Фото: Општина Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, амбасадори и други гости, денес присуствуваа на поставувањето на темелите на новата детска градинка во населбата Пролет.
Оваа градинка ќе биде првата која ќе се изгради во оваа центарска населба и прва воопшто во Општина Центар по повеќе од 50 години. Изградбата на градинката е целосно финансирана од Општина Центар и ќе чини 154.243.997 денари или околу 2,5 милиони евра.
– Со изградбата на оваа градинка овозможуваме децата кои се на листите на чекање за прием во детските градинки во другите населби, да влезат во воспитно-образовниот систем и да се подготват за образовниот процес. Воедно, им помагаме и на младите родители згрижувајќи ги нивните дечиња но и создаваме услови за нови вработувања – изјави Герасимовски.
Новата градинка ќе се простира на вкупна бруто површина од 3.276 метри квадратни, со капацитет за згрижување на 150 деца, ќе има 9 занимални и ќе биде најголемата детска градинка во државата.

Фото: Општина Центар

-За нас инклузивноста во образовниот процес е особено важна, затоа во градинката „Пролет“, имаме надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост во движењето. Исто така ќе биде изграден и лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето, покрај едното скалишно јадро. Особено важно е што градинката ќе располага и со просторија за лекар со изолација за дете и просторија за стручни соработници. Предвидена е и изградба на кујна само за потребите на градинката, со што децата ќе добиваат свежо приготвена и здрава храна – додаде Герасимовски.