Овластениот комунален инспектор и овластените комунални редари на општина Кисела Вода во текот на последниот квартал од годинава изрекле 10 парични казни во висина од 50 евра во денарска противвредност за прекршоци сторени согласно Законот за јавна чистота (оставање на градежен материја, оставање на ѓубре како и продажба на земјоделски производи на јавна површина).

Како што информираат од општината, извршени се повеќе контроли во однос на палење оган на јавна површина при што на физичките лица им се изречени опомени. Воедно, извршени се и инспекциски надзори на градилишта при што е констатирано дека товарните моторни возила редовно ги чистат тркалата при влегување во сообраќај.

-Овластените инспектори за животна средина при општина Кисела Вода во текот на последниот квартал од тековната година вршеа редовни инспекциски надзори и инспекциски надзори по добиена пријава од граѓани. Од извршените инспекциски надзори, после утврдена неправилност, издадени се две решенија со задолжување за отстранување на неправилност. Согласно закон, извршени се едукации кај правните субјекти, после утврдената неправилност. Во овој период не е поведена ниту една прекршочна постапка – велат од општината.

При вршењето на инспекциските надзори, согласно надлежностите на овластените инспектори, додаваат, акцент беше ставен на контрола кај механичарските работилници на собирањето и предавањето на отпадното моторно масло кај овластени постапувачи. Исто така, се вршеше контрола на сендвичарници, ресторани и други објекти кои имаат обврска за собирање на отпадното масло за готвење и негово предавање кај овластени постапувачи. При секојдневното вршење на инспекциските надзори од страна на овластените инспектори за животна средина усно им се укажува на правните и физичките лица за недозволените средства за затоплување кои негативно влијаат врз квалитетот на животната средина.

Според најавите од општината, од 15 декември ќе се почне со сменско работење на комуналните редари со цел да се обезбеди постојан мониторинг на критичните точки во општината и ќе се продолжи со инспекцискиот надзор на правните субјекти и физичките лица.