Советот на Општина Илинден на својата 44-та редовна седница ја усвои завршната сметка на буџетот на Општината за 2020 година и го разгледа и го прифати годишниот извештај за работењето на Општината во 2020 година.
Буџетот на Општина Илинден во 2020 година беше реализиран во висина од 284.579.752 денари, односно 73 отсто од планираниот буџет. Од овие приходи, 91.009.536 денари се искористени за капитални инвестиции, или 65,5 отсто од остварените сопствени приходи во годината. И покрај глобалната пандемија, Општина Илинден оствари приходи што се трети по големина од почетокот на децентрализацијата во 2005 година.

Како што информираат од Општината, од извештајот може да се види дека Општина Илинден во 2020 година реализирала повеќе капитални приоритетни проекти и покрај тешкотиите во работењето на локалната самоуправа што ги предизвика глобалната пандемија на коронавирусот. Активностите и комуникацијата се одвиваа во специфични околности, кои наложуваа дополнителни напори во реализација на планираните проекти, со кои се подобруваат условите за стопанисување, образование и детска заштита, одржлив локален економски развој, како и поквалитетен живот на граѓаните.

– Во 2020 година бевме насочени кон реализација на проекти во повеќе области, во делот на згрижување деца од предучилишна возраст – изградивме и пуштивме во употреба нов објект на детска градинка и воведовме згрижување во најмалата група „јасли“, инвестиции во подобрување на условите во образованието, подобрување на патната комуналната и енергетската инфраструктура, подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и во локалните економски зони, изградба на фекалната канализација и пречистителни станици, изградба на систем за гасификација на локалните економски зони, нивелирање и одржување на отворените одводни канали – истакна градоначалникот Жика Стојановски.