Бутелчани цела зима повеќе пешачат по коловозот Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многупати досега и на голем број локации во градов се случувало да се започнат некакви градежни зафати на сообраќајници или тротоари и да траат со месеци. Раскопаните улици секојдневно им ги попречуваат нормалното движење и сообраќање на граѓаните, а секако тоа им создава и нервози. Имало и примери кога веќе изградени улици и тротоари, повторно се раскопуваат било заради поставувањето некакви инсталации што претходно не биле испланирани, било заради некакви нови планови. Ваквите реконструкции не значат само нервози за граѓаните туку и опасно движење по тротоарите и коловозите, но и трошење дополнително време и граѓански пари за сето тоа. Но, како што велат упатените, адресата за апел не е само градот туку во голем дел и градските општини.

Неодамна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави дека градот Скопје ќе донесе нов правилник за издавање дозволи за вршење прекопи на улиците и дека во иднина ќе има заострени критериуми за добивање дозвола за вршење прекопувања. Исто така ќе се постават и повисоки критериуми за начинот на кој ќе се вршат овие прекопувања, како и скратени рокови за завршување на градежните активности. Ова веројатно ќе им ги скрати маките на скопјани, кои постојано се судираат со проблемот на раскопани тротоари и улици, а некои дури и по неколкупати за краток временски период. Градоначалникот вели дека на ваквите проблеми мора да им се стави крај.
Минато лето, на пример, беа извадени павер-елементите на штотуку поплочените тротоари на улицата 11 Октомври во Кисела Вода, а голем дел од летото граѓаните прескокнуваа преку дупки и купишта павер-елементи, додека потоа тротоарите не беа асфалтирани. Според тогашните информации од надлежните, павер-коцките беа заменети со асфалт за побезбедно сообраќање на велосипедистите, бидејќи асфалтот е помазен.
Од минатото лето раскопани останаа тротоарите на улицата Бутелска во општината Бутел, а градежните работи сѐ уште не се завршени. Тоа, секако, им претставува голем проблем на граѓаните, затоа што најпрво сообраќајот се одвива само по една коловозна лента, а тротоарите се затворени за пешаците, па тие се принудени да се снаоѓаат од каде да поминат. Животот на бутелчани дополнително ќе им се искомплицира наредниот месец, бидејќи градот веќе најави дека од март ќе започне со реконструкција на улицата Александар Урдаревски, од кружниот тек со улицата Боца Иванова, до улицата Бутелска.

Ист проблем имаат и пешаците што поминуваат по улицата Теодосиј Гологанов, затоа што и на оваа сообраќајница некаде од крајот на август и почетокот на септември минатата година беа извадени павер-коцките од тротоарите, а градежните работи се во мирување. По должината на улицата од автобуската постојка на линијата со бројот „5“ кај Министерството за економија до продажниот центар на „Веро“ е речиси невозможно да се пешачи по тротоарите, па пешаците во одредени делови се принудени да пешачат по коловозот.

– Навистина е ризично да се оди по коловозот на толку фреквентна сообраќајница како што е Теодосиј Гологанов. Тротоарите на улицата останаа раскопани со месеци и, наместо ваквите градежни работи брзо да се одвиваат, тие се влечкаат. Водат ли воопшто сметка надлежните за нас граѓаните, бидејќи секојдневно по оваа сообраќајница се изложуваме на ризик? Нема каде да се помине, остана само чакалот на тротоарите, а во некои делови мораме да се движиме и по коловозната лента на улицата додека покрај нас поминуваат автомобили – вели Наде Иванова, жителка од Капиштец.

Ги прашавме во градот зошто толку долго останаа раскопани тротоарите на градската сообраќајница Теодосиј Гологанов и каде ќе завршат павер-коцките. За нивното местење се потрошиле пари, а сега повторно ќе се вложат нови средства за асфалтирање на тротоарите.

– На посочената локација се изведуваа градежни работи од страна на ЕВН. По завршувањето на нивните работи, градот Скопје изврши проширување, каде што сега ќе се добијат и поголема пешачка и велосипедска патека. Градежните работи се прекинати поради временските услови и штом тие ќе дозволат, ќе продолжат. Новата пешачка и велосипедска патека ќе бидат направени од асфалт, а бекатонот ќе биде отстранет и складиран од страна на ЈП „Улици и патишта“, каде што тие ќе одлучат на која локација да го постават – одговорија од градот.

Неодамна градот се огласи и со известување до јавноста за планот за реконструкции на сообраќајници за годинава, како и за други објекти за оваа година.

– Градот Скопје на 12.2.2019 година испрати допис до сите државни институции, претпријатија и поголеми компании, каде што се наведени сите сообраќајници и објекти на кои се предвидени градежни активности во 2019 година. Во дописот ги потсети државните институции, претпријатијата и компаниите дека по завршувањето на градежните работи на објектите нема да бидат дозволени попречни и надолжни прекопи на сообраќајницата во наредните три години, сметано од денот на технички прием на објектот. Поради овие причини, доколку постои потреба од поставување некакви инсталации или друг вид градежни интервенции на посочените сообраќајници, потребно е да се поднесе барање до градот Скопје за координирање на понатамошните активности – стоеше во информацијата од градот.

Ако ова децидно се примени, тогаш навистина скопјани, барем за три години, ќе бидат спасени да ги гледаат раскопани по неколкупати истите улици. Надлежните треба да внимаваат и на тоа за колку време еден објект ќе може повторно да биде подложен на нови градежни активности.

Пешаците тешко се движат по чакалот на Гологанов
Фото: Маја Јаневска-Илиева