Општина Карпош и натаму дезинфицира

Општина Карпош продолжува со интензивно одржување на јавната хигиена, миење и чистење на улиците, платоата и плоштадите, како и урбаната опрема, клупите за седење, кантите за отпадоци, велосипедските паркинзи.
– Со цистерни се миеја и се дезинфицираа локалните улици во Карпош 1 и Карпош 2, а исто така се користеше и посебно средство за дезинфекција на урбаната опрема. Некои од овие активности, како миењето на улиците, станаа секојдневна работа на комуналните служби на Општина Карпош, кои во изминатиов период се интензивираа заради спречување на ширењето на коронавирусот. Локалната самоуправа деновиве врши и вонредна дезинфекција на училиштата и градинките, a се затворија и детските игралишта и спортско-рекреативни зони во Карпош. Целта е да се спречи присуство на граѓани на овие места и да се намали можноста за ширење на вирусот – информираат од Општина Карпош.
Надлежните ги повикуваат сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Да го почитуваат полицискиот час, да не се собираат во групи и да излегуваат единствено ако имаат итна потреба. Додаваат дека се интензивирани и контролите од Министерството за внатрешни работи и армијата, при што се предвидуваат казни за непридржување кон мерките.

Општина Ѓорче Петров побара дезинфекција на училиштата и градинките

Општина Ѓорче Петров побара да се изврши вонредна дезинфекција во објектите на сите училишта и градинки што се наоѓаат на нејзина територија. Од вработените во училиштата побара да си организираат дежурства.
– Училиштата во деновите што следуваат имаат обврски да обезбедат дежурства од вработените. Исто така, да обезбедат средства за хигиена и дезинфекција во доволни количества и редовно да вршат дезинфицирање на главните и споредните влезови, просториите што ги користи обезбедувањето и просториите на дежурните вработени – велат надлежните од Општина Ѓорче Петров.