Фото: Игор Бансколиев

Таканаречениот вечен оган на Споменикот на паднатите херои за Македонија во паркот „Жена-борец“ е изгасен. Скопјани прашуваат кој и зошто ги изгасна пламените на огнот, кој се грижи за спомениците во градов и зошто се дозволува тие да бидат цел на негрижа и вандализам. Градските власти, пак, смируваат и тврдат дека вечниот оган не е вечно изгасен, туку дека станува збор за технички проблем, кој набргу ќе биде отстранет.

– Во согласност со одлуката на советот на градот Скопје за воспоставување соработка помеѓу градот Скопје и општината Центар, заради отстапување на чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на спомен-обележјата на подрачјето на општината Центар во Скопје, донесена во 2013 година, градот Скопје ја презеде надлежноста за одржување на спомениците од проектот „Скопје 2014“. Покрај градот, во согласност со Законот за локална самоуправа, и самите општини може да донесат програми за поставување спомен-обележја и споменици на нивната територија, а за нив се задолжени општините. За Споменикот на паднатите херои за Македонија е извршен увид на терен, увидено е дека станува збор за проблем од техничка природа и даден е налог за негова исправка – ни одговорија од градот Скопје.

Инаку, вечниот оган на овој споменик првпат беше запален на 8 Септември, на Денот на независноста, во 2012 година и оттогаш не беше изгасен. Споменичното здание, пак, на паднатите херои за Македонија беше изградено во чест на сите знајни и незнајни борци и херои што го положиле животот за Македонија. Автор на Споменикот на паднатите херои, чија изработка чинеше 1,7 милион евра, е скулпторот Томе Аџиевски.

Скопјани неодамна беа вознемирени и од уништувањето на спомениците во градов. Цел на вандали беа споменици на борците од Народноослободителната борба. Уништена беше бистата на хероината Вера Циривири-Трена во истоименото училиште, потоа плочата на споменикот на децата бегалци, во паркот „Жена-борец“, како и бистите на Коле Неделковски во истоименото училиште, на Владо Тасевски, на Дане Крапчев во Карпош. Освен граѓаните, на оваа појава остро реагираа и од Сојузот на борците, од каде што побараа да се заштитат и обноват уништените споменици.