Фото: Дарко Андоновски

Аквапаркот, кој е во состав на СЦ „Борис Трајковски“, утре официјално ќе ја почне новата летна сезона. Отворањето е закажано за 10 часот, од кога повторно ќе бидат отворени вратите за посетителите, кои ќе можат да уживаат во новите содржини и летните лудории што ги нуди ова рекреативно место во градов. Граѓаните ќе можат да се забавуваат на десетте атрактивни тобогани, потоа на базенот со бранови, бумерангот, а за најмладите тука е и детскиот базен. Годинава ќе има и ново детско катче за забава во песок. Влезницата ќе чини 300 денари, а посетителите ќе плаќаат и депозит од 100 денари, кој потоа им се враќа.

Од „ВИП-аквапарк“ велат дека е воведена и полудневната карта.
– Новитет е и полудневната карта, која ќе може да ја користат сите што во текот на денот се на работа, а сакаат да се релаксираат во попладневните часови. Водата во сите базени е збогатена со калциум хипохлорит, што ја прави најчиста, најквалитетна и најбезбедна по сите светски стандарди и е единствена од таков тип во нашата држава – информираат од „ВИП-аквапарк“.

Оттаму додаваат дека покрај стандардните содржини за капење и уживање, во текот на вечерните часови ќе се организираат и забави, а просторот ќе може да се изнајмува и за уникатни прослави, родендени, момински и ергенски вечери.