Без маркетиншка историја нема трговија

754
Славниот хотел „Македонија“ со рекламата, пред земјотресот

Денес сме преплавени со препораки за стоматолошки ординации и дентистички услуги. А еве една таква дамнешна реклама од периодот помеѓу двете светски војни која гласи: „Чувајте ги вашите заби. Само за 15 динари – добивате заб со гаранција од 10 години. Сите други работи се обавуваат најпрецизно и најевтино. Прегледот е бесплатен. Емил Рубен – најстар специјалист во Скопје“

Во Скопје како град на трговијата, занаетчиството и индустријата, рекламата секогаш имала посебно значење за бизнисот и пласирањето на производите. Денес маркетингот е наука, но и во времињата кога не бил тоа, без него не се можело. Таа историја нa рекламирањето во Скопје е посебно занимлива и постојат безброј интересни примери за инвентивност и креативност во маркетингот, во времето пред војната, но и потоа. Не залудно е речено дека без маркетиншка историја нема трговија. Популарни рекламни слогани имало и порано, тие не се само наш изум, и изненадувале со својата фантазија и духовитост. Занаетчиството ја развивало трговијата, подоцна, индустриското производство со сите негови модерни облици го развивало специфичниот вид на тргување и рекламирање. Купувачот морал да биде придобиен на инвентивен начин, и се изнаоѓале разни форми како тоа да се постигне.

Денес е актуелно рекламирањето на здрава и макробиотичка храна, но и некогаш тоа не било поинаку. Скопје било преплавено со препораки за таквиот вид храна или специјални препарати, особено наменети за младите девојки. Тие што сакале да имаат „силна и здрава крв, силни здрави нерви и одличен апетит“. Сѐ било во едно – и здрава крв, и нерви, и апетит. Како сето тоа да се постигне? Се разбира, ако се пие „Енергин“. Препаратот „Енергин“ официјално се продавал во скопските аптеки. Едно шише чинело – 35 динари! Пред војната, и банките изнаоѓале начини како да привлечат клиенти. Некои од познатите банки делеле специјални брошури со наслов: „Секој може да стане богат“. Брошурите биле бесплатни, а внатре имало посебни упатства. Во дослух со времето и со развојот на автомобилизмот, во Скопје започнале да се јавуваат реклами за најновите модели на „форд“, увезувани главно од познатите браќа Поповиќ. Се нуделе „автомобили, патнички и товарни, за секаков вид употреба“. Потоа, автомобилски гуми, пневматични и полнети, од марката „континентал“. Се препорачувале и бензините на компанијата „Шел“.

Сакате добар и квалитетен радиоапарат? Тогаш не пропуштајте го „Телефункен“. Тој е гордост за секое семејство што ќе го поседува. Жените не можеле да одолеат на тогаш познатиот „сарај крем“, помада за негување на лицето и кожата. Тој „сарај крем“ ги надминувал сите домашни и странски белила, и замислете, турските убавици од харемите за својата убавина требало да му се заблагодарат токму на „сарај кремот“. Ако не сте многу по харемите и по турските убавици, имало и друго решение. Можело да се користи и „руски мевлем“, иако тој бил и со друга намена, лекувал акутна невралгија, како што „паксит чоколада“ ги отстранувала последиците од тешкото варење. Што се однесува до доброто варење, се препорачувале „алфа прашоци“, со чија помош самите ќе си подготвите кисела вода. Денес сме преплавени со препораки за стоматолошки ординации и дентистички услуги. А еве една таква дамнешна реклама од периодот помеѓу двете светски војни која гласи: „Чувајте ги вашите заби. Само за 15 динари – добивате заб со гаранција од 10 години.

Сите други работи се обавуваат најпрецизно и најевтино. Прегледот е бесплатен. Емил Рубен – најстар специјалист во Скопје“. Во Скопје, меѓу двете светски војни, исто така, биле хит рекламите за бонбоните „бронхи“. Едната од нив гласела вака: „Јадете бонбони бронхи, па нема да кашлате. Помала или поголема кашлица, бронхи успешно ја спречува. Производ на Унион Загреб“. Посебно била рекламирана кафеаната „Зрински“, бидејќи таа извршувала повеќе функции истовремено. Се наоѓала во Еврејско Маало, помеѓу Камени мост и стариот театар. Се рекламирала првокласна кујна, но и најновите филмови кои се прикажувале таму. „Филмовите што се даваат во киното „Зрински“ се најубави и најинтересни, произведени од најпрочуените продуценти. Фина домашна и странска кујна и најразновидни пијалаци од најдобар квалитет. Бавчата „Зрински“, веднаш покрај Вардар, им нуди на гостите пријатен одмор, свеж и чист воздух“.

Пред, но и по скопскиот земјотрес, на главните објекти на плоштадот започнаа да никнуваат светлечки реклами. Сместени главно на доминантните делови од објектите, тие му даваа посебна убавина на ноќно Скопје. Тоа беа рекламите поставени на Стоковната куќа, Ристиќевата палата, хотелот „Македонија“ (денешен „Тренд“ и „Лондон“). Но не стануваше збор само за светлечки реклами. Посебно успешни беа рекламите насликани на ѕидовите на одделни згради на плоштадот, а кои се однесуваа на продавницата „Југопластика“ од Сплит и на познатата „На-Ма“. За производите на фабриката за чоколада „Европа“ беше снимен краток филм. Познати беа и рекламите за пиво, за чевлите „Бата“ („Борово“), „Пеко“ и за штофовите „громби“ (пред војната и на оделата на „Тивар“), за женската модна галантерија на која секогаш ѝ се посветувало посебно внимание. Во чевларската индустрија конкуренти биле фирмите „Бата“ и „Пеко“. Во „Бата“, чевлите пред војната чинеле од 15 до 129 динари.

Во југословенските весници меѓу двете војни, кои доаѓале и во Скопје, пишувало: „Кој сака да заштеди, купува `Пеко` чевли“. Се рекламирале сапуните „мерима“, но и сапунот „жиралдоза“, „за интимна нега на жената, кој антисептизира и парфимира, дава вита линија, здравје и свежина“. Фирмата „Бајер“ го рекламирала „крезивал“, лек против кашлица. Се рекламирале производите на фирмите „Сименс“, „Филипс“, „Пеликан“. Тоа биле „светските стопански и маркетиншки велесили“. Првиот рекламен столб за филмови е поставен на скопскиот плоштад пред војната, а подоцна биле и тркалезните, бетонски столбови за разни реклами, плакати и случувањата на естрадата во градот.

Реклама на плоштадот на сплитската „Југопластика“, во 50-тите години