожарникарска кола биле монтирани дополнителни пумпи за полевање на улиците, кои имале специјални решетки од двете страни на возилото и една во задниот дел. Во тој период постоеле цистерни, кои можеле да полеваат улици во широчина од 6 до 8, па дури и до 20 метри. Ете, со таквата модернизација скопјаните добивале сѐ повеќе во чистотата на градот, но тие самите сѐ почесто станувале – извалкани! Зошто? Цистерните постојано крстосувале низ градот, а граѓаните, од силните и неконтролирани млазеви вода, многупати биле прскани и наводенети до гола кожа. Тоа „капење без пари“ станало многу честа појава. Се огласила управата на градот, но и самиот суд со едно соопштение и предупредување до населението. Според еден запис од 1930 година, во тоа соопштение се вели:

Дел од пожарникарскиот возен парк

„Внимание до граѓанството,
Судот на Скопската општина повторно го предупредува граѓанството да обрне внимание на автомобилот на Општинската пожарникарска чета која врши полевање на улиците, како не би се случило некој од граѓаните да биде наводенет, за што Судот на општината не прима одговорност, ниту ќе зема предвид било какви жалби, бидејќи истите можат да бидат последица од невниманието на граѓаните“.
По повод 100-годишнината од пожарникарството во Скопје, покрај многубројните свечености, Ангелина Маркус објави една корисна и инструктивна книга во која се дадени многубројни податоци за неговиот развиток, како и за луѓето што пожртвувано работеле во противпожарната заштита. Во неа се вели дека „Формирањето на противпожарните чети, друштва и бригади во Скопје и секаде по градовите во светот се под покровителство на градоначалниците или во составот на Министерството за внатрешни работи како и други служби во корелација и финансирање што се грижат за сигурноста на луѓето и имотите“.

Во осовременувањето на противпожарната служба во Скопје голем удел имале и руските емигранти, кои ги пренеле своето големо знаење и искуство во оваа исклучително значајна дејност. Од многуте херои во оваа служба посебно се изделува улогата на Петар Маркус како основач и раководител на противпожарната заштита на градот Скопје и Македонија.