Една од отровните змии што ги имаме е поскокот, змија што ја има насекаде. Во Скопје, во урбаните средини, речиси ја нема, меѓутоа ја има во парковите, на Водно, Гази Баба, Скопска Црна Гора. Она што го препорачуваме ние е при посета на овие места секогаш да се носат високи и дебели чевли, над глужд, бидејќи и да се обиде змијата да касне, нема да успее затоа што ќе се одбие од чевелот, вели Драган Арсовски, доктор по биолошки науки, член на Македонското еколошко друштво

ВНИМАТЕЛНО ПРИ ПРОШЕТКИТЕ НА ИЗЛЕТНИЧКИТЕ МЕСТА И ПАРКОВИТЕ

Кога е времето топло, секој жител на Скопје, несомнено, сака секој слободен миг да го искористи за прошетка и рекреација на околните излетнички места со своите најблиски. Водно, Матка, „Марков манастир“ и Скопска Црна Гора се најчестите места каде што за викендите фреквенцијата е поголема поради слободното време на граѓаните на метрополата. Сепак, секој рекреативец што сака да ги посетува овие места, а особено оние што шетаат со домашни миленици и мали деца треба да бидат особено внимателни во овој период, кога нагло се покачуваат температурите, бидејќи тоа се најчестите локации од каде што демнат големи опасности.

ЗМИИТЕ И РЕАЛНАТА „ОПАСНОСТ“ ОД НИВ

Од своите домови на убавото време не излегуваат само скопјани туку и животинките, инсектите и влечугите. Бидејќи социјалните мрежи се преполни со фотографии од излетничките места што ги посетиле граѓаните, „Нова Македонија“ направи анализа на реалните опасности што може да се случат доколку граѓаните не бидат доволно внимателни при посетата на овие места.
Најчесто, само што ќе се спомене името на змијата, многумина ги лазат морници и реагираат со гадење. Најнепосакуваната влечуга е токму таа и речиси нема поединец што би сакал да се види лице в лице со неа. Змиите дефинитивно се едни од најомразените суштества, можеби и крајно неоправдано, бидејќи нивното излегување на отворено, во урбаните средини, е крајно инцидентно. Ни тие не би сакале да се најдат со луѓето и тие сакаат да живеат во својата природна средина.
Сепак, експертите велат дека во Скопје, особено во урбаните средини, нема отровни змии, па воопшто не треба да се плашиме од нив, ниту да креваме паники.
Според нив, кај нас има 16 вида змии, а само три вида од нив се отровни.
– Една од отровните змии што ги имаме е поскокот, змија што ја има насекаде. Во Скопје, во урбаните средини, речиси ја нема, меѓутоа ја има во парковите, на Водно, Гази Баба, Скопска Црна Гора. Она што го препорачуваме ние е при посета на овие места секогаш да се носат високи и дебели чевли, над глужд, бидејќи и да се обиде змијата да касне, нема да успее затоа што ќе се одбие од чевелот – вели Драган Арсовски, доктор по биолошки науки, член на Македонското еколошко друштво.
Според него, кога шетаат на вакви места, граѓаните треба да имаат широко отворени очи, бидејќи поскокот многу добро се камуфлира и може да биде тежок за препознавање, затоа што и тој е плен за птиците.
– Граѓаните да бидат внимателни кога шетаат со своите деца и миленици, бидејќи тие сакаат да истражуваат. Јас кога истражувам, секогаш носам дебели ракавици за заварување, бидејќи поскоците имаат мали заби и не можат да ги пробијат ракавиците, затоа што тие се со подебел материјал. Важно е да се знае дека поскоците сами не напаѓаат. Тие напаѓаат во случај да се чувствуваат загрозено, па и во тој случај, чекаат не напаѓаат први, освен ако посегнеме по нив – вели Арсовски.

ШТО АКО ВЕ КАСНЕ ПОСКОК?

Според него, отровот од овие змии најчесто е безопасен, односно поскоците не секогаш пуштаат доволно количество отров.
– Вообичаено, пуштаат отров кога го јадат пленот, ако не го изедат, немаат потреба од толкаво количество отров. Секако, сето тоа зависи од тоа колку змијата се чувствува загрозено. Влијанието на отровот врз човекот, доколку биде каснат, исто така зависи од многу фактори – од самиот човек, од змијата, од сезоната. Вообичаено, каснатото место се подува, отекува, се случуваат некроза на ткивото, треска, гадење и температура – потенцира експертот за змии.
На прашањето дали во земјава има противотров, односно дали доколку некој од граѓаните биде каснат од змија би добил соодветна терапија со противотров, тој вели дека не е сигурен, но нагласува дека имало противотров во Битола, односно во битолската болница.
– И со противотровот мора да се биде претпазлив, бидејќи не секоја состојба бара давање противотров. Овој противотров што го имаме тука, најчесто им се дава на коњи и може да пројави алергија кај луѓето. Тоа треба да го провери доктор, со мали количества, за да не се појави алергиска реакција – нагласува Арсовски.
Тој вели дека многу е важно, доколку се случи каснување од змија, во таа паника и еуфорија, да се забележи каква е змијата, па дури, ако постои можност, и да се фотографира, за докторот да знае со што точно има работа.
– И смоковите касаат, но тие знаат на местото да пуштат малку крв и, вообичаено, на местото на каснувањето се познава вилицата на смокот. Кај поскоците, доколку каснат, се познаваат две дупчиња од забите на змијата. Кај многумина, при каснување се случува адреналинска реакција, која знае да пројави симптоми на отров, а змијата воопшто да не е отровна или, пак, да не пуштила отров. Доколку во тој случај се земе од серумот, односно од противотровот, може да се случи поголема негативна реакција, отколку воопшто да не се земе. Вообичаено, каснувањето може да даде и реакција на каснато од пчела, оса или стршен – вели тој.

ИМАМЕ ЛИ ВО МАКЕДОНИЈА ОТРОВНИ ПАЈАЦИ

И покрај тоа што змиите не ни се нешто непознато, бидејќи факт е дека ги има низ градот, околината, па и низ цела земја, скопјани можат да здивнат кога станува збор за други опасни инсекти.
Според експертите, во Скопје и околината нема отровни пајаци ниту, пак, други инсекти и животинки.
– Во Скопје и околината нема отровни пајаци ниту, пак, инсекти од кои треба да се плашиме. Скорпии има, но и тие не се отровни, речиси исто е како каснувања од пчели, оси и комарци, тоа воопшто не е ниту отров – смета Марјан Комненов, биолог, експерт за пајаци.