Почна процесот за изградба на ново основно училиште во населба Визбегово во општина Бутел со капацитет за над 500 ученици.

– Со изградбата на овој модерен училишен објект во чиј состав е предвиден и простор за рекреација и спортување, се одговара на долгогодишните потреби и барања на жителите од населбата. Со изградбата на новото училиште ќе се надополнат и потребите за економски развој на овој дел од градот – велат од Министерството за образование и наука.

Склучениот договор за изведување на градежните работи за изградба на објектот е во висина од 106.590.812,00 денари со ДДВ , а рокот за реализација на договорот се предвидува да биде 18 месеци. Вкупната површина на градежната парцела е 12.029 м2.

Градоначалникот на општина Бутел изјави дека процедурата за изградба на учиштето ја почнала општината во 2014 година. Тогаш како советник, рече Костовски, гласав за отпочнување на целата постапка а денес како градоначалник во соработка со МОН ќе изградиме ново општинско основно училиште во Визбегово.

– Направивме увид на градежната парцела каде наскоро започнуваме со градежни активности и поставување на камен темелник. Како Општина Бутел во најбрз рок ќе ги обезбедиме сите потребни работи за непречено одвивање на градежните активности – рече Костовски.