Времето кога низ Старата чаршија шетале камили

3983
Старата чаршија во 1917 година, од колекцијата на Диме Ратајковски

Сѐ до поново време, до пред Втората светска војна, во Македонија можеле да се видат камили во карваните. Камилите претставувале егзотични животни и предизвикувале големо внимание. Повеќе разгледници и фотографии со камили постојат од разни градови во Македонија, а помалку од градот Скопје. Тие се навистина раритетни, а среќата ме послужи неодамна да откријам една од нив…

Уште не е заборавено времето кога низ Старата чаршија се движеле камили, зашто Скопје е познато како град-крстосница со високоразвиена трговија. Трговските карвани, уште од најстарите времиња, постојано поминувале низ градот, но и поаѓале од него на разни дестинации во светот. Со карваните се увезувала и се извезувала различна стока. Сѐе до поново време, до пред Втората светска војна, во Македонија можеле да се видат камили во карваните. Камилите претставувале егзотични животни и предизвикувале големо внимание. Повеќе разгледници и фотографии со камили постојат од разни градови во Македонија, а помалку од градот Скопје. Тие се навистина раритетни, а среќата ме послужи неодамна да откријам една од нив, на која се претставени камили среде Старата скопска чаршија. Тие небаре шетаат низ чаршијата со својот газда, кој исто така позира на фотографијата, заедно со многуте насобрани љубопитници, деца и возрасни.

Карваните ги предводеле кираџиите, кои биле одговорни за сѐ, а едниот од нив бил главниот водач. Иако со нив одела и вооружена придружба, постои и еден ваков интересен податок: ако во вечерните часови карванот се приближил кон портите на Скопје, тој одбегнувал да влезе во градот. Поради поголема сигурност, придружбата со карванот преспивала во најблискиот ан, на пример во Ибраимово (Петровец), за да влезе во градот денски, во утринските часови. Така било посигурно, бидејќи ноќе, пред градот или во самиот град, карваните биле напаѓани и пљачкосувани. Исто така, тие секогаш тргнувале на пат дење, особено во утринските часови го напуштале градот. Кираџиите што ги предводеле карваните главно биле по потекло од Шар Планина, но ги имало и од други краишта. Еден карван се состоел од 50 до 100 коњи товар, со тоа што за преносот на стоката се употребувале и камили. Во Босна, поради трговијата, живееле скопските трговци Хаџи Коста, Хаџи Јован, Кара Јове, Кара Јане, а во Скопје подолг период живееле босанските трговци Хаџи Ѓорѓе и Хаџи Ристо.

Скопските карвани тргувајќи оделе многу подалеку од Европа. Товари со оружје произведено во Скопје и во Призрен стигнувале дури до Египет и Индија. Постојат податоци дека престојувале и во Судан, Персија, Арабија. Оттаму, веројатно биле купувани и обновувани камилите, кои биле расни и посебно издржливи. Посебно се тргувало со Трст, Виена и Јужна Русија. Со Одеса и Киев тргувале децата на познатиот скопски трговец Хаџи Трајко, неговите синови Хаџи Никче (Никола) и Костадин, кои подолг период живееле таму, пред да се вратат во Скопје. Тука треба да се споменат и трговците Хаџи Зафир (од семејството Кочковци), Зафир Мелев, Јане Шупка, Калеш Богдан, Тома и Ванчо Дичо, Хаџи Фетих, Ќерим Ефендија, Матеја и Лазар Комати, Коста Срчаџија од семејството Сидовци, кој бил најпознат трговец со производи од стакло.

Не е толку лесно да се одреди на кое место во чаршијата е снимена фотографијата со камилите што ја објавуваме во овој број. Добро е што е позната годината: фотографијата е од 1917-та, од времето на Првата светска војна, кога Скопје е под германска и бугарска окупација. Моето искуство покажува дека само прецизна компаративна анализа на повеќе објекти и слични фотографии може да доведе до саканиот резултат, да се открие местото на фотографирањето. Ако оваа разгледница со камилите значително се зголеми, ќе се види дека во далечината, во самото дно на фотографијата – ѕирка едно минаре од џамија. Тоа со голо око не може да се види. Значи, потребно е добро познавање на податоците, кои џамии постоеле тогаш, а кои постојат денес во чаршијата или нејзината близина. Во времето кога е направена оваа фотографија со камилите во 1917 година, во чаршијата и блиската околина постоеле следните џамии со високи минариња: „Мурат-паша“, „Игит-паша“, „Мустафа-паша“, „Алаџа“ (Исхакбегова), „Исабегова“, „Султан-Мурат“, „Балабан џамија“, „Дуќанџик џамија“. Денес постојат истите џамии, освен една: „Игит-паша“, која се наоѓаше наспроти киното „Напредок“, а која е урната пред земјотресот.

Ако денес се застане на малиот плоштад пред „Чифте-амамот“ и се погледне од пред оградата на Муратпашината џамија во правецот на Бит-пазар, ќе се забележи истото минаре од фотографијата со камилите, тоа е минарето на „Алаџа-џамија“. Така, со голема веројатност може да се утврди дека камилите се снимени на малиот плоштад со калдрма пред „Чифте-амамот“, иако, се разбира, потребни се и дополнителни истражувања. Во близината се наоѓа и познатиот „Сули-ан“, во кој газдата најверојатно ги сместил камилите. Не случајно, сите поголеми анови во Скопје имале огромни влезни порти поради стоката што била носена со камилите и другиот добиток. Исто така, не случајно плоштадот и улицата кај „Чифте-амам“ што води кон Бит-пазар, каде што се снимени камилите, денес се вика Битпазарска, бидејќи таа отсекогаш одела во насока кон пазарот. Тука некогаш течела реката Серава, која во 1896 година е покриена. Кога ќе се зголеми фотографијата, на една од зградите, зад камилите, постои табла на која на бугарски јазик е испишано „Крчмарница“. Ете, тоа беше фотографијата со камилите и една необична и интересна приказна за Старо Скопје и неговата историја.