Со спортските сали во училиштата во Стајковци, Страчинци и Булачани, сите основни училишта во Општина Гази Баба добиваат услови за одржување на наставата по физичко како грижа на централната власт и на општината за младите, изјави премиерот, Зоран Заев, кој заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски и директорката на основното училиште „Кирил и Методиј” во село Стајковци, Анита Ангеловска, направија увид на училиштето каде ќе започне изградба на нова спортска сала.

„Се радуваме на стартот на изградба на спортска сала во основното училиште „Кирил и Методиј“. Кога ќе биде завршена само во сеќавање ќе останат деновите кога учениците од ова основно училиште наставата по физичко ја одржуваа во пренаменета училница или надвор, во дворот на училиштето. Со овој капитален проект конечно се решава овој проблем и учениците добиваат спортска сала според сите стандарди“, рече Заев.

Проектот за салата го подготви општината и во својот буџет обезбеди средства за почеток и изградба. Вкупната вредност на инвестицијата за изградба на салата во Стајковци е 17 милиони денари.

Салата е проектирана на површина од 430 метри квадратни со висина од 6,7 метри и во неа ќе може да се игра кошарка, ракомет, мал фудбал, одбојка, пинг-понг, гимнастички спортови. Салата располага со две соблекувални и помошен простор.

Покрај спортската сала се предвидува и изградба на дополнителна просторија за физичко и во подрачното училиште „Кирил и Методиј“ во Страчинци.